Младите не бегаат од Македонија само поради лошата економија
Подготвил:
Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Со емиграцијата, која е присутна, реално е да се очекува помал број на жители во земјава
Младите од Македонија не се иселуваат од економски причини. Девалвацијата на вредностите во општеството во кое живееме, големата партизација, неажурноста на институциите, лошата животна средина се главните причини за емиграција, вели д-р Билјана Апостоловска-Тошевска, професорка на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Иако демографијата не е во фокус на нејзините научни истражувања, таа на студентите им предава социоекономска географија на Република Македонија, каде што се дава една општа слика за сите социоекономски карактеристики на земјава.
Проф. д-р Билјана Апостоловска-Тошевска
Пописот на населението е еден од проблемите со кои се соочува државава веќе 17 години. Последниот попис е спроведен во 2002 година, а поради вонредните парламентарни избори закажани за 12 април, пописот кој требаше да се одржи годинава е одложен за наредната година. Но, додека не се спроведе пописот, точната бројност на населението не може да се утврди.
- За жал, попис во земјава не е спроведен од 2002 година и тоа е голем проблем кој ги доведува под знак прашалник точноста на анализите и постапките во планирање и уредување на просторот, градење на социјалните и економските политики за рамномерен регионален развој и слично - вели Апостоловска-Тошевска.
Кога најмногу се зголемило населението?
Таа објаснува дека најбрзо темпо на раст на населението во Македонија имало од 1948 година (кога е спроведен првиот попис по Втората светска војна) до 1953 година со просечно годишно 30.306 жители. Главна причина бил природниот прираст. Статистиката вели дека низок годишен пораст е евидентен во меѓупописниот период од 1953 до 1961 година. Во следните периоди поголемо зголемување е евидентирано помеѓу 1971 и 1981 (од 1.647.308 на 1.909.136 жители).
Во 1994 година населението во Македонија броело 1.945.932 жители кога е применета нова методологија за спроведување на пописот - во вкупното население не се вклучени жителите од Македонија кои за време на пописот престојувале во странство повеќе од една година. По истата методологија е спроведен и пописот во 2002 година, кога се евидентирани 2.022.547 жители.
Неофицијално 600.000 државјани на Македонија живеат во странство
- Причините за вака нискиот пораст, покрај новиот начин на изведување на пописот, се постојаното опаѓање на природниот прираст и интензивната миграција во странство. Според процените на Државниот завод за статистика, заклучно со 2018 година во земјава живеат 2.077.132 жители. Но, само со реализирање попис можеме да добиеме точни сознанија. Со емиграцијата, која е присутна, реално е да се очекува помал број на жители во земјава - вели Апостоловска-Тошевска.
Кога одливот на население е голем, почнуваат проблемите
Според неа, додека не се спроведе официјален попис во земјава, нема да можеме да добиеме вистински податок колку луѓе се иселиле од земјава во последните 10 години.
Единствено податоци можат да се добиjат од странските извори на податоци (Светска банка, ОЕЦД, Евростат итн.). Во јавноста продефилираа многу бројки. Се споменува вкупна бројка од околу 600.000 државјани на Македонија што живеат надвор од земјата.
- Но, останува да почекаме до 2021 година кога се очекува спроведување на пописот на населението за да ги добиеме реалните бројки. Иако најчесто се споменуваат економските причини за иселување, не можеме да речеме дека тие се главниот мотив. Многубројни се примерите за иселување во странство и на лица што и во земјава се економски ситуирани. Кон емиграцијата на младите луѓе придонесуваат и појавата на девалвација на вредностите во општеството во кое живееме, големата партизација, неажурноста на институциите, лошата животна средина и слично - децидна е Апостоловска-Тошевска.
Упатените велат дека кога ќе почне оваа појава, многу тешко се сопира. Постојат ли механизми да се нормализира оваа состојба? Според Апостоловска-Тошевска, во денешно време нормално е да се очекува луѓето да заминуваат во странство по подобра заработка и подобри услови за живот. Но, кога тоа се одвива со поголема брзина и поголем одлив на младо работоспособно население, проблемите се евидентни.
- Наједноставен начин е да се се стремиме кон отстранување на причините за заминување и да создаваме квалитетно општество во сите сегменти. Првичните чекори треба да бидат кон вреднување на знаењето, вештините и искуствата што луѓето овде ги поседуваат без потреба од нивна партиска наклонетост и определба. Потребно е да се работи на приоритети кои им се важни на граѓаните на Македонија: економска и социјална стабилност и здрава животна средина. Потребно е да се менуваме сите на подобро, да ги менуваме навиките за свое добро, за добро на општеството во кое живееме и за идните генерациите, пред кои имаме обврска да им оставиме подобро место за живеење - вели Апостоловска-Тошевска.