Колку вакцината против Ковид-19 ќе биде ефикасна и кај пациенти со прекумерна тежина?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Кога истражувачите почнаа да го развиваат она што се надеваа дека ќе биде ефективна вакцина против Ковид-19, тие веќе знаеја дека грипот Х1Н1 - нов вирус, како Ковид-19 - повеќе ги погодува пациентите со прекумерна тежина или дебелина. Пациентите со индекс на телесна маса од 30 или повеќе имале поголем ризик од хоспитализација и смрт од Х1Н1.
Ова не е првпат да се најде ваква врска. Истражување од 2017 година на Универзитетот во Северна Каролина, во Чапел Хил, открило дека вакцината против грип е помалку ефикасна кај пациенти што имаат вишок тежина. Ова истражување вклучувало само 1.022 учесници, но и други помали истражувања покажуваат слични резултати.
Сега, кога е создадена вакцината против Ковид-19 и тестирана на повеќе од 40.000 пациенти, лекарите и истражувачите внимаваат на наодите од Х1Н1. Особено затоа што голем дел од јавноста сака да знае дали вакцините ќе бидат еднакво ефикасни и кај пациентите што имаат вишок тежина? Првичните податоци даваат потврден одговор, но потребни се дополнителни податоци откако ќе се вакцинираат и други пациенти.
Што вели истражувањето?
Одговорот на ова прашање е клучен. Возрасни пациенти што имаат вишок тежина се меѓу најпогодените од Ковид-19. Податоците за испитувањата на вакцините „Фајзер“ покажуваат дека 70 отсто од учесниците во испитувањето на „Фајзер“ за вакцината биле со
прекумерна тежина.
Ковид-19 создава прилично тешка клиничка слика кај луѓето со прекумерна тежина, особено кај помладите пациенти. Првично лекарите сметаа дека помладите пациенти како целина имаат помал ризик од тешки компликации поради нивната возраст. Но, за луѓето помлади од 50 години што имаат прекумерна тежина, дебелината го исфрла заштитниот ефект на возраста.
Вакцината против Ковид-19 ветува бидејќи ги активира имунолошките клетки Б и Т, клучни за долгорочна заштита од вируси. Активноста и нивоата на Б-клетките се покажаа пониски и кај глувците и кај луѓето што имале прекумерна тежина.
Фото: Freepik
Овие имунолошки клетки можат брзо да создадат нови антитела дури и ако нивото на антитела падне со текот на времето и ако има останато од претходните вакцинации. Антителата го блокираат вирусот да навлезе во клетката и да ја инфицира, а Б и Т-клетките ги уништуваат клетките заразени со вирус и спречуваат понатамошна репликација на вирусот и негово ширење низ другите клетки. Но, ова можеби не функционира кај луѓето со прекумерна тежина. Истражувачите веруваат дека дебелината негативно влијае врз функцијата на имунолошкиот систем.
Иако пациентите со прекумерна тежина можат да произведат соодветни антитела, повеќе истражувања покажуваат дека тие имаат пониско ниво од она на Б и Т-клетките по инфекција со Х1Н1. Ова може да го смени типичниот имунолошки одговор, оставајќи го телото еден чекор назад по инвазијата на вирусот. Важно прашање е дали овој изменет имунолошки одговор е присутен и по инфекција со Ковид-19. И поради ова сакаме да знаеме дали вакцината ќе биде ефикасна кај пациенти со прекумерна тежина.
Дури и со оваа загриженост пациентите со прекумерна тежина сепак треба да примат вакцина. Дури и кај оние пациенти со прекумерна тежина што ќе ја примат, а сепак ќе заболат, има речиси 40 отсто намалување на хоспитализацијата и 82 отсто намалување на можноста да завршат на интензивна нега.
Однесување што ќе помогне
Две работи можат да ги охрабрат луѓето со прекумерна тежина да вежбаат и да ги подобрат навиките во исхраната: претходните истражувања покажуваат позитивна поврзаност помеѓу редовното вежбање пред примањето вакцина и одговорот на вакцината, произведувајќи до четирипати повеќе антитела откако ќе бидете изложени на вирус или бактерија.
Ова значи дека антителата се повисоки кај оние што вежбале пред примањето на вакцината наспроти оние што не вежбале. Исто така, се чини дека видот и количината на вашите цревни бактерии можат да влијаат врз одговорот на вакцината. Храната што содржи пребиотици и пробиотици може да помогне при оваа и друга превенција и третман на болести. Пребиотици може да се најдат во јачменот и лукот, додека јогуртот, киселата зелка и некои сирења содржат пробиотици.
Извор:
Discovermagazine.com
Фото: Freepik