„Никој не споменува политика, сите се пријателски настроени кон мене“, вели студентката Ивана Настеска, која е на Еразмус-размена во Бугарија

„Никој не споменува политика, сите се пријателски настроени кон мене“, вели студентката Ивана Настеска, која е на Еразмус-размена во Бугарија

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Еден семестар студира на Педагошкиот факултет во Стара Загора, престојува во студентски дом и е презадоволна од сместувањето.

Ивана Настеска од Прилеп, студентка во четврта година на Педагошкиот факултет во Битола, на насоката Социјална и рехабилитациска педагогија, веќе шести месец преку Еразмус-размена студира на Педагошкиот факултет во Стара Загора, Бугарија. Проектот е овозможен преку нејзиниот матичен факултет, а размената дозволува можност студентите да поминат еден семестар на друг универзитет во држава која сами ја избираат. Поради близината, Настеска ја избрала Бугарија и вели дека не погрешила зашто е многу задоволна од престојот, односот на професорите и студентите. Иако политичките односи меѓу двете држави се нарушени, никој не ја вознемирува со политички коментари.



Младите не ги интересира политика

- Во овие шест месеци немав ниту едно негативно искуство, бев во контакт со огромен број студенти, професори, координатори и декани кои во ниеден момент на споменаа нешто за политичките конфликти. Бев пречекана на прекрасен состанок во салата на Факултетот каде што присуствуваа сите членови и органи на Управата од факултетот. Сите беа пријателски настроени кон мене, добивав многу повеќе внимание од другите студенти бидејќи овој семестар бев единствен студент - посетител надвор од нивната држава и плус не го зборувам бугарскиот јазик најдобро. Секогаш беа расположени и професорите и колегите да ми објаснат и да ми помогнат за што било. Забележав дека младите не ги интересира политиката и сите како студенти се насочуваме да разговараме за позитивни теми - вели таа.



Во Стара Загора пристигнала пред шест месеци, но подготовките започнале доста порано. Лани била спроведена селекцијата на кандидати, а потоа следувал периодот на аплицирање и стапување во контакт со координаторите од Универзитетот каде што студентот треба да студира, па апликација за виза и други неопходни документи. Критериуми за изборот биле висок просек, познавање на англискиот јазик или јазикот кој е официјален во државата на престој, како и претходно искуство со други вакви проекти. Главната цел е стекнување знаења и искуства кои ги добиваат студентите, како и јакнење на врската помеѓу двата универзитета.



Престој во студентски дом за 40 евра, а условите се како дома

- Сместена сум во студентски дом со услови кои би ги споредила со сопствениот дом. Се забележува трудот што е вложен сето тоа да изгледа толку добро, но и студентите се свесни дека треба да го чуваат инвентарот и се грижат сѐ да остане во најдобра состојба за наредните студенти што треба да се вселат по нив. Наемнината е 80 лева (40 евра) месечно, што сметам дека е доста поволно за студенти. Презадоволна сум од персоналот што работи во домот, од местоположбата, едноставно немам никаква замерка - вели Ивана.

Посочува дека животот во Бугарија е поскап отколку кај нас. Но, сепак, цените не се толку високи како во други европски метрополи, па да бидат недостижни за наши студенти.



- Станува збор за држава што е членка на ЕУ и секако стандардот е повисок и цените не се исти. На пример, лебот чини околу 60 ден., кафе околу 120 ден., градскиот превоз е 45 ден. во еден правец. Јас како студент добро се справував со трошоците. Бев корисник на стипендија која ми ја овозможи Еразмус+ и ми помогна да немам никакви финансиски проблеми додека сум на размена - додава студентката.

Има студенти од цела Македонија

Престојот го искористи и за да прошета и да види повеќе дестинации низ Бугарија. Ги посетила Пловдив, Асеновград, Карлово, Сопот, Бургас, Софија и Варна. На повеќето од овие дестинации патувала со воз. Вели дека железничкиот сообраќај функционира доста добро и има голем број патници што го користат. Најмногу ѝ се допаднал Бургас бидејќи излегува на море, а најмалку Софија поради студеното време и лошиот сообраќај.



Пред дваесетина години Бугарија беше студентска мека за Македонците. Тогаш стотици наши студенти таму ги завршуваа факултетите и се здобиваа со дипломи. Сега бројката не е толку голема, но сепак сѐ уште има македонски студенти што дипломираат во Бугарија.

- Бројката на наши студенти во Бугарија секоја година сѐ повеќе се зголемува. Од Прилеп јас лично познавам околу 25 студенти што студираат низ Бугарија, а ги има уште многу од другите градови. Се запознав со студенти од Делчево, Кратово, Берово и Охрид. Нивните искуства се прекрасни и сите се презадоволни. Најчесто студираат на Медицинскиот и на Ветеринарниот факултет, но има и такви што одбрале други факултети. Секако дека се дружевме, непроценливо е да имаш секојдневна комуникација со некој на мајчиниот јазик – вели Настеска.



Преку размените до пријателства од цела Европа

Ова е петти меѓународен проект на Ивана и е најсериозен досега. Веќе била во Швајцарија, Германија, Полска, Србија и Австрија, но не сите проекти биле организирани од Еразмус. Првпат преку Еразмус-проект уште како средношколка била во Полска. Вели дека ваквите размени ѝ овозможиле да стекне пријателства низ цела Европа.

- Преку овие проекти, покрај тоа што се запознаваш себеси, откриваш дека си добар или не толку добар во нешто, се запознаваш со нови култури, пробуваш нови јадења, стекнуваш нови искуства и добиваш непроценливо важни спомени. Добиваш и едно различно гледање на светот и луѓето. Преку овие проекти се стекнав со пријатели и познајници од цела Европа, а особено со пријатели од балканските земји со кои одржувам контакт прилично често. Ова искуство му го препорачувам на секого, едноставно не постои личност која треба да има кочници за да се пријави и да биде дел од ваков проект. Прекрасно е - заклучува Ивана.



Фото: приватна архива