Џозеф Џентл се занимава со
програмирање од својата 20. година, а покрај тоа одржал и над 1000 предавања по програмирање и сега води повеќе едукативни програми во оваа област. Во својата богата кариера стекнал многубројни искуства и се запознал со различни почетници.
Ви претставуваме некои од неговите совети и насоки кои би требало да ги применувате доколку сакате успешно да се занимавате со оваа професија.
Програмирањето е тешко ако не го учите правилно
Без разлика на тоа колку сте добри во оваа работа, единствена работа што може да ве забавува е вашата способност за учење и решавање проблеми. И колку сте подобри во работата, толку поголем проблем може да стане тоа. Ако не сте подготвени постојано да учите и да работите, со текот на времето програмирањето може да ви стане сè потешко, наместо да биде обратно.
Затоа, учете постојано. Освен што ќе ви користи, знаењето ќе ви ја направи работата уште поинтересна. Секогаш можете да научите нешто ново, што може да ви даде уште повеќе можности да си играте со кодовите. Ако само ги препишувате, постои голема шанса работата набрзо да ви здосади.
Фрустрациите се составен дел од работата
Програмирањето може да биде и едно од најфрустрирачките нешта што ќе ги работите. И тоа е сосема нормално во оваа професија. Процесот на програмирање обично се состои од тоа што се обидувате нешто да решите, се нервирате, се трудите, се враќате чекор назад, поправате... Но на крајот секогаш доаѓате до резултат и тоа е тоа што ве прави среќни и задоволни.
Таа фрустрација е нормална и никогаш нема целосно да исчезне. Како што ќе станувате подобри во работата, така ќе се соочувате со сè потешки проблеми. Но фрустрирачкото чувство ќе исчезне секојпат кога ќе решите некој проблем и ќе се претвори во задоволство. Затоа, добро е што побрзо да се навикнете на тоа и да го прифатите како дел од работата.
Повеќето проблеми сигурно имаат решение
Без разлика на тоа колку фрустрирачки можат да бидат вашите проблеми, речиси секогаш постои решение. Што повеќе напредувате во учењето на оваа работа, толку побрзо и полесно ќе се снаоѓате и ќе ги решавате проблемите. Меѓу другото, и затоа што со текот на времето ќе изградите мрежа на луѓе со кои ќе соработувате и кај кои ќе можете да се обратите за помош.
Затоа, од почетокот трудете се да стапите во контакт со што поголем број програмери. Преку разни форуми, социјални мрежи или лични познанства ќе допрете до многу луѓе кои се подготвени да ви помогнат.
Програмирањето се учи, но и се вежба
Важно е да знаете дека првиот час по програмирање ќе ви се разликува од десеттиот, а десеттиот ќе ви се разликува од стотиот. Програмирањето не е само прашање на знаење, туку и на практика и вежбање. Поради тоа, многумина го нарекуваат „компјутерски спорт“. Важно е да ги знаете техниките и правилата, но без постојан тренинг и практична работа не можете да напредувате.
Програмирањето е вистинска магија
А вие сте волшебник. Размислете за тоа – учете и времето поминувајте го со книги и вежби за да ја создадете магијата. Волшебниците својата магија ја споделуваат со другите, за да имаат сите корист од неа. Програмерите можат да им го олеснат животот на другите, да создадат чудесни уреди кои секој ќе може да ги користи. Уредите што ги користиме денес немаше да постојат да не постоеше програмерската магија.
Користете интернет
Секој проблем што го имате при изработката на програмата сигурно го имале барем 100 други луѓе низ светот. И сите одговори веќе се на интернет. Што поскоро почнете да го користите пребарувачот „Гугл“ за помош, толку побрзо и полесно ќе можете да ги решите проблемите. Тоа не значи дека треба да ги ископирате готовите решенија. Секогаш трудете се да сфатите како работат тие кодови.
Учете од другите
Секоја програма е направена од кодови. На својот компјутер можете да ги читате, менувате, да ги приспособувате речиси сите програми што ги креирале други луѓе. Најдобар начин да станете подобри во програмирање е да пишувате и да читате што повеќе кодови. Постојат многу програмери кои се попаметни од вас. Тие сигурно напишале многу корисни кодови, а вие треба да ги читате и да учите од нив.
Не постои „најдобар јазик“
Некои јазици и алатки се подобри за решавање еден вид проблем, а некои за решавање други. Кога учите нови јазици, не обидувајте се да применувате застарен начин на размислување на новите системи. Тоа би било како да се обидувате да научите германски јазик применувајќи правила од францускиот јазик.
Како што ќе почнете да го учите новиот јазик преку совладување зборови, граматички правила и глаголски времиња, така во програмскиот јазик би требало да почнете со запознавање со неговите карактеристики, законитости и слични правила.