Секоја земја има филозофија на среќата - ова се седумте најдобри

Секоја земја има филозофија на среќата - ова се седумте најдобри

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Секоја личност има сопствено сфаќање за среќата. Во некои земји постојат и министри за среќа, а нивната работа е да обезбедат луѓето да уживаат во животот. Не сите знаат дека постојат национални концепти за среќа што нудат веќе подготвени рецепти за тоа како да се ослободите од стресот и да почнете да уживате во животот.

Ова се најинтересните.

Калсарикани (Финска)

Ако се обидете да го преведете овој тежок збор, ќе добиете нешто како „пиење алкохол дома носејќи долна облека без да излезете надвор дури ни на една минута“.

За разлика од другите скандинавски концепти, калсарикани не вели дека треба да имате убава соба со удобна фотелја и камин.

Рецептот за среќа според калсарикани: Кога сте дома навечер, ставете ја најудобната облека што ја имате. Најдобра опција е пижами со топли чорапи. Отворете шише вино. Можете да пиете различен пијалак, но не одете предалеку. Не треба да се чувствувате лошо наредниот ден затоа што сте сакале да се чувствувате среќно денес. Земете чипс, чоколадо или нешто што не е поврзано со здрава храна. Пуштете музика и гледајте видео со слатки животни. Потребна ви е добра заднина. Сега можете да се релаксирате и зад вас да ги оставите сите проблеми.

Шинрин-јоку (Јапонија)

Шинрин-јоку се преведува како „шумско капење“. Целта на оваа терапија е да уживате во природата и да се обидете да пронајдете мир. Ова е уникатен метод за борбата против депресијата и стресот без апчиња и доктори.

Оваа терапија е популарна во Јапонија и во Јужна Кореја. Истражувачите докажаа дека ги намалува нивоата на агресија, хормоните на стрес во крвта, ја зголемува продуктивноста и го прави посилен вашиот имунолошки систем. Дрвјата ве прават среќни подолго време и повеќе отколку зголемувањето на платата.

Рецептот за среќа според шинрин-јоку: Одете во шума. Пронајдете тивко место. Обидете се да ја доживеете шумата користејќи ги сите пет сетила: гледајте наоколу, вдишувајте, слушајте, допрете дрво и „вкусете го“ воздухот. Затворете ги очите и почувствувајте ги хармонијата и смиреноста. Правете го она што најмногу го сакате: цртајте, пешачете, медитирајте и слично.

Икигаи (Јапонија)

Икигаи е јапонски за „причина за постоење“. Меѓутоа, постои уште една дефиниција што уште подобро го опишува зборот: „нешто што те тера да стануваш наутро“. Тоа може да е мирисот на кафето со кое го започнуваш денот, глобалните проекти на работа или твоето милениче.

Кога личноста ќе го пронајде своето икигаи, таа се ослободува од деструктивните навики и депресијата, и едвај чека да дојде новиот ден за да го прави она што најмногу го сака.

Рецептот за среќа според икигаи:
Започнете го утрото со вашата омилена храна. Ова ќе ве натера полесно да станете од кревет и да го започнете денот со добро расположение. Дозволете мали промени во вашиот живот и поминувајте најмалку еден час дневно правејќи го вашето хоби. Пробудете го вашето внатрешно дете: станете храбри, љубопитни и независни кога станува збор за мислењата на другите луѓе. Но, запомнете дека не треба да ве прави среќни нанесувањето лошо на другите луѓе. Бидете среќни кога ќе се случат мали, добри работи. Процесот нека ви биде цел.

Лике (Данска)

Лике е данскиот збор за среќа. Целта на овој концепт е да постигнете универзална радост и секојдневна забава од животот.

Рецептот за среќа според лике:
Одете во домот на соседите и дајте им нешто вкусно или кажете им нешто убаво на вашите роднини. Насмевнете му се на некој непознат. Обидете се да ја промените моменталната работа ако не ви се допаѓа. Престанете да купувате работи само затоа што другите ги имаат. Не фрлајте си го животот на никој начин и не ограничувајте се со наметнати правила.

Пали-пали (Јужна Кореја)


Иако за некои земји среќата е способност да се живее во моментот и да се биде смирен, за Јужна Кореја е обратно. Луѓето во оваа земја секогаш брзаат. Пали-пали може да се преведе како „побрзо, побрзо“.

Корејците не сакаат да чекаат. Токму затоа многу курсеви по јазици ви ветуваат дека ќе ве научат нов јазик за само неколку недели. Истото важи и за доставувањето пица и другите онлајн-нарачки.

Рецептот за среќа според пали-пали: Главното правило е да не ги прескокнувате можностите и да ги искористите брзо. За да имате нормален живот со толку брзо темпо, следете ги овие правила: имајте распоред, јадете добра храна, но не поминувајте многу време во готвење и пејте почесто. Не престанувајте да учите.

Кори (Шкотска)


Кори на шкотски значи „да се гушкаш“. Секако, во земја со студена клима, удобноста и гушкањето имаат голема улога. Исто така, поврзаноста со природата е доста важна, заедно со комуникацијата со животните и контактот со вашето наследство. Така што, ритуалите, традициите и татковината се многу важни.

Рецептот за среќа според кори: Одете на прошетка со кучето во природа. Не размислувајте за студеното време и комарците, не оптоварувајте се со непријатни нешта. Пуштете музика и слушајте ги звуците на природата. Навечер, одете на кафе со пријателите и разговарајте за интересни идеи. Почитувајте ја вашата историја и не заборавајте ги предците.

Филотимо (Грција)


Филотимо може да се преведе како „гордост, искреност и достоинство“. Сепак, тешко е да се најде точен превод бидејќи луѓето во Грција различно го сфаќаат зборот. Главната цел е да се почитувате себеси и другите луѓе и способноста да се чувствувате горди.

Рецептот за среќа според филотимо: Секој ден имајте барем 2-3 позитивни мисли (можете да ги запишете во дневник), бидете гостопримливи и учтиви. Ако вашиот пријател каже дека е во ред, прашајте го дали постои нешто што можете да го направите за да му помогнете и дајте му да јаде нешто вкусно.