Јужна Кореја презеде брзи, инвазивни мерки против Ковид-19 и успеа да го спречи неговото брзо ширење
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Јужнокорејците се познати по тоа што не ги сфаќаат сериозно севернокорејските закани за нуклеарно оружје. Тие се смирени и си продолжуваат со животот секогаш кога Пјонгјанг се заканува дека ќе го претвори Сеул во „огнено море“.
Истото важи и за соочувањето со пандемијата на Ковид-19. На болеста ѝ пристапија смирено и без паника.
На 16 јануари јужнокорејскиот извршен директор на компанијата „Сиген“, Јонг-Јон Чун, ја сфати реалноста со која се соочуваше Кина и ѝ нареди на својата лабораторија да работи за да го спречи неизбежното ширење на вирусот, па за неколку дена тимот разви комплет за откривање на вирусот што сега е многу баран низ светот.
Во меѓувреме, владата на Јужна Кореја претпостави дека вирусот ќе ја удри и нивната земја. Искуството со пандемијата од САРС во 2003 година се покажа како корисно: мобилизирани се постојните владини единици во министерствата за здравство, социјална заштита и надворешни работи, регионалните општини и канцеларијата на претседателот. Така, Јужна Кореја стана ефикасна во контролирањето на стапката на смртност на нацијата не преку забрани за патувања, туку преку широко распространети ригорозни мерки за карантин и тестирање, а сега дури и извезуваат сетови за тестирање, како што се 51.000 дијагностички производи испратени оваа недела во Обединетите Арапски Емирати.
Фото: Screenshot/Youtube
Што е најважно, Јужна Кореја веднаш почна да тестира стотици илјади асимптоматски луѓе. Јужна Кореја направила и централна апликација за следење наречена „Корона 100м“, која јавно ги известува граѓаните за познатите случаи на коронавирус на 100 метри од нив. Изненадувачки, култура што честопати бунтовно го отфрлаше авторитаризмот прифати наметливи и инвазивни мерки.
На 17 март беше овозможена мала субвенција од 340 евра месечно за покривање на основните трошоци за живот. Финансирањето е достапно за оние што се во самоизолација, без оглед дали се позитивни на вирусот. Иако не е голема сума, обезбедува егзистенција за оние чии животи се погодени од неопходните мерки, како што е затворањето на училиштата од министерството за образование.
Би било мудро и другите нации да го копираат моделот на Јужна Кореја: на 29 февруари 700 луѓе биле позитивни на вирусот во градот Даегу, каде што првпат се појавил вирусот. До 15 март биле пријавени само 41 нов случај.
Но, како што се очекувало, врз основа на континуираниот недостиг на имунитет кај населението, до 18 март бројот на случаи повторно почнал да расте, по што Сеул се подгoтвува за најлошото.
Од 16 март Јужна Кореја почна со скрининг на сите луѓе што пристигнуваат на аеродромите, вклучувајќи ги и Корејците. Јужнокорејците имаат универзална здравствена заштита, двојно повеќе од бројот на болнички кревети во споредба со нормите на ОЕЦД. Во овој момент постои општ консензус да им се верува и да се почитуваат советите што доаѓаат од докторите и научниците.
Но, и во Јужна Кореја работите не се совршени: било откриено дека црковните службеници јужно од Сеул прскале солена вода во устите на верниците, лажејќи ги дека тоа ќе ја спречи инфекцијата. Уште полошо, никој не го дезинфицирал шишето, па 46 лица веќе се позитивни на коронавирусот. Исто така, и покрај пофалениот систем за здравствена заштита во Јужна Кореја, странците што живеат во земјата ги истакнуваат разликите. Знаците на кои пишува „Не е дозволено за Кинези“ на многу бизниси и ресторани предизвикуваат страв кај луѓето и тие не сакаат да побараат лекарска помош.
Јужнокорејскиот модел не е совршен. Во деновите пред пандемијата филмот „Паразит“, кој освои „Оскар“ неодамна, ни го откри светот на богатите што работат од дома, додека нивните деца уживаат во удобноста на далечинското учење без да се грижат за храна. Оваа културна нерамнотежа не е единствена за
Јужна Кореја. Богатите, независни училишта ги испраќаат децата дома опремени со компјутери, книги и музички инструменти за учење на далечина, нешто што не можат да го понудат државните институции.
Во градови како Њујорк, каде што сега многу се шири Ковид-19, е предоцна да се примени моделот на Јужна Кореја. Напорите треба да се насочат на друго место, вклучувајќи и мобилизација слична за време на војна за да се зголеми производството на лична заштитна опрема за здравствените работници и респираторни машини потребни за лекување на критично болните.