Хеликоптерот на НАСА се подготвува за полетување на Марс
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Малиот хеликоптер што се наоѓа на роверот „Персевиренс“ на американската вселенска агенција НАСА наскоро ќе полета на Марс. Хеликоптерот наречен „Инџинуити“ патувал до Марс прикачен на роверот, а во текот на викендот бил отстранет заштитниот материјал околу него. Ова било направено во рамките на подготовките за првиот лет на хеликоптерот на Марс. Тоа би можело да се случи во првата недела од април.
Од НАСА известиле дека се потребни дополнителни подготовки на хеликоптерот пред неговиот прв лет, а пред самиот лет тој треба да стигне до локација што ќе му користи како платформа за полетување.
Досега ниту едно летало не полетало од друга планета освен од Земјата, а НАСА се надева дека ќе го смени тоа. Успешното полетување на „Инџинуити“ на Марс би овозможило понапредни вселенски мисии во иднина.
По првите летања на хеликоптерот, роверот „Персевиренс“ ќе почне да се фокусира на неговите главни задачи, односно барање знаци на живот на Марс и собирање примероци за враќање на Земјата. На роверот има и инструмент што треба да произведува кислород од тенката атмосфера полна со јаглероден диоксид на Марс.
Автор: Мајк Вол
Извор: space.com
Фото:
NASA