Приказните, шпекулациите и легендите поврзани со најозлогласениот затвор „Алкатраз“
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Поминаа речиси 70 години откако затворот на истоимениот остров, познат по својата максимална безбедност - „Алкатраз“, престана да работи.
Малиот остров среде заливот Сан Франциско во Калифорнија, САД, првично служел како светилник и воена тврдина. Подоцна ова место станало федерален затвор за најголемите криминалци, а речиси седум децении подоцна, „Алкатраз“ е историска и туристичка атракција контролирана од Националниот парк „Голден Гејт“.
Островот е отворен за посетители, а тие можат да стигнат до него со траект од пристаништето 33 во Сан Франциско. Секоја година затворот го посетуваат милиони туристи од целиот свет.
Островот го добил името во 1775 година кога до него дошол шпанскиот истражувач Хуан Мануел де Ајала. Се верува дека тој го нарекол „Ла исла де лос Алкатраз“ што значи „Остров на пеликанот“. Повеќе од 150 години подоцна, во 1934 година, „Алкатраз“ бил одлично место за сместување на затворениците бидејќи бил опкружен со студена вода и силни морски струи.
Условите во затворот биле прилично лоши. Најголем проблем бил постојаниот студ и забраната за разговор меѓу затворениците. Посети биле дозволени само еднаш месечно. Разговорите биле спроведени исклучиво по телефон и секој разговор бил сниман. Физичкиот контакт со посетители бил строго забранет. Во „Алкатраз“ престојувале околу 260 затвореници, кои во просек биле осудени на осум години.
- „Алкатраз“ е најозлогласениот федерален затвор што оваа земја некогаш го видела. Неговата историја оди далеку и длабоко, како и приказните, шпекулациите и легендите. Американците споменуваат зли духови кои наводно биле на островот уште пред да се отвори затворот - реченица со која „Лос Анџелес тајмс“ го опиша овој затвор.
И писателот Марк Твен ја документирал морничавата атмосфера на островот откако го посетил.
- Студено е како зима, дури и во летните месеци. Затворениците, шумарите и посетителите известуваат за паранормални појави во затворот: слушаат шепотења од ќелиите, врати кои се заклучуваат сами, слушаат звуци од ходникот, а понекогаш слушаат и музички инструменти и машина за шиење - напишал тој.
Еден затвореник тврдел дека видел црвени очи во мракот иако никој не му верувал. Откако цела ноќ ја поминал врескајќи, наредниот ден го пронашле задавен.
Неколку години откако „Алкатраз“ престанал да работи како затвор и бил отворен како туристичка атракција, група Индијанци го окупирале островот барајќи да се формира универзитет и културен центар таму откако историчарите во археолошките истражувања откриле дека некогаш на овој остров имало индијански гробишта чии остатоци сè уште се под објектот.
Научниците ги отфрлаат доказите дека „Алкатраз“ е прогонуван од натприродни сили и сметаат дека ова тврдење е бесмислица.
Третманот на затворениците
Затворениците живееле едноставно, задоволувајќи ги само основните животни потреби, како вода, храна, покрив над главата, туш и лекар. Една од казните што затворот ги користел е врзување на затворениците со синџир на кој имало топка на едниот крај. Затворските службеници сакале тоа да биде место од кое луѓето ќе се плашат, па затоа се грижеле за дополнително обезбедување.
Оние затвореници што биле добри, на кои можело да им се верува, имале обврски како во обично семејство.
Уште од античко време, уште од времето на првите доселеници, се верувало дека лоши духови шетале на островот, па ги носеле таму луѓето што требало да се казнат. Ако некој од нив направел грозоморни злосторства, останувал на островот засекогаш. Верувале дека ако останат на островот, ќе умрат на него и ќе бидат мачени од духовите до крајот на вечноста. Интересно е тоа што островот бил место за казна уште пред да стане затвор.
Затвореник број 85
Еден од првите затвореници бил Ал Капоне. Бил уапсен во 1931 година за затајување данок. Му бил забранет каков било контакт со луѓе. Свирел банџо во затворски бенд, имал сифилис, па бил испратен во болница, а потоа на домашно лекување. Починал во 1947 година. Другото име на Капоне во затворот бил Затвореник број 85.
Човек-птица
Роберт Сторуд, познат како „Човек-птица од Алкатраз“, практикувал орнитологија за време на престојот во затворот „Левенворт“. Бил осуден на 12 години затвор поради убиство на шанкер и напад на проститутка, а бил макро од Алјаска. Бил осуден на смртна казна откако во затворот „Левенворт“ убил чувар, но бил помилуван и осуден на доживотен затвор во „Алкатраз“. За него е снимен филмот „Човекот-птица од Алкатраз“ во 1962 година, а неговиот лик го глумел актерот Берт Ланкастер.
Неуспешни бегства
Нема докази дека некој успеал да
избега од „Алкатраз“. Имало 36 обиди, од кои 23 биле спречени уште на почетокот, 6 луѓе биле убиени, а двајца удавени. Првото бегство, односно обид за бегство се случил на 27 април 1936 година. Еден од обидите за бегство беше претставен и во филмот „Бегство од Алкатраз“ со Клинт Иствуд.
Извор:
Nationalgeographic.rs
Фото: Freepik