Авторот на виралната слика по трагедијата во Кочани: „Сите делиме исти проблеми и сонцето не е залудно симбол на Македонија“
Трагедијата во Кочани кога во пожар загинаа 59 лица го потресе целиот регион, а пораки за поддршка пристигнаа од сите страни.
Помеѓу објавите споделени од луѓе што изразуваат солидарност и сочувство една фотографија се издвои и стана вирална како симбол на тагата, но и на единството на луѓето од поранешна Југославија.
Нејзин автор е графичкиот дизајнер Дејан Медојевиќ од Подгорица, а неговата слика само на „Инстаграм“ собра речиси 10.000 реакции. Ова дело, на кое е прикажана карта на поранешна Југославија, сонцето како национален симбол на Македонците и стихот на Оливер Драгојевиќ „без тебе сонцето ќе исчезне (bez tebe nestaće sunca)“, се прошири и на другите социјални мрежи.
- Секој што бил барем еднаш во Македонија знае дека овие луѓе зрачат со необична топлина и срдечност. Во еден ресторан добивме посебен третман откако дознаа дека сме од Црна Гора. Сонцето не е само нивен симбол. Оваа најава или порака, освен што е обид да се даде некаква поддршка во тешки времиња, има и подлабоко значење - истакнал Медојевиќ.
Пред трагедијата во Кочани тој вели дека со еднаква тешкотија доживеал сѐ што се случувало во Цетиње и Нови Сад. Кога споделил објави за солидарност со студентите во Србија, многу луѓе го прашале зошто е толку загрижен за нешто што се случува во друга земја.
- Во сите три случаи беа убиени моите сонародници, а тие беа невини. Сите три настани, иако на различни начини, се производ на ароганцијата и дрскоста што ја зрачи овој систем, односно луѓето кои го создаваат и управуваат со децении. Незнаењето, негрижата и злобата се видливи во секоја изјава на сите политичари од распадот на Југославија - рекол Медојевиќ.
„Ни треба нов систем“
Затоа тој создал фотографија за да го изрази она што го чувствува, а таа брзо се прошири низ регионот, покажувајќи дека освен заедничките проблеми како што се корупцијата и системската неправда, луѓето во поранешна Југославија сè уште споделуваат некои позитивни вредности.
- Идејата за ова дело потекнува од одамна и требаше да има среќен и позитивен контекст. Го чував за некое идно патување во Македонија, да биде пост каде што ќе поканам луѓе да се дружат/фотографираат во дресови, како и создавање налепници. За жал, тоа се случи и сликата доби поинаква симболика - истакнал Медојевиќ.
Неговата популарна страница на „Инстаграм“ е препознатлива по објавите кои го потврдуваат југословенското наследство, а неговиот бренд е сè попопуларен меѓу младите луѓе.
- Не ни требаат нови претседатели и нови влади, потребна ни е нова надеж, нов начин на размислување и нов систем - заклучил овој млад дизајнер.
Трагедијата во Кочани го отвори прашањето за корупцијата во општество, каде што индивидуалните профити се ставаат над нечиј живот и јавен интерес.
Извор: novidani.com
Фото: Instagram