Марија Питиќова има 84 години и е најредовен читател во велешката библиотека: „Книгата ми е најдобриот другар, не можам да ја оставам“
Со извадоци од делото ,,Гоце Делчев во народното и уметничкото творештво” во изведба на учениците од ООУ„Блаже Конески“, под менторство на наставничката Костадинка Атанасова, во медијатеката на локалната библиотека „Гоце Делчев“ се одбележа раѓањето на нејзиниот патрон, а петта година по ред за најредовен и највозрасен читател е прогласена Марија Питиќова.
84-годишната читателка од Велес со години е меѓу најредовните велешани во локалната библиотека „Гоце Делчев“.
- Книгата е мојот најдобар другар. Јас живеам сама и секогаш книгата е со мене, не можам да ја оставам. До 12 часот завршувам со домашните обврски и почнувам да читам. Не се дружам многу со соседите и ретко се гледаме со роднините, па можам да им се посветам на книгите. Многу ми е убаво на душата што го минувам времето со книгата, која ме одмара додека ја читам. Ме исполнуваат содржините во книгите, не мислам на ништо друго кога читам освен на дејството, што ќе се случи и што ќе се раскаже - вели пензионерката Марија Питиќова од Велес за „Факултети.мк“.
Марија еднаш неделно ја посетува библиотеката „Гоце Делчев“ за да изнајми книги и најчесто остава вработените да ѝ предложат литература.
- Најмногу читам драми, сакам трилери, а понекогаш читам историски и политички дела. Земам по две книги. Библиотеката има голем избор и сум рекла - ако не ми се допаѓа некоја книга, ќе ја вратам. Досега не ми се случило тоа, секоја ми пробудила интерес да ја прочитам докрај - истакна Марија.
Таа вели дека отсекогаш имала голема љубов за книгите и читањето, но кога била помлада, не можела да им се посвети поради работата.
- Читам околу 500 страници за една недела. Две книги на секои 10 до 12 дена успевам да ги прочитам. Тоа се годишно над 70 книги. За овие пет години имам прочитано над 250, веќе не бројам - открива Питиќова.
Марија досега не прочитала една книга двапати, а од авторите најмногу ѝ се допаѓаат делата на авторката Лусинда Рајли од Северна Ирска. Во моментов ја чита „На господин Филип, со љубов“ од Џулија Квин.
На учениците и студентите им порача да читаат колку што можат повеќе.
- Кога ја примав наградата, ми порачаа да бидам пример за децата. Јас пред две години уплатив членство за три деца, а лани за пет деца кои не можат да се зачленат, само за да читаат. Јас не плаќам членарина затоа што многу сум читала и ме ослободија од надомест. Наместо тоа, дадов за децата кои не можат да си уплатат членство во библиотеката - потенцира највозрасниот читател на велешката библиотека.
Библиотеката, како и секоја година, ги награди читателите со најголем број изнајмени книги: наjмлад читател за 2024 година е Чедомир Костадиновски, највозрасен читател е Марија Питиќова, најчитател од одделот за возрасни е Билјана Стојановска, најчитател во категорија од основно образование е Ана Митровска, најчитател во категорија од средно образование е Василка Карталова, најчитател во категорија студент е Андријана Јакимова, најчитател во категорија пензионер е Светлана Есенчева, најчитател од одделот за деца од организациската единица во Градско e Глорија Сандев, а најчитател од одделот за возрасни од организациската единица во Градско e Жаклина Маркова.
Фото; приватна архива