Авичи почина уште во 2016 година, потпиша договор со ѓаволот

Авичи почина уште во 2016 година, потпиша договор со ѓаволот

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Дамир Лудвиг е хрватски диџеј со долгогодишна кариера кој настапува во светски елитни клубови низ светот. Смртта на неговиот колега Авичи многу го потресе, па реши да го напише овој статус на „Фејсбук“.


Фото: Wikipedia

„Тим Берглинг беше човек кој почина на 20.4.2018 година. Авичи е бренд кој почина уште во 2016 година. Брендот почина кога Тим одлучи да се повлече. Најважно е да се оддели човекот од неговите индустриски филозофии бидејќи ниеден човек не може да го преживее она што може индустријата со мултимилионскиот грб што го има.

Секој што има мирен живот со дневни рутини од утринско кафе, работа, пиво после ручек и слободен викенд, барем еднаш се запрашал што би било сега да е во Бразил, во петок во Австралија, во сабота во Јужноафриканската Република, а во недела во Велика Британија. Би било генијално, но само ако на таа дестинација би пристигале со заповед „Energize“ и „Beam me up Scotty“. За жал, засега таквата технологија е можна само во серијата „Стар Трек“, а дури и со приватните авиони патувањата меѓу наведените дестинации траат минимум 20 часа. Дали некогаш сте патувале 20 часа со трансконтинентален лет? Напорно е!

Без оглед на тоа колку долго трае патувањето со авион, кое е попријатно отколку да патувате со рикша на истите рути, не е лесно да се навикнете на поминувањето низ временските зони, патувајќи со брзина од 988 километри на час на висина од 13.100 метри. По патувањето по кое веќе не знаете што со себе, седнувате во автомобил, доаѓате во хотел, брзо се туширате, се обидувате да јадете набрзина, седнувате во автомобил и одите на клупска или фестивалска свирка.

Пред свирката има кратка конференција за медиумите, прашања кои сте ги слушнале толку многу пати што ви се чини дека сте како Бил Мареј заробен во филмот „Бесконечен ден“. По свирката седнувате во автомобил, доаѓате во хотел, лежите во кревет неколку часа и се обидувате да заспиете. По кратката борба се предавате, земате таблета за спиење и заспивате, но набрзо чистачките почнуваат со чистењето на другите соби бидејќи гостите со нормален биоритам веќе се на појадок.

Парализирани од хемикалиите, не можете да мрднете, а најрадо би ги испратиле чистачките во родното место само за да престанат да вреват. А тогаш ѕвони телефонот со нарачаното будење и станувањето е неизбежно. Кафето не е доволно јако да создаде позитивно расположение, но е доволно јако да создаде гастроинтестинални нарушувања.

Замислите турнеја од такви 200 дена во годината, па истото следната година, па следната година. Тоа е турнеја која прераснала во начин на живот, начин на живот каков што живееше Тим Берглинг.

Секој што некогаш стоел зад диџејскиот пулт размислувал како изгледа кога си диџеј-ѕвезда, но ја видел само феноменалната фестивалска продукција, прекрасните жени, убавата облека, музиката и лажната љубов што ја опкружува диџеј-ѕвездата.

Не знам како Тим го замислувал успехот, но беше премлад да може сам да заклучи каков договор потпишува со индустријата. Вистина е дека своеволно потпишал „договор со ѓаволот“ и дека  најверојатно никој не му ставил пиштол на слепоочницата терајќи го да тргне по патот од кој нема враќање.

Потпишал договор со индустријата која го претворила во роб, а ги заштитила своите интереси користејќи го името Авичи наместо името на момчето кое и покрај светската слава, никој не го препозна, освен неговата вистинска фамилија и вистинските пријатели.

Лично ги познавам менаџерите на хрватските клубови во кои настапуваше Тим, а кои ми кажуваа дека Берлинг не одговарал на едноставни прашања како „Што пиеш?“ или „Како ти се допаѓа клубот?“, туку тоа за него го правел неговиот менаџер. Тим беше заробеник на договорот со корпорацијата која не му дозволуваше да одлучува за брендот без управата на брендот.

И на крајот, зошто ова ме засега мене? Не дека Авичи некогаш бил пуштан во рамките на циклусот „Астралис - Институција“, не дека некогаш ми претставувала нешто музиката за која медиумите тврдеа дека ја пишувал Берглиг. Иако, не можам да сфатам кога тој би успевал да компонира, со оглед на тоа дека постојано настапуваше и патуваше.

Ме засега, пред сѐ, бидејќи го ценам животот и без оглед на тоа што не го знаев Тим, жалам што не проживеа живот вреден за живеење, туку ропство. Ме засега бидејќи и тој беше дел од диџејската сцена на која ѝ припаѓам, а ми се гади што некој од нас, кои стоиме зад пултот, стана жртвено јагне.

Во своите корени, идејата за диџеј беше идеја за човек од екипата кој стои зад грамофонот. Идејата за диџеј не била идеја за рок-ѕвезда, туку му контрирала на тој став. Диџеј е оној што е достапен, што не е во ВИП-делот, што има време и волја да танцува со публиката и вистински да ужива во музиката. Меѓутоа, откако големите корпорации се вклучија во диџејската сцена, направија сите нови генерации да растат со хибридни наместо со создадени диџеј-ѕвезди, кои преку ноќ се на листата со најбогатите. Тоа не е приказна само на ЕДМ-сцената, туку и на техно, хаус и тех-хаус сцената исто така.

Ме засега, а ве засега и вас. Постојат луѓе кои отсекогаш се во вашето соседство, луѓе кои работат на сцената со децении и ја развиваат органски, со љубов и трпение, а не со милијарди и маркетинг-менаџери.

Луѓе кои се ЛУЃЕ, а не БРЕНДОВИ, вистински уметници, а не правни ентитети. Поддржете ги нив, а не продуктите на мултимилионските индустрии и можеби ќе спасите живот на еден таков иден Тим, кога индустријата ќе види дека инвестициите не се исплаќаат.

Нека ги вложуваат своите пари во нешто друго, а не во експлоатација на луѓето кои дури и по завршената кариера се толку уништени што не можат да живеат.

Немојте да ги поддржувате посмртните албуми, да купувате официјални маици со натписи РИП Авичи и да одите на премиера на филмот за фиктивниот живот на уметникот кога ќе се појави бидејќи така ја поддржувате токму индустријата која младиот човек Тим Берглинг го претвори во роб и му создаде здравствени проблеми кои резултираа со негова прерана смрт.

Наместо тоа, поддржете ги локалните таленти и ЛУЃЕ, а не индустриските ѕвездени статуси.

Сѐ најдобро!“