Директорот Дарио Николовски нѐ прошета низ „Кузман“: Долгот на студентските домови е речиси пет милиони евра!

Директорот Дарио Николовски нѐ прошета низ „Кузман“: Долгот на студентските домови е речиси пет милиони евра!

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Тој е поранешен фудбалер, студирал на приватен факултет и не живеел во студентски дом, но имал пријатели кај кои одел на гости. Вели дека знаел како живеат студентите, но и дека останал шокиран по неодамнешната обиколка како директор

Еден и пол месец е на функцијата директор на Државниот студентски центар - Скопје, но вели дека доволно му е јасно каква е состојбата со домовите – никаде не е сјајно, дури и во неодамна реконструираниот „Гоце“. Дарио Николовски ја отвори вратата на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ за екипата на Факултети мк. Ѕирнавме во студентските соби, тоалетите, но и длабоко во подрумите, за што подготвуваме репортажа.

Додека со Николовски го шетавме „Кузман“, разговаравме за состојбите во студентските домови, но и за плановите како ќе се подобри студентскиот живот. Николовски е поранешен фудбалер, студирал на приватен факултет и не живеел во студентски дом, но имал пријатели кај кои одел на гости. Вели дека знаел како живеат студентите, но и дека останал шокиран по неодамнешната обиколка како директор.
- Едно е да влезеш како гостин, а друго како директор. Веднаш по преземањето на функцијата направив обиколка и влегов во сите простории во кои претходно не сум можел да пристапам. Се шокирав од глетката. Јас како студент бев борбен и ангажиран, токму затоа се нафатив да застанам на чело на ваква институција која има наталожено многу проблеми. За мене е предизвик да работам за студентите, тие се ткивото на секоја држава. Ќе направам сѐ што е во моја надлежност и активно ќе работам да обезбедам подобри услови за нив.


Дарио Николовски

Кои се првите три топ-приоритети на кои ќе им се посветите, а кои веќе не смеат да чекаат?

- Најголемо внимание ќе треба да се посвети на реконструкцијата на домовите и инфраструктурата. За 11 години минатата влада успеа да реконструира едвај половина од студентскиот дом „Гоце Делчев“. Како е извршена таа реконструкција, ќе видиме од резултатите од контролата, која е во тек. Сметам дека е премалку за 11 години да се реконструира само половина од еден од четирите студентски дома што се под наша ингеренција. Што значи, реконструкциите се главен приоритет. Втор приоритет е она што го бараат студентите, подобри услови како во културниот така и во социјалниот живот. Мислам дека имаме премалку содржини за нив и недоволно се вложува во овој исто така важен аспект на студентското живеење. Тука подразбирам овозможување бесплатни посети на театри, кина, курсеви за доедукација и слични услуги. Преговарам со повеќе институции и со приватни општествено одговорни компании за поддршка во овој сегмент. Една од идеите е да направиме студентска картичка која ќе им носи многу бенефити и попусти. Трет приоритет ни е подобрувањето на храната.

Како ќе ја подобрите храната? Студенти коментираат дека откако е воведена студентската картичка, има ограничен оброк, односно иста количина за сите. На некои тоа не им е доволно.

- На оваа функција сум еден и пол месец и оттогаш вратата кај мене e секогаш отворена, студентите слободно доаѓаат и ми кажуваат што им недостига. Точно е дека има разлика од времето кога било со бонови и сега со картичка. Тие нагласуваат дека ограничениот оброк знае да биде малку и во моментов бараме решение за овој проблем. Веќе има едно можно решение кое доколку се покаже како прифатливо и за студентите, ќе биде реализирано. Во меѓувреме, спроведуваме голема анкета со студентите во домовите. Сакаме да чуеме што тие имаат да кажат за условите во студентските домови и што треба да се поправи. Во анкетата акцент беше ставен и на храната за подобро да разбереме како тие очекуваат да се реши проблемот со храната. Храната е битен сегмент од студентскиот живот и ветувам дека ќе се погрижиме студентите да бидат задоволни.

Споменавте дека еден и пол месец сте на оваа функција и дека прошетавте низ студентските домови. Што видовте?


- Па, сликата, за жал, е лоша. Од таа причина имам поголем мотив да почнеме брзо да ги реализираме оние работи што ги ветивме, а и она што го бараат студентите од нас. Се запознав со многу студенти и со повеќето од вработените. Најдобри услови логично е да има во оној што е половина реконструиран, а тоа е студентскиот „Гоце Делчев“. Но, другите домови се во лоша состојба, а еден е целосно нефункционален, тоа е Медицинар. Оттаму, мојот заклучок е дека има уште многу работа и реконструкции. Во иднина ќе гледаме реконструкциите да бидат темелни и пред сѐ квалитетни. Тоа што ќе се направи - да трае.

Дали студентите го чуваат она што ќе се направи и реконструира, какво е искуството?

- Од разговори со нив, од средбите со нив, гледам и учам како функционираат. Тие се студенти, млади луѓе, студентскиот живот е навистина уникатен, но треба да бидат и одговорни. Јас им ветив дека ќе се заложам тие да имаат најголем бенефит од сето она што ќе го направиме, но ќе мора и тие да го почитуваат и чуваат. Да го ценат она што ќе го направиме за да трае подолго за нив и за другите генерации по нив.



Николовски со екипата на Факултети.мк во канцеларијата на хаузмајсторите

Голем дел од студентите се жалат дека нема топла вода во студентските домови. Зошто топлата вода сѐ уште е луксуз во 21 век, се штеди ли?

- Не се штеди на топла вода. И бојлерите и целосната водоинсталатерска мрежа се многу стари. Има многу проблеми во овој дел. Опремата често се расипува и самите поправки траат со денови. Тоа придонесува да нема топла вода. Вака е бидејќи со години не биле ставени како приоритет работите што носат најнеопходни услови за живот на студентите. Струја, вода, интернет, покрај храната, се основни услови. Кога ја презедов функцијата директор, во првите два дена постоеше ризик домовите да останат без греење и без месо. До толку не се водело грижа за основните потреби. По брза интервенција и исплата на дел од долговите успеавме да спречиме ваква состојба. Под мое раководство, ова ветувам дека нема да се случува.

Колкав е долгот на Државниот студентски центар - Скопје?

- Тој е безмалку 5 милиони евра. Тоа е сериозна бројка. Овој долг е сѐ на купче, и режиски трошоци и наши обврски кон набавувачите. Тоа се главно македонски компании на кои им должиме многу пари, така ги ослабуваме. Затоа се доведуваме до ситуации да снема вода, струја и други основни потреби. Во последните десет години, од она што можев да го видам, досега е работено многу недомаќински. Јас ветувам дека отсега ќе внимаваме на секој денар.

Ако се работело недомаќински и ако имате докази за тоа, дали ќе има последици за тие што работеле така?

- За секој што го прекршил законот, ќе реагираме. Се прави правно финансиска анализа на работењето на оваа институција во годините наназад. Штом ќе имаме увид во исходот, ќе поднесеме и соодветни пријави доколку се најдат неправилности.

Го преиспитувате ли и начинот на кој се добивале легла во студентските домови, имало ли малверзации?

- Го испитуваме, но неблагодарно е сега да дадам одговор, додека трае тој процес. Може да кажам дека сакам да ја вратам вербата во институцијата, особено на ова поле. Секој што заслужува, треба да добие легло, односно согласно принципите и условите што ги бара секој студентски дом. Дојдоа и до мене информации дека можеби имало некои малверзации кои се обврзувам темелно да ги истражам. Она што можам да го ветам е дека ќе го променам овој начин на работа.

Од каде ќе најдете пари за да ги реализирате реконструкциите на другите домови и да ги вратите долговите?

- Владата обезбеди 660 милиони денари за подобрување на студентскиот стандард. И Министерството за образование и наука и Владата имаат јасен став - дека овие проблеми на студентите ќе бидат приоритет. Дел од средствата ќе ги обезбеди Владата, дел МОН, а дел ќе ги најдеме од разни европски фондови. Има идеја да ги вклучам и самите студенти што живеат во домовите, а студираат поедини области, да ни помогнат, дали за некоја документација, за изработка на проект, идеја и слично, секако, во согласност со нивото на образование. Тие се креативни, знаат многу и тоа може навистина да се искористи на обострано задоволство. Долгот ќе го враќаме полека и ќе работиме домаќински за да го намалиме.