ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Колку гледачи собирал античкиот театар во Скупи?
Подготвил:
В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во рубриката „Дали знаете“ ви пренесуваме интересни податоци за нашата земја
Античкиот град Скупи денес е практично споен со Скопје. Се наоѓа на патот кон селото Злокуќани, а се простира од двете страни на патот. Највпечатлив е античкиот театар граден во римски стил, кој лесно се забележува од десната страна на патот. Објектот кој беше детаљно археолошки истражуван пред повеќе од пет години ја чека својата иднина. Многумина посакуваат да биде целосно реконструиран и реупотребен како сцена за многу културни настани денес.
Во текот на археолошките ископувања археолозите открија многу културни слоеви, градби и археолошки предмети. Регистрирани се неколку различни фази на живеење на овој простор. Најраните траги се од железното време, 8-7 век пред новата ера. Од овој период пронајдени се два гроба, кои во минатото биле делумно уништени со подоцнежната изградба на театарот. Следуваат слоевите од доцноантичкиот период - времето откако завршило функционирањето на театарот, кон крајот на 4 век. Тогаш на просторот била изградена населба, која во неколку фази траела до 6 век.
Фото: Од монографијата „Римски театар - Скупи“
Во монографијата „Римски театар – Скупи“, издание на Филозофскиот факултет во Скопје и Музејот на град Скопје, претставени се истражувањата на театарот спроведени од 2013 до 2016 година. Според проф. д-р Антонио Јакимовски, уредник на изданието и раководител на археолошките истражувања, речиси комплетно го истражиле габаритот на театарот, кој воедно е најголем антички објект во Република Македонија.
На територијата на денешна Македонија досега се пронајдени четири антички театри – во Скупи, Стоби кај Градско, Хераклеја Линкестис кај Битола и во Варош, Охрид. Најголем и досега најмалку истражен беше тој во Скупи. Според археолозите, објектот зафаќал површина од 22.500 квадратни метри и собирал меѓу 8 и 10 илјади гледачи. Во римско време Скупи бил главен град на ова подрачје и имал статус на колонија. Театарот бил изграден околу 125 година во чест на римскиот император Хадријан, кој во тоа време поминувал низ овие простори.