Како може да ни помогне обновливата енергија за економско закрепнување од пандемијата

Како може да ни помогне обновливата енергија за економско закрепнување од пандемијата

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Обновливата енергија може да го напојува економското закрепнување од Ковид-19 преку стимулација на глобалните БДП-придобивки за речиси 110 билиони американски долари до 2050 година, се наведува во извештај на Меѓународната агенција за обновлива енергија.

Од агенцијата утврдиле дека забрзувањето на инвестирањето во обновливата енергија може да генерира огромни економски бенефити додека помага во справувањето со вонредната состојба со глобалната клима.

Генералниот директор на агенцијата, Франческо Ла Камера, истакна дека глобалната криза поттикната од епидемијата на коронавирусот ги открила длабоките ранливости на моменталниот систем и им порача на владите да инвестираат во обновлива енергија за да поттикнат економски раст и да помогнат во исполнувањето на климатските таргети.

Во извештајот се наведува дека забрзаното инвестирање во обновливата енергија може да помогне во справувањето со климатската криза и ефективно би било исплатливо.

Инвестирањето во обновлива енергија би резултирало со глобални придобивки за БДП-то од 98 билиони американски долари повеќе од вообичаеното сценарио до 2050 година преку враќање меѓу 3 и 8 долари на секој инвестиран долар.

Исто така, тоа за четири пати би го зголемило бројот на работни места во секторот, на 42 милиони во текот на следните 30 години и значително би го подобрило глобалното здравје, стои во извештајот.

- Владите се соочуваат со тешка задача за ставање под контрола на вонредната состојба во здравството додека воведуваат големи стимуланси и мерки за закрепнување. Преку забрзување на обновливите извори и претворање на енергетската транзиција во интегрален дел на поширокото закрепнување владите можат да постигнат повеќе економски и социјални цели во потрагата по издржлива иднина која нема да занемари никого - истакна Ла Камера.


Во извештајот, исто така, се наведува дека обновливата енергија може да го запре зголемувањето на глобалните температури така што ќе помогне во редуцирањето на емисиите на јаглероден диоксид од страна на енергетската индустрија за 70 отсто до 2050 година преку заменување на фосилните горива.

Обновливата енергија може да игра голема улога во намалувањето на емисиите на јаглерод од тешката индустрија и транспортот и да дојде до виртуелна нула на емисии до 2050 година, особено преку инвестирање во зелен водород, кој може да се создаде преку користење големи количини на чиста енергија за водата да се раздели на водород и кислород и може да биде од голема корист.

- Како што светот се труди да закрепне од моменталната здравствена и економска криза, се соочуваме со избор: можеме да следиме модерен, чист, здрав енергетски систем или можеме да се вратиме на старите загадувачки начини на работа. Мора да го избереме првото - истакна Ендрју Стир, извршен директор на Институтот на светски ресурси.


Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Unsplash