И само една доза вакцина го намалува ризикот од зараза со коронавирус, покажа истражување
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Веројатноста за инфекција со коронавирус е значително помала по првата доза на „Астра зенека“ или „Фајзер“, вели британско истражување.
Вакцините дејствувале еднакво добро и кај постари од 75 години и кај оние што страдале од други здравствени проблеми, заклучуваат истражувачите.
Истражување на британското Национално биро за статистика и Универзитетот „Оксфорд“ покажа дека по двете вакцини се развива силен одговор на антитела кај сите возрасни групи.
Кај секоја вакцина е откриена реакција, без оглед дали лицето било вакцинирано со „Астра зенека“ или „Фајзер“.
Истражувањето, кое е резултат на две студии, сè уште не е објавено и не поминало научна рецензија.
Истражувањето се базира на тестирање на 370.000 луѓе во Велика Британија и е едно од најголемите досега, а дава увид во дополнителните докази од реалниот живот дека вакцините што ги користела Велика Британија за борба против ковид-19 се ефикасни во заштитата на луѓето од инфекција.
Првото истражување покажа дека луѓето што примиле една доза на „Астра зенека“ или „Фајзер“ имале 65 отсто помали шанси да се заразат.
Фото: Freepik
Три недели по првата доза, од декември 2020 до почетокот на април 2021 година, симптоматските инфекции се намалени за 74 отсто, а астимптоматските за 57 отсто.
Луѓето што примиле втора доза од „Фајзер“ имале 90 отсто помалку шанси да се заразат. Истата пресметка не можела да се направи за „Астра зенека“ затоа што помалку луѓе ја примиле втората доза, бидејќи вакцинацијата со оваа
вакцина почнала подоцна.
Истражувањето покажа дека и двете вакцини се ефикасни во борбата против британската варијанта на коронавирус Б117.
Д-р Коен Поуелс, научник од „Оксфорд“, вели дека податоците покажуваат дека одлуката за зголемување на интервалот помеѓу две дози на вакцината е исправна.
Нивото на заштита од новата инфекција обезбедено од само една доза на вакцина ја поддржува одлуката да се продолжи времето помеѓу првата и втората доза на 12 недели за да се зголеми опфатот на населението со првата доза на вакцината и да се намалат хоспитализациите и смртните случаи, вели тој.
Но, предупредува дека податоците покажуваат дека сè уште постои можност за инфицирање на вакцинирани лица, како и пренесување на инфекција на други лица, што значи дека треба да се почитуваат мерките за држење растојание и носење маски.
Друго истражување спроведено на речиси 46.000 возрасни лица што примиле една доза на вакцина открило дека тие имаат силен одговор на антитела, знак дека вакцината ја стимулира одбраната на организмот против вирусот - во сите возрасни групи.
Тој одговор на антитела се одржува широко до десеттата недела, пишуваат научниците.
Иако нивото на антитела се зголеми побавно и на пониско ниво по една доза на „Астра зенека“, нивото на антитела се намали побрзо по една доза на „Фајзер“, особено кај постарите лица.
По првата доза забележан е подобар одговор на имунолошкиот систем кај помладите возрасни во споредба со оние постари од 60 години, но по обете дози на вакцината нивото на антитела е високо во сите возрасни групи, покажа истражувањето.
Една бројка што ги изненади научниците беше колку имунолошкиот одговор скокна по втората доза на вакцина кај луѓе постари од 80 години - многу повеќе отколку кај помладите.
Тоа откритие покажува колку е важно да се прими втора доза на вакцина за да се зајакне заштитата, велат научниците.
Сара Вокер, професорка од Универзитетот „Оксфорд“ која учествувала во истражувањето, вели дека сè уште не се знае точно колку силен одговор на антитела ни треба и колку долго ни е потребен за да се заштитат луѓето од коронавирусот на долг рок, но податоците од истражувањето ќе помогнат во текот на следната година научниците да одговорат на тоа прашање.
Фото: Freepik