Шпанија отвори училиште за овчарки
Дали некогаш сте сонувале да се откажете од вашата актовка и бучавата од сообраќајот и да се преселите на село, каде што главна преокупација би ви била водење стадо овци кон ридовите на рурална Шпанија?
Ако одговорот е позитивен, тогаш не сте сами. Кога на жените од Шпанија им била дадена шанса да аплицираат за место во новото училиште од 21 век за
овчарки, 265 се пријавиле.
- Проектот јасно одговара на потребата што постои во нашето општество - вели Сузана Пачеко, директорка на новото училиште.
Училиштето е проект на Шпанското здружение против депопулација (АЕЦД), организација посветена на ревитализација на селата. Во последните 50 години селата низ Шпанија изгубиле 28 отсто од своето население. Сега има 6.800 села со помалку од 5.000 жители. Ова е проблем, тврди претседателката на здружението, Лидија Дијаз.
- Секојпат кога една куќа ќе се затвори во некое село, ја губиме мудроста што ја собирале нашите предци преку своите искуства - вели Дијаз.
Целта на новото училиште е да се избори со оваа загуба конкретно преку зајакнување на жените кои веќе живеат во село или кои сакаат да живеат таму, вели Пачеко, која раководи со АЕЦД во провинцијата Кантабриа.
Училиште за овчарки
Жените со генерации играат важна улога во руралниот живот, но сепак ова не се рефлектира во нивната економска моќ. Во светски рамки, жените се чувари на традиционалното земјоделско знаење и сочинуваат околу 43 отсто од руралната работна сила, според АЕЦД. Сепак, тие сочинуваат помалку од 20 отсто од сопствениците на земјиштето и само 13 отсто од донесувачите на одлуки во руралните средини. Во Шпанија ситуацијата не е многу подобра. Жените сочинуваат повеќе од една третина од работниците во семејните фарми во селата, но сочинуваат само 26 отсто од шефовите на руралните зафати, вели Пачеко.
- Тие и понатаму се во сенка - вели таа.
Фото: Freepik
Идејата е училиштето да им ги даде потребните вештини на жените за да започнат свои рурални претпријатија и со тоа да го обноват селото.
- Aко сакаме нашите села да престанат да губат луѓе, постарите генерации да бидат заменети и руралниот свет да постигне економска и социјална одржливост, тогаш присуството на жената е од витално значење. Ќе обезбеди социјална поддршка и ќе поттикне нови активности - вели Пачеко.
За таа цел, овчарките што се запишаа во новото училиште ќе добијат 460 онлајн-часови и 255 часа практична настава во шпанскиот регион Кантабрија, каде што се наоѓа училиштето. Практичните курсеви ќе ги предаваат локални овчари и производители. Жените ќе научат како да одгледуваат овци, крави, кози, коњи, прасиња и добиток, како и други важни вештини за одржливо земјоделство во 21 век. Курсевите вклучуваат пчеларство, работа со растенија и одржлив туризам.
Дел од дизајнирањето на училиштето специјално за жени значи да се направи училиштето пријателски настроено кон семејството. За разлика од другите рурални курсеви, училиштето ќе обезбеди стипендии за децата да се згрижени додека нивните мајки студираат.
Училиштето допрва треба да почне. Организаторите ги отворија огласите на крајот од декември, а ги затворија кон средината на февруари. Сега се во процес на обезбедување средства за 30 студенти, кои ќе бидат првиот клас. Но, штом училиштето ќе почне, организаторите се надеваат дека тоа ќе сигнализира нов почеток и за рурална Шпанија.
- Како што реков: „Секојпат кога во едно село ќе се затвори куќа, губиме мудрост“. Сега велиме: „Секојпат кога една куќа ќе се отвори во некое село, подобро управуваме со пределот на селото“ - вели Дијаз.
Управувањето со руралниот предел е важна компонента на визијата на училиштето. Дел од изгубената мудрост кога луѓето ги напуштаат руралните области, објаснува Диаз, е знаењето за еден вид земјоделство што е повеќе во согласност со околината. На пример, разновидноста на семето што е приспособено на одредена почва се губи кога земјоделците заминуваат и престануваат да го садат.
Жените ќе бидат обучени за екстензивно сточарство: вид земјоделство кое ќе се бори против климатските промени, промовира биодиверзитет, се бори против пожарите и произведува поздрава храна.
- Екстензивното сточарство е клучен елемент во транзицијата кон зелена економија - вели Пачеко.
Сепак, некои луѓе сметаат дека би било подобро жителите на Шпанија да продолжат да живеат во градовите и да остават во селата да владее дивиот свет. Поддржувачите на ова гледиште не ги сметаат празните села во Шпанија како толку лоша работа.
Но, Дијаз има друга визија. Таа тврди дека во минатото луѓето биле во можност да го променат пределот без да го уништат или да ги исцрпат почвите, генерирајќи биодиверзитет на ист начин како што прават животните што пасат. Но, таа смета дека можеме да учиме од минатото, притоа вметнувајќи нови техники за да го направиме руралното живеење навистина одржливо.
- Постои концепт што е заборавен, а ни доаѓа од селото. Ние, како луѓе, исто така припаѓаме и живееме на оваа планета. Ние сме еден од видовите што ја населуваат оваа планета - вели таа.
Извор:
Treehugger.com
Фото: АЕCD