Научниците пресметаа колку животи спасија вакцините

Научниците пресметаа колку животи спасија вакцините

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Иако вакцините се вбројуваат меѓу најголемите медицински успеси во историјата на човештвото, довербата во нив во многу земји опаѓа, особено по ковид-пандемијата.

Антиваксерските движења, ширењето дезинформации и колебливоста кон вакцинацијата стануваат сè почести и пораширени, а последиците се веќе очигледни - болести што речиси беа искоренети повторно се шират.

За жал, за тоа значително придонесуваат и дезинформации што ги промовираат луѓе на истакнати политички позиции.

Над 154 милиони спасени животи

Вакцините, според многубројни големи епидемиолошки истражувања, директно се заслужни за спасување милиони животи. Минатата година научниците се обидоа подетално да го проценат тој придонес. По повод 50-годишнината од почнувањето на глобалната програма за вакцинација на деца, во угледното медицинско списание „Лансет“ беше објавена анализа според која вакцините против 14 заразни болести, вклучувајќи сипаници, дифтерија, тетанус и хепатит Б, од 1974 година досега спасиле околу 154 милиони животи, од кои дури 94 милиони се новороденчиња.

Со други зборови, вакцините спасуваат шест животи секоја минута. Најголем придонес има вакцината против сипаници, со приближно 94 милиони спасени животи. Светската здравствена организација проценува дека со вакцинацијата на децата годишно се спречуваат меѓу 3,5 и 5 милиони смртни случаи.

Важно е да се напомене дека овие бројки не ги вклучуваат вакцините против ковид-19, сезонски грип и големи сипаници - болеста што досега е целосно искоренета благодарение на глобалната имунизација.

Вакцините се исклучително безбедни


Вакцините што се користат во програмата ЕПИ се меѓу најбезбедните во медицината. Тие минуваат низ строги клинички истражувања, повеќефазни тестирања и постојан надзор откако ќе бидат пуштени во употреба.

Несаканите ефекти најчесто се благи и привремени (на пример, болка на местото каде што била ставена вакцината или лесна треска), додека сериозните реакции се исклучително ретки.

Ризикот од тешки последици од болестите што вакцините ги спречуваат е далеку поголем од ризикот од несакани ефекти. Поради тоа, речиси сите земји во светот ги користат вакцините за заштита на децата од најсмртоносните заразни болести.

vakcina
Фото: Freepik

Враќање на сипаниците и други болести


И покрај тоа, некои луѓе, на различни начини профитираат од ширење страв од вакцинација.

Поради намалена покриеност со вакцинација, во САД оваа година само за неколку месеци се забележани два смртни случаи на деца од сипаници, првпат по повеќе од една деценија. Двете деца не биле вакцинирани бидејќи нивните родители припаѓале на менонитската христијанска заедница која ги одбива модерната медицина и технологија. Во 2025 година во САД се пријавени над 700 случаи, од кои дури 541 во Тексас. Повеќе од 70 отсто од заразените во таа сојузна држава се деца и новороденчиња.

Во источноевропските земји покриеноста со вакцинација драстично опаѓа. На пример, Црна Гора во 2023 година имала само 24 отсто од децата вакцинирани против сипаници, а Босна и Херцеговина 55 отсто. За да се постигне колективен имунитет, потребно е најмалку 95 отсто вакцинирани, бидејќи сипаниците се една од најзаразните болести.

Вакцините против ковид спасиле над 20 милиони животи

Како што беше веќе напоменато, процената објавена во „Лансет“ не ги вклучува животите спасени со вакцината против ковид-19. Овие вакцини спасиле меѓу 14 и 20 милиони животи само во првата година од пандемијата.

Освен тоа, тие го спречиле колапсот на здравствените системи и го намалиле ризикот од потешки форми на болеста, хоспитализации и компликации.

Намалување на последиците од ковид-19


Според податоците на британската Агенција за здравствена безбедност, вакцините против ковид, исто така, го намалиле ризикот од развој на долготраен ковид меѓу 41 и 50 отсто.

Голема британска анализа објавена во „Нејчр комјуникејшнс“, спроведена на 45,7 милиони возрасни лица, покажала дека вакцините против ковид-19, спротивно на стравувањата од „неиспитани вакцини“ што се ширеа за време на пандемијата, го намалуваат ризикот од тромбози, срцев удар и белодробни емболии.

Вакцините го променија светот и го продолжија животниот век


Ефикасноста на вакцините се потврдува и преку продолжувањето на животниот век во последните сто години. Имено, од крајот на 19 век очекуваниот животен век во многу земји речиси се удвоил. Дел од тоа се должи на напредокот во медицината, хигиената и исхраната, но вакцините одиграа клучна улога.

Без вакцините против сипаници и големи сипаници, светот и денес би имал околу 10 милиони смртни случаи годишно само од тие две болести.

Науката е јасна. Проблемот е довербата.

Денес многу лекари никогаш не виделе болести како рубеола или полиомиелитис во живо, не затоа што тие исчезнале сами од себе, туку затоа што вакцините беа исклучително ефикасни. Но токму поради тој успех, многумина заборавија колку беа опасни овие болести.

За жал, тоа заборавање доаѓа со цена. Колку повеќе опаѓа довербата во вакцините, толку повеќе болести ќе се враќаат.

- Штета е што поради недоволна покриеност, не се користи целиот потенцијал на вакцинацијата, а тоа е елиминација на болести што може да се искоренат преку вакцинација - велат епидемиолозите.

Извор: Index.hr
Фото: Freepik