Ова се осумте европски градови со најдобар јавен превоз
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Кога станува збор за атрактивноста на еден град, најчесто се споменуваат ноќниот живот, културните содржини и гастрономската понуда. Но, основата што го прави секој град удобен за живот и посетители е ефикасен и пристапен јавен превоз.
Токму затоа, „Тајм аут“ ја објави својата листа со градови со најдобар јавен транспорт во светот, базирана на анкета направена меѓу 18.500 локални жители. Според нивните одговори, осум европски градови се најдоа меѓу најдобрите 19 во светот.
На врвот на европската листа се најде Лондон, каде што најголем број испитаници го оценија јавниот превоз како „одличен“ или „феноменален“. Дури 86 отсто од жителите дадоа позитивни оцени за транспортниот систем на британската престолнина, што е импресивен резултат, особено ако се има предвид дека лондонското метро е најстарото од ваков вид во светот.
Но, метрото не е единствената опција за движење низ градот. Лондон располага со модерната брза линија наречена „Елизабет“, 675 автобуски линии, 30.000 лајм-велосипеди и новообликуваната мрежа на надземната железница (англ. Overground) со шест активни линии.
На второ место се најде Виена, со јавен превоз што жителите го опишаа како „евтин, чест, брз, чист и ефикасен“, добивајќи 84 отсто позитивни оцени. Цирих го зазеде 3. место со 81 отсто задоволни граѓани.
Кои европски градови имаат најдобар јавен превоз според жителите?
Лондон – 86 отсто
Виена – 84 отсто
Цирих – 81 отсто
Брајтон – 80 отсто
Единбург – 80 отсто
Осло – 79 отсто
Варшава – 79 отсто
Талин – 77 отсто
Извор:
Timeout.com
Фото: Freepik