Сакате да ги трошите парите на патувања? Тоа ве прави подобра личност!
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Сигурно некаде сте слушнале или сте прочитале дека чувството на благодарност, а особено кога ја искажувате, има пријатно влијание врз здравјето. Чувството на благодарност го подобрува расположението, помага подобро да се однесувате кон другите, го подобрува физичкото здравје и го намалува стресот, а и анксиозноста.
Ако ги трошите парите на нови искуства и патувања наместо на предмети, во животот ќе внесете многу повеќе благодарност.
Размислете за тоа како се чувствувате кога ќе дојдете дома откако сте купиле нешто ново. За новиот мебел веројатно ќе си кажете: „Супер е овој кауч“, но мала е веројатноста да кажете нешто како: „Многу сум благодарна за овие нови полици“.
- Од друга страна, кога ќе се вратите дома од одмор, најчесто ќе помислите дека сте благословени со тоа што сте имале можност да посетите таква дестинација или макар само да отпатувате тогаш кога имате слободни денови, каде било. Луѓето често кажуваат позитивни работи за предметите што ги купиле, но ретко изразуваат благодарноста за тоа. Но, кога станува збор за искуствата, луѓето често се благодарни што ги доживеале - вели Томас Гиловиќ, доктор на науки и професор по психологија на Универзитетот „Корнел“.
Фото: Pixabay
Освен тоа, оваа благодарност поради искуствата што луѓето ги доживеале резултира со љубезност кон другите луѓе.
За да го испита ова, Гиловиќ со своите колеги прегледал 1.200 онлајн-рецензии на клиенти кои купиле нешто на интернет, а потоа оставиле свој коментар до продавачот - 600 луѓе што купиле нешто поврзано со искуство (оброк во ресторан, билети за настан, билети за патување на одмор) и 600 луѓе што купиле материјални работи: мебел, накит, облека. Гиловиќ и колегите воопшто не биле изненадени кога откриле дека луѓето изразуваат поголема благодарност во првиот вид рецензии.
- Луѓето беа поинспирирани од местата каде што биле, улиците што ги посетиле и оброците што ги јаделе отколку од предметите што ги купиле - пишуваат авторите.
Апсолвентката по психологија Џеси Вокер од Универзитетот „Корнел“, која го пишувала овој труд со професорот Томас, истакнува дека плаќањето за искуства предизвикува поголема благодарност затоа што тие не се активатори на споредувањето, за разлика од поседувањето материјални работи. Со други зборови, искуствата ставаат акцент на личните доживувања, а не на споредбата со туѓите, што е многу покарактеристично за ситуации во кои купувате нов мобилен или автомобил.
Авторите на истражувањето спровеле неколку експерименти со студенти и возрасни од база на податоци од интернет, па вo eден од експериментите од 297 учесници побарале да размислат за нивно неодамнешно купување во износ поголем од 100 долари, без оглед дали станува збор за искуство или предмет. Кога им рекле поводот за купувањето да го изразат преку благодарност на скала од 1 до 9, групата што ги коментирала своите искуства имала повисок резултат (7,36) од оние што ги анализирале предметите (6,91).
Во сличен експеримент испитаниците изјавиле дека купувањето што им обезбедило ново искуство ги направило посреќни од купувањето нови предмети, како и дека купувањето искуства го сметаат за подобро потрошени пари, што дополнително ја поткрепува тезата на професор Гиловиќ.
Ваквите откритија се важни за сите што би сакале во животот да внесат поголемо чувство на благодарност.
- Кога јавната политика би ги поттикнала луѓето да си дозволат различни искуства почесто отколку да трошат пари на предмети, тоа би ја зголемило нивната благодарност и чувство на среќа и би ги поттикнало да бидат подобри и кон другите. Организациите што овозможуваат вакви искуства, како јавните паркови, музеите или центрите за различни манифестации, би можеле да бидат добар почеток - вели професор Гиловиќ.
Накратко, сè што треба е помалку да трошиме на материјални добра и повеќе на искуство и
патувања.
- Колку повеќе поттикнуваме благодарност, толку ќе растат љубезноста и соработката меѓу луѓето - порачува професор Гиловиќ.