Проф. д-р Драги Димитриевски, кандидат за ректор на УКИМ: Неопходни ни се отвореност, транспарентност, отчетност

Проф. д-р Драги Димитриевски, кандидат за ректор на УКИМ: Неопходни ни се отвореност, транспарентност, отчетност

Подготвил: М.А.М

Лектор: Ивана Кузманоска

Факултети.мк ќе објави интервјуа со кандидатите за ректор на УКИМ

Навистина е алармантна сегашната состојба. Во последните години Универзитетот е, народски кажано, во слободен пад. Во зависност од тоа на која листа гледате, ќе видите дека тој е паднат и за повеќе од 500 позиции. Тоа кажува дека нешто драстично мора да се смени, а промената не може да дојде од истите оние што ја поттикнуваа оваа состојба . Неопходни ни се отвореност, транспарентност, отчетност, но и чесен пристап во работата, вели проф. д-р Драги Димитриевски, кандидат за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тој е професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, а беше и декан. Предава на Институтот за агроекономика.


Што прво ќе направите на УКИМ ако Ве изберат за ректор?


- Со мојата кандидатура поднесов и програма за работа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за мандатниот период 2020-2023. Програмата ги третира сите аспекти од работењето на еден современ универзитет, кон којa цел ќе го посветам мандатот. Иако комплексна, програмата е изработена да биде реална и остварлива и да донесе сериозни промени на УКИМ. Затоа веднаш со моето доаѓање на местото ректор ќе ги отворам за реализација сите нејзини аспекти.



Проф. д-р Драги Димитриевски

Инаку, само да споменам, дека сите ние последниве неколку месеци секојдневно живееме во време кога целиот свет е соочен со криза од огромни размери, предизвикана од здравствената пандемија со ширење на коронавирусот, а програмата го опфаќа и овој проблем. Во такви услови целокупниот живот и општествено-економски активности се соочија со предизвик на нов начин на функционирање и работење, вклучувајќи ги образованието, науката, културата, спортот, како клучни или значајни дејности во работењето на универзитетите.

И ова е прв и основен предизвик за мене како ректор. Во овие изменети услови треба да се приспособат и организацијата и работењето на Универзитетот. Веднаш ќе почнам со организирање и воведување нови модели во наставно-образовниот процес, во научноистражувачката работа, во стручно-апликативните дејности на универзитетот, мобилноста на наставно-научните работници и студенти, студентските активности на сите полиња, управувањето и финансирањето на дејностите на универзитетот, како и другите дејности што се од значење за универзитетот.
Нормално е дека по преземањето на која било функција најпрво ќе треба да се направи еден пресек за целокупната состојба на УКИМ. Потребна е длабока анализа на состојбите, кои во изминатиот период предизвикуваа интерес и негодувања кај академската заедница, но и надвор од неа. Првенствено е потребна ревизија на материјалното и финансиско работење на универзитетот во изминатиот период. Во јавноста излегуваа неколку непријатни информации за незаконито работење, па оттука сметам дека е добро најпрвин да се расчистат сметките.

Јас се залагам за посериозни промени во овој дел, и на почеток целосно ќе ја реорганизирам структурата на распределба на средствата кои по повеќе основи ги прибира универзитетот со нивно првенствено насочување кон наставниот процес, науката и кон мобилноста на наставно-научниот кадар и на студентите. Само како пример, најпрво ќе го укинам досегашниот начин на распределба на средствата кои се задржуваат од меѓународните проекти, кои не се така мали, а се распределуваат во најголем дел за хонорари и целосно ќе ги насочам кон поддршка на науката.

Сметам дека во овој период обременет со проблемите од корона-кризата потребно е агрегирање на целосниот потенцијал на универзитетот, за УКИМ да излезе од кризата подготвен за новите предизвици на дигиталната ера, можности за интеграција на сите единки на универзитетот, далечинско учење и модернизација.

Имаме нов Закон за високо образование, кој беше најавуван на голема врата дека е во насока на враќање на автономијата на УКИМ, и негов развој. Колку, според Вас, овој Закон му помогна, а колку го забави напредокот на УКИМ?


- Мојата програма ја почнувам со сериозен осврт на автономијата. Сметам дека почитувањето на автономијата на сите нивоа е фактор за успешен универзитет. Моето залагање ќе биде целосно почитување на автономијата, со што ќе се отвори критичката мисла и интелектуалниот потенцијал на секој поединец на УКИМ, како и академската слобода која произлегува од самите нив.
Кога зборуваме за новиот Закон за високо образование, морам да споделам дека владее општ впечаток во и надвор од академската заедница дека тој има полоши решенија од претходниот. Да не бидам погрешно разбран, претходниот Закон мораше да биде променет со нов бидејќи стана неиздржлив поради премногу измени и дополнувања, со кои на крајот стана неупотреблив. Новиот Закон, иако допрецизира одредени делови, сепак, сметам дека во клучни делови, значајни за напредокот на универзитетите во државата, има исто така лоши решенија. Тука, пред сѐ, ќе ги споменам олабавените критериуми во напредувањето на кадарот. Сметам, а и тоа е дел од пошироката критика, дека и во делот на студентското организирање законските решенија се со намалени слободи. Според мене, а од аспект на ректор кој треба да се грижи за интегриран универзитет, Законот како да ги намалува интегративните аспекти. Само ќе го споменам делот дека на единиците им се вратија статутите. Јас се залагам за почитување на секоја единица, но доколку сакаме силен универзитет, треба да го насочиме целокупното внимание кон секој поединец за да се чувствува како член кој најпрво припаѓа на универзитетот.

Кога зборуваме за Законот, јас сепак би кажал дека и најдобриот Закон, доколку има недоволна примена, нема да биде добар. Еве и по две години од неговото донесување има недостиг на имплементација на законските решенија. Дополнително, УКИМ многу доцнеше со донесувањето на Статутот, со промени во структурата, а како најкарактеристично што предизвикува сериозни дебати за нерегуларности е што ректорот сѐ уште претседава со Сенатот, наместо досега да се избереше претседател на Сенат. Сметам дека и самиот Статут на универзитетот не одговара на потребите на развојот на универзитетот, за што веднаш ќе преземам активности за негови измени.



Во последните години универзитетот е, народски кажано, во слободен пад



На сите светски ранг-листи секоја година УКИМ оди сѐ подолу и подолу. Ако Ве изберат за ректор, што ќе преземете за да се смени оваа состојба?

- Навистина е алармантна сегашната состојба. Во последните години универзитетот е, народски кажано, во слободен пад. Во зависност од тоа на која листа гледате, ќе видите дека тој е паднат и за повеќе од 500 позиции. Тоа кажува дека нешто драстично мора да се смени, а промената не може да дојде од истите оние што ја поттикнуваа оваа состојба. Неопходни ни се отвореност, транспарентност, отчетност, но и чесен пристап во работата. Јас никогаш нема да се осмелам да визионирам нешто што не сум сигурен дека може да се реализира. Затоа, мојата програма се базира на неколку основни постулати:

1) Достоинствени плати и мотивација на наставно-научниот кадар. Се залагам за вистинска финансиска автономија на универзитетот која ќе овозможи реална поддршка за истражувања, напредок и реформирање во работата.
2) Студентите мора да ги вратиме во центарот на вниманието! Кај новите генерации млади академци ние мораме да изградиме критичко мислење, а студиските програми да го поврзат образованието со барањата на пазарот на трудот. Да ги вклучиме и студентите во научните истражувања;
3) УКИМ мора вистински да ја развива науката, а за ова се потребни средства. Затоа силно ќе се заложам за зголемување на средствата што државата ги одвојува за наука, но веќе погоре споменав дека со промена на структурата на средствата кои сам ги прибира УКИМ ќе биде поддржана научната дејност.
4) И четврто, моја визија е да постигнеме целосна универзитетска интеграција преку дигитализација. Дигитализација на процесите, соработката, научниот пристап и односот кон образованието.
Сето ова верувам дека ќе придонесе за спротивен тренд во наредните три години. И тогаш УКИМ повторно ќе ја заземе својата улога и во државата – да биде извор и предводник на академскиот напредок!

Со години наназад науката е ставка за која се извојува очајно мал дел од буџетот. Каква трансформација на ова поле предлагате?

- Не смееме да бидеме држава која издвојува само 0,2% од годишниот буџет за наука. Затоа, особено ќе се залагам за зголемување на средствата што се издвојуваат за научната дејност и обезбедување стипендии за научноистражувачкиот подмладок. Во таа смисла, ќе ставам акцент на меѓународната соработка во научните проекти, кои во мојот мандат мора да го добијат вистинското внимание. Покрај државата, на располагање ни стојат голем број стопанственици и компании на кои УКИМ им е потребен за заеднички развој, кои би биле задоволни да соработуваат со академската заедница и од тоа сите заедно да имаат бенефит. Не смееме да го гледаме финансирањето како извор на средства за мала група луѓе, а тоа да не биде во функција на вистинскиот развој на науката. Затоа, како ректор, се обврзувам на транспарентност и отчетност во распределбата на средствата и поддршка на македонската наука на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Фото: Борче Поповски