Проф. д-р Вујица Живковиќ, кандидат за ректор: УКИМ мора да се трансформира

Проф. д-р Вујица Живковиќ, кандидат за ректор: УКИМ мора да се трансформира

Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Факултети.мк ќе објави интервјуа со кандидатите за ректор на УКИМ

Голема трансформација во насока на дигитализација на студиите, т.е. воведување учење на далечина како алтернатива на традиционалната форма на настава, е еден од приоритетите со кои се соочува Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Овој процес треба да се почне што поскоро бидејќи ќе бидат потребни време, труд, креативност, финансии, законска регулатива, вели проф. д-р Вујица Живковиќ, кандидат за ректор на најголемиот државен универзитет во земјава. Тој е актуелен проректор за настава на УКИМ. Доаѓа од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, каде што истерал два мандата како декан. Негова научна област е применета кинезиологија, кинезитерапија.


Што прво ќе направите на УКИМ ако Ве изберат за ректор?

- Не потценувајќи ги останатите приоритети важни за развојот на нашиот универзитет, сепак, мислам дека актуелната криза предизвикана од коронавирусот како никогаш досега ја наметнува потребата за трансформација на универзитетите од традиционална форма (face to face) во нови синхрони и асинхрони форми на учење на далечина (Distance Learning Sistem ̶ DLS). Безбедноста и зачувувањето на здравјето на студентите и на сите други субјекти инволвирани во наставниот процес, од една страна, претставуваат врвен приоритет за сите, а постигнувањето квалитет во студиите, без или со делумно користење на традиционалните форми за настава, од друга страна, претставува императив кој не смее да се игнорира. Во вакви услови на светско ниво, голем број институции и образовни системи, како што е нашиот, сосема неспремно ја дочекаа оваа вонредна состојба, па со одредени мерки успеаја да амортизираат само дел од проблемите. Релативно брзо воспоставивме онлајн-настава преку одредени платформи, со што онаму каде што беше можно, теоретската и практичната настава продолжија да се одвиваат. Се разбира, ова беше само првата фаза од проблемот бидејќи пред нас се појавија проблеми поврзани со практичната настава на факултети кои ја врзуваат со специфични опкружувања (лаборатории, работилници, теренска настава, специјализирани простори, инструменти и друг вид демонстрации и асистенции потребни за совладување на поставените задачи и цели на наставниот процес). Исто така, се наметна и проблемот на полагање колоквиуми и испити, како и проблеми поврзани со администрирањето на целиот образовен процес.

 Проф. д-р Вујица Живковиќ

Во наредниот период како врвен приоритет се наметнува започнувањето на голема трансформација која треба да оди во насока на дигитализација на студиите, т.е. воведување учење на далечина (DLS) како алтернатива на традиционалната форма на настава (се разбира, онаму каде што е можно и изводливо). Врз основа на сево ова, овој процес треба да се почне што поскоро бидејќи тоа е процес за кој ќе бидат потребни време, труд, креативност, финансии, законска регулатива и др. Со други зборови, како императив се наметнува изработка и имплементација на една сеопфатна стратегија за воведување учење на далечина (ДЛС-систем) на УКИМ. Се разбира дека ова не може да се постигне многу брзо и сосема е оправдано во краткорочна и среднорочна перспектива да се применува т.н. хибриден начин на изведување на наставата.

Имаме нов Закон за високо образование, кој беше најавуван на голема врата дека е во насока на враќање на автономијата на УКИМ, и негов развој. Колку, според Вас, овој Закон му помогна, а колку го забави напредокот на УКИМ?

- Една од основните цели што требаше да се остварат преку носење на новиот ЗВО беше враќање на автономијата на универзитетот, враќање на квалитетот во образованието и гарантирање на правата на студентите на изворно студентско организирање. Во таа смисла, како клучни темели се поставија академската слобода, правната сигурност и заштитата, деконцентрацијата на моќта на раководните органи на универзитетот (ректор, декани), автономијата во управувањето, поголемата финансиска автономија преку формирање на Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност, поголемата кадровска автономија, формирањето Агенција за квалитет, но и поделбата на Одбор за акредитација и Одбор за евалуација се добра законска основа за враќање на автономијата на универзитетите.

Но, за жал, и по две години од неговото донесување сѐ уште не е формиран Национален совет за високо образование и научноистражувачка дејност, кој во рамките на својата надлежност е одговорен и да предлага Уредба за мерила и критериуми за финансирање на високото образование, која ја донесува Владата, да го следи развојот на научноистражувачката дејност и нејзината усогласеност со европските и меѓународните трендови, за што еднаш годишно треба да поднесува извештај до Собранието и Владата со предлог-мерки, решенија и препораки за подобрување на научноистражувачката дејност; да ја изготвува и со согласност на министерот надлежен за работите на високото образование ја предлага за усвојување Националната програма за научноистражувачка дејност до Собранието; да предлага до Владата приоритетни области и програми за научно истражување и технолошки развој; и дава други предлози, мислења и иницијативи во врска со развојот на високото образование и научноистражувачката дејност.



Застојот во конституирањето на Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност, Агенцијата за квалитет, а во нејзини рамки и Одборот за акредитација на високото образование и Одборот за евалуација на високото образование, нецелосната кадровска автономија, се едни од најважните предуслови за зголемување на автономијата и основа за побрз развој.

На сите светски ранг-листи секоја година УКИМ оди сѐ подолу и подолу. Ако Ве изберат за ректор, што ќе преземете за да се смени оваа состојба?

- Во светот на зголемената конкурентност во високото образование, рангирањето на универзитетите стана многу актуелно. Идејата за рангирање е родена во академски средини и се спроведува на различни начини, со различни цели и врз основа на различни критериуми. Во принцип постојат рангирања на глобално ниво и рангирања на национално ниво. Особено актуелни се рангирањата на глобално ниво кои почнаа од 2003 година со појавата на најпознатата и највлијателна Шангајска листа (Academic Ranking of World Universities - ARWU). Во моментов актуелни се над 30 глобални ранг-листи, меѓу кои најпопуларни се Webometrics, Times Higher Education Rankings (THE), SCImago Journal Rank, Center for World University Rankings (CWUR) и др. Иако глобалните системи за рангирање на универзитетите се разликуваат меѓу себе, компаративните студии зборуваат дека сепак сите имаат една заедничка компонента - истражувањата и научната продуктивност. Вреднувањето на научната активност се мери преку показателите кои ги мерат продуктивноста, цитираноста и меѓународната соработка. Во таа смисла, треба да се стимулира научната продукција, со посебен акцент на трудови објавени во најпрестижните списанија кои ќе бидат индексирани во релевантни цитатни бази.

Во тој контекст, како приоритет се јавува потребата да се детектираат, привлечат и мотивираат врвните истражувачи на универзитетот чии трудови (како автори или коавтори) се индексирани во најзначајните цитатни бази Web of science (Science Citation Index Expanded-SCI, Social Science Citation Index-SSCI, Arts & Humanities Citation Index - A&HCI), Emerging Sources Citation Index – ESCI), Scopus, Google Scholar и др.

На овој начин со голема поддршка на универзитетот, не е сосема нереално во догледно време да
се зголеми бројот на наши истражувачи кои ќе објавуваат (како автори или коавтори), во
најпрестижните списанија Science и Nature.
На овој начин со голема поддршка на универзитетот, не е сосема нереално во догледно време да се зголеми бројот на наши истражувачи кои ќе објавуваат (како автори или коавтори), во најпрестижните списанија Science и Nature.


За да бидеме што подобро рангирани на која било ранг-листа, постојат и други индикатори на кои треба да се обрне внимание. Како порелевантни би ги набројал: квалитетот на наставата, квалитетот на наставниците, интернационализацијата, иновациите, веб-видливостa, бројот на интернет-страници во рамките на доменот на универзитетот, бројот на документи (.pdf, .ps, .eps, .doc, .docx, .ppt, .pptx) што се достапни на веб-страниците на институциите и др. Се разбира дека сево ова треба да се прави плански, преку стратешко планирање со детална анализа на меѓународниот, националниот и институционалниот контекст.

Со години наназад науката е ставка за која се извојува очајно мал дел од буџетот. Каква трансформација на ова поле предлагате?

- Според податоците на Светска банка, во 2017 година во нашата држава во наука биле вложени 0,35% од БДП, што претставува можеби најнизок процент на одвојување во Европа (ЕУ просек 2,3%). Таргетот на краткорочен и среднорочен план би требало да биде 1% од БДП, со што донекаде би се подобрила состојбата во науката, како на национално така и на институционално ниво. Исто така, потребно е да се изработи национална стратегија за развој на науката и формирање Агенција за научни истражувања. На овој начин би се оствариле претпоставките за плански развој на науката во нашата држава преку соодветно финансирање на национални и меѓународни научноистражувачки проекти, вработување на поголем број научен кадар (особено на млад кадар), финансирање во научноистражувачката инфраструктура и др.



Во тој контекст, потребно ќе биде од страна на Универзитетот да се изработи Стратегија за развој на науката. Таа треба да се темели на детална анализа на сите стратешки документи на интернационално, национално и на институционално ниво. Истата би се реализирала во следниве правци: иницирање и стимулирање на заеднички научноистражувачки активности со престижни високообразовни меѓународни институции, создавање интердисциплинарни истражувачки тимови, вмрежување и научна соработка со другите универзитети во државата, креирање стимулирачко истражувачко опкружување, зајакнување на алумни-мрежата, формирање база на научноистражувачка опрема, поголема стимулација за истражувачите кои објавуваат научни трудови со фактор на влијание, овозможување достапност до квалитетна научна литература и пристап до меѓународни бази на списанија, јакнење на капацитетите за подготвување/реализирање проекти во соработка со меѓународни партнери, кадровско јакнење и континуирана едукација на стручно-административните капацитети, интензивна финансиска поддршка на единиците што издаваат научни списанија со меѓународен уредувачки одбор, зголемување на бројот на студенти вклучени во научноистражувачка работа (пред сè, студентите на втор и трет циклус студии), континуирана евалуација, модернизација и надградба на студиските програми од трет циклус студии, акредитирање на интердисциплинарни студиски програми, акредитација на заеднички докторски програми со странски универзитети, континуирана поддршка на Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, интензивирање на поддршката на деловно-технолошкиот акцелератор УКИМ ДОО Скопје, поддршка на работата на научните институти-членки на УКИМ и др.