Според ИКЕА, домот на иднината ќе биде преполн со зеленило и одржливи решенија
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Иако поп-културата ни вели дека „домот на иднината“ ќе изгледа како од серијата „Џетсонови“, полн со холограми, екрани на допир и стерилни, бели површини, ИКЕА смета дека идните домови ќе бидат многу позелени.
Компанијата за мебел создаде модерен простор за живеење наречен „Дом на иднината“ за да ги едуцира луѓето за тоа како да живеат заедно со природата во градовите.
Истражување спроведено од ИКЕА покажува дека 70 отсто од глобалното население ќе живее во градовите до 2050 година, што е големо црвено знаме за оние што се занимаваат со глобалното затоплување и климатските промени. „Домот на иднината“ на ИКЕА е пример за тоа како градските жители, сегашни и идни, можат да донесат зелени решенија во домот за да го направат светот подобар.
Овие решенија даваат одговор за прекумерниот отпад, осиромашувањето на природните ресурси, сушите, цените на храна и потребата за поздрави места за живеење.
За да го изгради овој модел на иден дом,
ИКЕА изнајмила напуштена зграда во Шчеќин, Полска, и ги претстави повеќето свои решенија околу домашната градина без почва, која ги користи методите за заштеда на вода преку аквапоника, хидропоника и аеропоника, за одгледување зеленчук, овошје, растенија, па дури и некои видови габи.
Посетителите на оваа зграда ќе научат како да приготвуваат оброци со овие домашно одгледувани зеленчуци, како да ги обработат отпадоците од приготвувањето храна - сите се ставаат во контејнери и други садови за отпадоци што резултираат во биоматеријал што може да се користи во други делови од домот.
Оние што стојат зад „Дом на иднината“ ги охрабруваат сите заинтересирани да се вклучат во дизајнирање на повеќе решенија за моделот. Малите тимови соработуваат преку форум на интернет за да дизајнираат решенија за управување со отпад кои се достапни, едноставни за употреба и ги решаваат вистинските проблеми.
- Би сакале да ги охрабриме жителите на Шчеќин да преземат одговорност за отпадот. Верувам дека само со правилно финансирање на еко-пријателските решенија за животната средина ќе создадеме суштински чекор кон одржлив живот - вели Густав Јакубовски, кој е дел од проектот „Дом на иднината“.