Обидете се да ги решите случаите од „Нерешени мистерии“, една од најпопуларните серии на „Нетфликс“
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Не мора да бидете детективи за да знаете дека криминалните дела базирани на вистински настани имаат најголема гледаност.
Постои нешто фасцинантно, вознемирувачко, застрашувачко и зависно од гледањето на мрачниот и скриениот дел на реалните луѓе. Вистинските приказни за криминалот имаат почеток, средина и крај. Да, многу прашања остануваат неодговорени, но секоја емисија има разумно задоволувачки заклучок. Можеби злосторниците не се секогаш фатени, но барем знаеме кои се.
Но, ова не е случај со новата
крими-серија на „Нетфликс“, „Нерешени мистерии“, продолжение на култната серија од 1987 до 2002 година со водителот Роберт Старк. Овој пат во продукција на Шон Леви, продуцентот на „Почудни нешта“. За разлика од оригиналната серија, ова продолжение нема водител или наратор што ќе ве води (иако накратко се појавува силуетата на Старк во најавната шпица), секоја епизода е 45-минутен документарец составен од интервјуа на сведоци, реконструкции на настаните и докази за случајот што допрва треба да се реши.
Како што се презентирани фактите - убиено француско семејство, но телото на сопругот не е меѓу откриените тела; тело на човек паѓа низ покрив во напуштена хотелска конференциска сала - на публиката останува да биде аматер-детектив и да теоретизира за тоа што се случило и како.
Додека за некои гледачи недостигот на решение на случајот е фрустрирачко, особено во случајот со младиот Алонзо Брукс кој не се вратил дома од забава и се претпоставува дека е жртва на злосторство од омраза, може да ве привлече и обидот да извлечете сопствени заклучоци и обидот да решите кривично дело за помалку од еден час, кое полицијата не успеала да го реши долги години.
Се разбира, ако вашето гледање телевизија вклучува серии како „Коски“ и ЦСИ, сигурно ќе се прашате зошто нема некој медицински гениј кој ќе може да го посочи точното време и начинот на смртта и да го утврди убиецот од заб, гума или специфична ткаенина. Но, „Нерешени мистерии“ го претставува реалниот живот, а секое семејство чиј близок е исчезнат или е мртов знае дека доказите не се секогаш совршени и не секогаш мистеријата е решена. Можеби некој што ја гледа серијата ќе забележи нешто, ќе дознае нешто и благодарение на контактот даден на крајот од секоја епизода - ќе обезбеди увид во случајот кој со години останал нерешен.
Првите пет епизоди се за заборавени и затворени случаи за кои полицијата немала доволно докази. Реконструкциите на случаите се внимателно направени - едвај ги гледате лицата на актерите, така што тие никогаш не се извлечени од приказната, а тие реконструкции се вкрстени и со интервјуата на членовите на семејството и полицијата и детективите што зборуваат за случаите што очајно сакаат да бидат решени.
Серијата никогаш не го сензационализира злосторството и не ги експлоатира учесниците. Ќе се најдете себеси како се надевате дека епизодата ќе води до некој што помнел нешто, нешто што водело до некакво апсење. Да, забава е, но скршените лица на семејствата ве потсетуваат дека серијата се надева на помош од јавноста.
Сепак, постои нешто што повеќето гледачи сметаат дека не треба да го има во серијата. Имено, најновата епизода се занимава со НЛО кое наводно го виделе жители на округот Масачусетс во 1969 година. И покрај тоа што сакате да ги сфатите сериозно интервјуата со жителите кои објаснуваат што се случило тој 1 септември 1969 година, сепак во текот на епизодата се чувствувате непријатно со оглед на тоа што сте гледале во текот на претходните пет епизоди и со оглед на вистинскиот криминал со кој се соочиле овие луѓе.
Продуцентите треба да се држат до вистинскиот криминал и оние случаи што се надеваат дека би можеле да се решат, а натприродните и паранормалните работи да ги остават за некоја друга серија.
Извор:
Radiotimes.com