Одложено лансирањето на најзначајниот вселенски телескоп по „Хабл“
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ на НАСА ќе биде лансиран на 31 октомври 2021 година, откако агенцијата минатиот месец потврди дека лансирањето закажано за март 2021 година повеќе не е опција поради тековната пандемија и други технички предизвици.
НАСА ја објави одлуката заснована врз неодамна завршената процена на ризикот, претставувајќи ги влијанијата од пандемијата и техничките предизвици.
Тестирањето на опсерваторијата продолжува да се одвива добро во компанијата „Нортроп Груман“, главен индустриски партнер, и покрај предизвиците на ситуацијата со коронавирусот. Како фактори за новиот датум на лансирање се наведени влијанијата на зголемените безбедносни мерки на претпазливост, намалениот персонал и техничките предизвици. Оваа година ќе биде завршен и финалниот сет на комплексни тестови за животната средина.
-
„Џејмс Веб“ е проект без преседан во вселенската наука, што бара најголема генијалност и во научните и во техничките домени, во силно меѓународно партнерство. Напредокот на науката овозможен од „Веб“ ќе го револуционизира нашето разбирање за универзумот - вели професор Гинтер Хасинџер, директор на наука на Европската вселенска агенција.
Опсерваторијата ќе ја открие светлината од првата генерација на ѕвезди и галаксии што се формирале во раниот универзум и ќе ги проучува атмосферите на егзопланети погодни за живот.
Фото: Screenshot/YouTube
Телескопот ќе има два клучни научни инструменти - спектографот „НИРСпек“ и „МИРИ“ - среден инфрацрвен инструмент.
На патувањето во вселената „Џејмс Веб“ ќе биде првата мисија што ќе комплетира сложена и технички предизвикувачка серија на распоредувања. „Веб“ ќе го oтвори својот петслоен штитник од Сонцето што е со големина колку тениско игралиште, а потоа ќе го распореди неговото огледало од 6,5 метри што ќе ја открие слабата светлина на далечните ѕвезди и галаксии.
„Џејмс Веб“ ќе биде следната голема опсерваторија за вселенска наука, изградена на успехот на уште еден голем меѓународен подвиг - вселенскиот телескоп „Хабл“, за да ги реши тајните на Сончевиот Систем, да истражува далечни светови околу другите ѕвезди и да го открие потеклото на нашиот универзум.
Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ е меѓународен проект предводен од НАСА со своите партнери, Европската вселенска агенција и Канадската вселенска агенција.
Извор:
Тunisiesoir.com