Први корона-уписи на УКИМ: Нема веќе турканици, од дома ќе се скенираат свидетелства, изводи и државјанства

Први корона-уписи на УКИМ: Нема веќе турканици, од дома ќе се скенираат свидетелства, изводи и државјанства

Подготвил: Антонија Поповска

Лектор: Ивана Кузманоска

Свидетелствата од сите години од претходното ниво на образование, изводот на родени, државјанството и другите потребни документи секој кандидат ќе треба да си ги скенира, а потоа да ги стави во системот, кој ќе биде ист за сите факултети за да нема разлики во начинот на пријавување


Секој што сака да студира на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ годинава ќе може да поднесе документи за упис од дома. Првпат пријавувањето ќе се спроведе со скенирање на бараните документи, кои секој кандидат ќе треба да ги прикачи онлајн во систем кој во моментов се создава и надградува. Нема веќе да има турканици на факултетите.


Свидетелствата од сите учебни години во средно образование, изводот на родени, државјанството и другите потребни документи секој кандидат ќе треба да си ги скенира, а потоа да ги стави во системот. Тој ќе биде ист за сите факултети за да нема разлики во начинот на пријавување, а на него деновиве работат професорите од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Дека пријавувањето на факултетите ќе се одвива на овој начин, потврди и првиот човек на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски.

Проф. д-р Иван Чорбев, деканот на ФИНКИ, за „Факултети.мк“ вели дека сето ова се прави за да не се изложуваат на ризик од зараза со Kовид-19 идните академски граѓани.


- Сите кандидати од дома ќе може да се пријават за факултетот кој ќе го изберат. Поените оваа година се пресметуваат од оценките, бидејќи матурантите првпат не полагаа државна матура поради пандемијата. Периодов го приспособуваме системот за да можат идните студенти да ги прикачат документите онлајн, работиме на тоа да ни биде сè заштитено, да биде сè јасно и да не се случува да кочи или да паѓа - информира проф. д-р Иван Чорбев, декан на ФИНКИ.

Нема веќе метеж пред студентски прашања, сите документи ќе се ставаат во систем од дома

Паралелно се работи и на рангирањето на кандидатите по приемот на документите. Во случај да има многу кандидати со сите петки во средно образование, во игра е опцијата да се полага квалификационен тест за да се изврши селекција. Има и можност рангирањето да се врши и по освоени дипломи на државно ниво, учество во репрезентација и слично. Сепак, Чорбев не очекува дека ќе има потреба од тоа бидејќи на факултетот има доволно слободни места (вкупно 1.080) на сите студиски насоки.

На ФИНКИ секоја година има интерес за сите насоки: Интернет, мрежи и безбедност, Компјутерска едукација, Компјутерски науки, Компјутерско инженерство, Примена на информациски технологии и Софтверско инженерство и информациски системи.

По еден месец откако училиштата и факултетите беа затворени поради кризата со Kовид-19, Министерството за образование и наука (МОН) донесе одлука годинава матурантите да не полагаат државна матура, која до лани беше услов за упис на факултет. Сите ученици во завршна година во средните училишта беа ослободени од полагање, а добија диплома за завршено средно образование, која има важност како и свидетелствата издадени во изминатите учебни години.


Конкурсот за уписи и информации за начинот на пријавување се објавени на веб-страницата на Универзитетот.