Елизабета Наумовска, директорка на ДИЦ: Матура ќе се полага по нов концепт, со повеќе „чувари“, а ќе се воведе и академски тест на знаења

Елизабета Наумовска, директорка на ДИЦ: Матура ќе се полага по нов концепт, со повеќе „чувари“, а ќе се воведе и академски тест на знаења

Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Ќе отвориме дебата за тоа што треба да менуваме во постојниот концепт на државна матура со цел да обезбедиме повисок квалитет на добиените резултати, но и поцелисходна, порелијабилна и пообјективна слика за знаењата на учениците по завршувањето на нивното средно образование, вели Наумовска

Постојната концепција за полагање државна матура, односно завршен испит во Македонија, се применува од 2005 година. Две години се пилотираше, па во 2008 стана официјална законска обврска и оттогаш се реализира секоја година. До 2014 година концептот предвидуваше учениците да полагаат два екстерни и два интерни предмети и проектна задача, односно тоа е истиот модел кој оваа година беше применет во договор со Сојузот на средношколци и со премиерот, кога реализиравме матура во услови на пандемија. По 2014 година, до 2020 година, се отиде чекор понапред, па се полагаа три екстерни и еден интерен испит, како и проектна задача.

Државната матура во меѓународните извештаи е високо оценета при евалуација на образовниот систем во нашата земја. Процесот е пофален од странците поради објективноста, релевантноста, па поради тоа, дипломата е признаена во многу европски и светски универзитети, без учениците да има потреба да полагаат други испити. Сепак, надлежните планираат да се менуваат нештата бидејќи има преписи на денот на испитот, а причина за промени е тоа што им се даваат тестови со иста тежина и на гимназијалците и на матурантите во стручните училишта, иако бројот на часови не им е ист. За планираните промени во однос на државната матира, разговараме со Елизабета Наумовска, директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ).

Според сегашниот концепт, тежината на матурските прашања е еднаква и за учениците од средното стручно образование и од гимназиите и од уметничките училишта. Зошто е така?

- Последните години во нашиот образовен систем во средните училишта се случуваат многубројни реформи, особено во средното стручно образование. Од пред две години во стручното образование се воспоставени нови наставни планови и програми со модуларен пристап. Расте бројот и на училишта кои отвораат и паралелки со дуално образование, односно се зголемува практиката, а се намалува фондот на часови по општообразовните предмети. Тоа значи дека постои голема разлика меѓу гимназиското и стручното образование, а во овој момент, во исти услови полагаат државна матура сите матуранти. Исти се испитите за сите. Оттука е потребата да се промени концепцијата за матура, односно потребата многу посериозно да дискутираме за прашањето каква матура ни е потребна. Во таа насока, ДИЦ формира работна група пролетва, во која беа вклучени претставници од централните образовни институции, беа и претставници од средношколците, од високото образование, директори и наставници од средните училишта. Светска банка ни помогна со ангажирање меѓународен експерт за евалуација, Џорџ Бејтл, и сите заедно требаше да подготват нова предлог-концепција за матура.



Дали ќе бидат земени предвид потребите и идеите на средношколците во целиот процес?

- ДИЦ како институција во наредниот период планира за ова прашање да отвори поширока јавна расправа пред сè со средношколците, преку нивните легитимни претставници, како и со претставници од високото образование. Ќе отвориме дебата за тоа што треба да менуваме во постојниот концепт на државна матура со цел да обезбедиме повисок квалитет на добиените резултати, но и поцелисходна, порелијабилна и пообјективна слика на знаењата на учениците по завршувањето на нивното средно образование.

Дали тоа значи дека сега немаме квалитет?

- Тоа не значи дека сега немаме квалитет, но државната матура треба да биде уште поквалитетна и подобра.

Што недостига во сегашниот модел? Што ќе се менува?

- Не може исти тестови по мајчин јазик, по математика, по англиски јазик да полагаат ученици од гимназиско образование кои следат мајчин четири часа неделно или англиски 3 часа неделно и учениците од стручното кои мајчин следат три часа неделно и англиски два часа неделно. Во текот на своето школување ние како наставен кадар добро знаеме дека не е сеедно колку интензивно ученикот во текот на наставната недела учи некој наставен предмет. Не е исто три пати со четири пати. Во стручното образование, со реформите треба да се подготват учениците за директно вклучување на пазарот на трудот стекнувајќи повеќе знаења, вештини и способности од самата струка, но на нашата држава ѝ се потребни високостручни кадри за технички науки. Затоа, на овие ученици треба да им понудиме модел што истовремено ќе им овозможи директно вклучување на пазарот на труд и перспективна можност веднаш или во понатамошниот тек на животот да заокружуваат и високо образование.

Во план е учениците да полагаат т.н. екстерен академски тест на знаења. За што се работи?

- Ние предлагаме да се воспостави концепт со кој учениците од средно стручно и уметничко образование ќе можат и без полагање на државна матура да го заокружат своето средно образование за да можат директно да се вклучат на пазарот на труд. Но, и да можат веднаш со полагање екстерен академски тест на знаење да се вклучуваат во високото образование. Овие ученици ќе полагаат стручна матура, за да го заокружат образованието, а со дополнително полагање на академскиот тест ќе имаат можност да се вклучат во високото образование. На таков начин ќе се одбегне учениците од стручното што избрале државна матура, а не успеале да ја положат во една учебна година, да паузираат цела година за повторно да полагаат државна матура, туку да се стекнат со диплома за завршено средно со која ќе се вклучат на пазарот на труд, а веднаш или во иднина да можат полесно да обезбедат и пристап до високото образование.

Гимназијалците имаат застарени наставни планови и програми кои треба да се менуваат и на кои веќе се работи. Од аспект на државната матура, треба да се зголемат веродостојноста и објективноста на оценките, а тоа значи проширување на бројот на екстерни испити, па тие ќе имаат три екстерни, односно четири екстерни испити. Тоа што меѓународните извештаи од спроведените меѓународни тестирања укажуваат, а и она што го бараат светските стандарди, за математичка и јазична писменост, ги отвора прашањата каде и колку нашите ученици ги поседуваат овие вештини. Од тој аспект ние мора, со цел градење поквалитетни личности на европско и светско ниво, да ги јакнеме и проверуваме овие нивни вештини. Мајчиниот јазик, математичката писменост и јазичните вештини остануваат главен приоритет за проверка на знаењата.

Кажавте дека годинава имало преписи на цели текстови, особено по предметот англиски јазик. Дали ќе менувате нешто во однос на организацијата на процесот со цел да се избегнат мамења?

- Точно, треба да се менува полагањето на матурата од организациски аспект. Факт е дека години наназад, со развојот на техниката и технологијата, постојат низа начини како на денот на матура да се злоупотреби таа техника за да се остварат повисоки резултати. Ние сакаме сите деца да ги покажат своите вистински знаења и вредности, пред сè, поради квалитетните ученици кои самостојно учат и се трудат да ги прикажат резултатите од учење. Сакаме да обезбедиме поинаква организациска поставеност на полагањето матура и колку може во поголема мера да ги спречиме сите тие обиди за мамење и препишување на денот на полагање.

Еден од тие начини е учениците, како некогаш, да полагаат во спортски сали, во амфитеатри, со повеќе „чувари“ истовремено. Во иднина ќе размислиме и за други напредни, нови техники и технологии за да се обезбеди што пообјективна слика. Она што ние го гарантираме како Државен испитен центар е дека и во минатото и годинава апсолутно објективно се изврши оценување на резултатите од матура бидејќи имаме многу добар механизам и процедури за оценување на секој ученик. Сè до моментот додека не се внесе конечната оценка, на ниеден оценувач не му е познато името на ученикот чиј тест го прегледува.