Нена Гонтарева е првенец на генерацијата на Факултетот за физичко образование: „Одбојка играм од седум години, а кога ќе одберете да го студирате она што го сакате, ништо не е тешко“

Нена Гонтарева е првенец на генерацијата на Факултетот за физичко образование: „Одбојка играм од седум години, а кога ќе одберете да го студирате она што го сакате, ништо не е тешко“

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Многу е полесно и поголеми успеси се постигнуваат доколку учите во текот на целата година отколку само пред испит, тоа беше рецептот што јас го практикував

Спортот е љубовта на нејзиниот живот откако знае за себе. Од седум години се занимава со одбојка, но исто така и со многу други форми на физичка активност. Има учествувано на повеќе одбојкарски натпревари. Најголем успех ѝ е освоеното првото место во средно на Гимназијадата, а потоа и на Универзитетските спортски игри. Никогаш во животот немала цел да стане врвен спортист, туку со спорт се занимава за да го подобри здравјето, физичката подготвеност, да стекне нови пријатели и корисно да го помине слободното време. 

Токму љубовта кон спортувањето придонесе Нена Гонтарева од Скопје да се запише на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и да го заврши со просек од 9,71, станувајќи првенец на генерацијата и еден од најдобрите дипломирани студенти на УКИМ.



- Се одлучив за овој факултет сметајќи дека како најстара и најреномирана наставно-научна институција во Македонија од подрачјето на кинезиологијата, со традиција од 40-годишно постоење, ќе ми овозможи да се стекнам со квалитетно образование. Кога ќе го одберете факултетот што го сакате, ништо не е тешко. Ако добро се организирате, тогаш има време за сѐ - вели Гонтарева.

Ако сте врвен спортист во одреден област, тоа не е гаранција за успех

На Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, покрај стекнување теоретско знаење, студентот мора да совлада и голем број спортски елементи од повеќе индивидуални и колективни спортови. Токму поради тоа, се смета дека повеќе е наменет за лица кои без проблем можат да совладаат повеќе спортски дисциплини.

- За да може да го постигне тоа, пред да се запише на факултетот студентот треба да има усвоено голем број фундаментални движечки вештини, да има соодветно ниво на физичка подготвеност и соодветна телесна градба, што ќе му овозможи полесно да ги совлада елементите од повеќе индивидуални и колективни спортови. Талентираноста за поединечен спорт не е гаранција за успех. Може некој да биде врвен спортист во одредена област, но да не е талентиран за другите спортови и да има проблем да ги положи истите. Во минатото на факултетот имаше ригорозен приемен испит. За жал, во последниве години нема приемен испит и сѐ е оставено на природна селекција - додава таа.



Испитите прво се полагаат практично, но недостига методско-педагошка практика


Таа посочува дека наставата е мултидисциплинарна и има голем број теоретски и практични предмети од повеќе области: медицината, психологијата, педагогијата, кинезиологијата и сл.

- Мислам дека имаме доволно практична настава и спортски активности, но не и методско-педагошка практика, која е во траење од само 10 дена. Сметам дека таа треба да се зголеми многу повеќе во сите степени на воспитно-образовниот процес: предучилишно, основно и средно образование - вели таа.

Голем број предмети на факултетот ги полагале прво практично, во спортска сала или на спортски терен, а потоа теоретски. Имале и теренска настава, два курса по скијање и курс по логорување, секој во траење од седум дена. Токму поради природата на спортските дисциплини, да се биде на терен, на отворено или во спортска сала, најтежок период од студирањето за Гонтарева беше пандемијата кога предавањата се изведуваа онлајн и без можност за практична настава. За да го положат практичниот дел од испитите, студентите тогаш мораа сами да обезбедат услови.



Сѐ уште има предрасуди дека ова е машка професија

Гонтарева беше меѓу 23. студенти од скопските факултети на кои Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ им додели награди за најдобар успех во академската 2021/2022 година. „Наградата првенец на генерацијата многу ми значи и ме поттикнува да продолжам да се усовршувам во струката, па моето знаење и искуство успешно да им го пренесам на помладите генерации“, додава Гонтарева.

Веќе работи како наставник по физичко и здравствено образование со ученици од прво и второ одделение, а истовремено е на постдипломски студии, на насоката кинезиологија. Вели дека сѐ уште постојат предрасуди дека тоа е машка професија.

- Секоја година сѐ повеќе девојчиња се запишуваат на факултетот, не сѐ уште бројот на момчињата е поголем. Во мојата генерација имаше 30 девојчиња и 70 момчиња. Точно е дека во училиштата повеќето од наставниците по физичко и здравствено образование се мажи. Мислам дека сѐ уште има предрасуди дека оваа професија е машка, но тие се помали отколку во минатото - додава таа.

На дипломираните студенти Факултетот им нуди голем број можности за вработување во сите степени на воспитно-образовниот процес и на сите нивоа во спортот, од градинки, основно и средно образование, АРМ, МВР, спортски федерации, министерства, Агенција за млади и спорт, спортски школи, клубови, универзитетски спорт и селектори на репрезентации... Со вклучување на „Тандем настава по физичко и здравствено образование“ во Законот за основно образование се наложи задолжително вработување на наставник по физичко и здравствено образование од прво до петто одделение. Со тоа овој кадар станува дефицитарен, односно нема доволно дипломирани професори што ќе работат во училиштата.



Моја мисија е учениците да се физички што поактивни

- Мојата професија има клучна улога во формирањето на навиките за целоживотно занимавање со физичка активност, позитивен став кон физичката активност, спортот и здравиот начин на живот кај целокупната светска популација. Физичката активност има потенцијал да го подобри квалитетот на животот на училишните деца. Сепак, по влегувањето во основно училиште, нивото на физичката активност се намалува и во работните денови и во деновите од викендот и опаѓа уште повеќе со влегувањето во адолесценцијата. За да се промени ова, образовните и здравствените власти треба да соработуваат со директорите и наставниците по физичко образование на училиштата, за да го оценат спроведувањето на програмите за физичката активност со умерен до енергичен интензитет, што може да се случи на одморите или пред и по наставните часови. Овие програми треба да вклучуваат рекреативни активности, спорт, танцување и активности на отворено - додава првенката на генерацијата на Факултетот за физичко образование.

Фото: приватна архива