Дестинации низ Европа на кои побрзо ќе стигнете со воз отколку со авион
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Сѐ поголем број патници бараат начин да го намалат јаглеродниот отпечаток што го оставаат со нивните патувања, но времето и парите сѐ уште се двата главни фактори во одлуката каков билет да резервираат.
Новото истражување од „Омио“, апликација за резервација за патнички превоз, откри 25 европски дестинации каде што побрзо ќе стигнете со автобус или воз отколку со авион.
- Честата перцепција дека летањето е секогаш најбрзиот начин да се стигне од А до Б не е нужно вистина кога се зема предвид дополнителното време за да стигнете до аеродром, да чекате да се чекирате или да помините низ обезбедувањето и да чекате да се качите на авион или да си го земете багажот - вели Бертранд Етиен, регионален директор на „Омио“.
Земете ги предвид овие патувања со воз кои се поодржливи, попросторни и побрзи од летањето.
Од Лондон до Брисел или до Париз со воз
Услугите за воз на „Евростар“ преку Каналот до Франција, Белгија и пошироко постојат веќе 25 години, со ново проширување до Амстердам во 2018 година. Не само што патниците заштедуваат 32 килограми јаглероден диоксид возејќи се со воз, туку и патувањето ќе биде три часа побрзо отколку ако патувате со авион.
Од Париз до Марсеј со воз
Поминувајќи ја целата должина на Франција,
патувањето од Париз до крајбрежниот град Марсеј е речиси два часа побрзо со воз и заштедува 62 килограми јаглероден диоксид.
Фото: Freepik
Од Мадрид до Андалузија со воз
Ако се упатите кон југ по посетата на шпанскиот главен град, побрзо е да стигнете до Севилја и Малага со воз отколку со авион.
Од Рим до Неапол, Фиренца или Пиза со воз
Поминувањето низ Италија лесно може да се направи со мрежата „Трениталија“, а поврзаноста на главниот град значи дека ќе заштедите барем еден час ако патувате со воз.
Од Штутгарт до Париз со воз
За оваа маршрута, побрзо е да се качите на воз што ќе ве однесе за час и половина, заштедувајќи 47 килограми јаглероден диоксид.
Бонус:
Од Париз до Брисел со автобус
Качете се на автобус помеѓу овие градови во Франција и Белгија за патување побрзо за еден час.
Од Виена до Будимпешта со автобус
Главните градови на Австрија и Унгарија се поврзани со линија што е за 57 минути побрза со автобус отколку со авион.
Извор:
Lonely Planet