Некаде слаб интернет, некаде „лета“. Ќе успеат ли училиштата успешно да ја користат платформата за онлајн-настава?

Некаде слаб интернет, некаде „лета“. Ќе успеат ли училиштата успешно да ја користат платформата за онлајн-настава?

Подготвил: В.И.И.-А.П.

Лектор: Ивана Кузманоска

Национални обучувачи велат дека платформата нема проблем да поддржи и до 300.000 корисници, но предупредуваат дека поради слаб интернет, училиштата може да имаат проблем

Руралните средини имаат поголеми проблеми да стигнат до стабилен интернет, урбаните се поподготвени за почетокот на новата учебна година, која за една недела ќе почне со комбинирана настава. Во сите училишта во земјава наставниците ги проследуваат обуките за онлајн-настава на националната платформа. Национални обучувачи велат дека платформата нема проблем да поддржи и до 300.000 корисници, но предупредуваат дека поради слаб интернет, училиштата може да имаат проблем.


Од Министерството за образование и наука велат дека обврска на сите општини и училишта е да обезбедат интернет и уреди преку кои може да предаваат наставниците. За да се обезбедат навреме потребните уреди за држење настава преку онлајн-платформата, МОН до сите училишта пред извесен период испратило допис со кој ги информирало за минималните препорачани конфигурации на уредите што ќе се користат за настава на далечина. Сите директори и градоначалници биле информирани дека имаат обврска да обезбедат интернет во училиштата.


Фото: Борче Поповски

- Платформата функционира директно во веб-прелистувач (Chrome, Microsoft Edge, Safari) и не е потребно да се инсталира дополнителен софтвер. Минималните карактеристики на компјутерот на наставниците кој ќе користи само веб-прелистувач за пристап до платформата се минимум 4GB меморија и двојадрен процесор. За да се добијат сите функционалности на платформата за држење онлајн-настава, потребно е минимум Виндоус 8.1 оперативен систем - велат од МОН.

Тие се децидни дека општините како одговорни за овој процес се подготвуваат за инфраструктурата и за обезбедување интернет и компјутери.
- Доколку ја немаат потребната опрема, треба да ја обезбедат од заштедените пари од блок-дотациите во изминатиот период додека не работеа училиштата поради Ковид-19 и немаа трошоци - велат од МОН.

Општина Чашка има проблем со неколку училишта


Активностите се одвиваат според акцискиот план за имплементација на системот за учење на далечина. Фазата на тестирање на платформата, првенствено во пилот-училишта, а потоа во сите основни и средни училишта, е во тек.
- Со оглед на тоа дека се работи за исклучително комплексен процес кој зависи од мноштво технички и нетехнички фактори, сите слабости се идентификуваат и се отстрануваат во од - велат од МОН.

Кумановското основно училиште „11 Октомври“ до пред десет дена немаше оптички интернет. Во меѓувреме е поставен преку локaлен оператор, а најавена е уште една линија преку „Македонски телеком“. Директорката Елизабета К. Костиќ вели дека имале 5 компјутери, но со комбинирање од уредите што ги имаат оспособиле уште 8. Верува дека ќе стигнат до 15 компјутери до почетокот на учебната година.

- Од почетокот на неделата наставниците се обучуваат онлајн да ја користат новата платформа. Деновиве ќе организираме и обука со физичко присуство за оние на кои им е потребна, за да се доразјаснат и најмалите нејаснотии - објаснува Костиќ.



Таа вели дека наставниците на почетокот биле скептични во однос на платформата, но полека сфатиле дека нуди огромни шанси за модерна настава.
- Требаше да ни се случи пандемија за да ја дигитализираме и модернизираме наставата, она што е вообичаено во светот. Оваа платформа и понатаму ќе се користи во наставата и тоа е одлично - вели Костиќ.

Горан Стојановски, градоначалник на Општина Чашка, вели дека имаат проблем со брзината на интернетот во повеќе училишта и се трудат деновиве да најдат решение.
- Според моите информации, „Македонски телеком“ во соработка со МОН треба да помогне да се надмине овој проблем. Најизразен е во училиштата во Горно Јаболчиште и во Богомила, каде што брзината е навистина мала - вели Стојановски.

Во Општина Карпош велат дека изминативе недели интензивно работеле на зајакнување на интернет-врската во училиштата кои беа соочени со проблеми, бидејќи тоа периодов е приоритет.

„Раде Јовчевски-Корчагин“ со добра интернет-врска

Средното училиште „Раде Јовчевски-Корчагин“ во скопската општина Центар е под надлежност на Град Скопје, како и сите други средни училишта на територијата на главниот град. Во изминатите два дена се правеле пробни приклучувања на 16 наставници одеднаш на платформата и немало никаков проблем. Директорот Драган Арсовски вели дека навреме ја зајакнале интернет-врската. Компјутерите од приземје се поместени на првиот кат каде што сигналот е појак и во моментот нема проблеми.

- Продолжуваме со работа во две смени. Во една смена наеднаш ќе предаваат по 16 наставници, па деновиве ја тестиравме платформата на оваа бројка. Одевме и до 20 за да видиме како ќе функционира. Засега нема никаков проблем - вели Арсовски.



Наставниците ќе ги држат часовите од училница. Школото опремило 20 училници со компјутери за оваа намена, а секој наставник ќе има свои слушалки и микрофон. Обезбедени се и 10 таблети со електронски пенкала, за предметите математика, хемија, физика, каде што има многу формули. Наставниците ќе ги пишуваат директно на таблетите, од каде што учениците веднаш ќе ги гледаат. Арсовски вели дека Град Скопје им излегол во пресрет за сите потреби. Располагаат и со 40 таблети за учениците - ако некој има потреба, ќе добие уред на реверс.

- Проблем со интернет очекувам само ако глобално падне целиот систем. Јас сум поборник за настава во училишните клупи. Но, ако се разболат двајца ученици, ќе треба да го затвориме цело училиште. Тоа е потешката варијанта. Од друга страна, лесно ќе се вратиме од онлајн на настава со физичко присуство - вели Арсовски.

Школото ќе работи во две смени – од 7:30 до 1:15 часот и од 1:15 до 19 часот. Часовите ефективно ќе траат по 35 минути, според распоред, но наставниците ќе користат термини од по 45 минути за да можат да направат евиденција и да се подготват за почетокот на секој час.

Владата го усвои извештајот за работата на Комисијата за разгледување на поднесени барања за организирање настава со физичко присуство, со што таа е одобрена во 169 училишта. Од нив 6 се државни училишта за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно средно училиште со одобрение за експериментална настава во основно образование, 15 централни општински основни училишта, 147 подрачни основни училишта. Не исполнуваат услови 32 централни општински основни училишта, 11 подрачни основни училишта и 2 приватни училишта.
За организирање настава со физичко присуство во средните училишта биле доставени 66 барања, од кои Комисијата предлага согласност да добијат 4 училишта од кои: 2 државни училишта за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно средно училиште, 1 општинско средно училиште. Делумна согласност за реализација само на стручните предмети и практичната настава да добијат 10 училишта (5 уметнички, 4 општински училишта и 1 државно училиште – Спортска академија).