„Од кога се наплаќа за искачување на врв?“ Планинарите и туристите затекнати од ценовникот на НП Галичица

„Од кога се наплаќа за искачување на врв?“ Планинарите и туристите затекнати од ценовникот на НП Галичица

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Едни го осудуваат овој потег на Националниот парк Галичица за наплатата од 200 денари на искачување на врвот Магаро, други сметаат дека е сосема во ред да се наплаќа за природната убавина, реткост и единственост на Галичица

Искачување на Магаро 200 денари. Посета на островот Голем Град 200 денари. Кампување со шатор 150 денари. Со камп-приколка 200 денари. Летање со параглајдер 300 денари. Влезница за снимање за комерцијални потреби 10.000 денари. Влезница за фотографирање за комерцијални потреби дневно 3.000 денари, годишно 15.000 денари. Снимање за комерцијални потреби од воздух 20.000 денари... Ова е само дел од ценовникот на Националниот парк Галичица кој разви страшна дискусија на социјалните мрежи, ги револтира планинарите и ги налути и разбрка туристите.
Едни опасно го осудуваат овој потег на Националниот парк Галичица, други сметаат дека е сосема во ред да се наплаќа за природната убавина, реткост и единственост на Галичица.



ФПСМ вели дека е непозната практика

Надлежните од Федерација на планинарски спортови се огласија дека е во ред да се наплаќа влез, паркинг, кампување, но за качување на врв е непозната практика.

- Претседателството на ФПСМ разговараше и ја разгледуваше одлуката на Националниот парк Галичица и дојдовме до следниве заклучоци. Наплата за влезница, надомест за паркирање и кампување е практика во повеќето национални паркови во Европа и тоа воопшто не е спорно. За возврат националниот парк обезбедува контејнери за смет, нивно редовно празнење, видиковци и паркинг-простор. Многу национални паркови во Европа, на пример, во Словенија, Бугарија, воопшто не наплатуваат влез во заштитеното подрачје. Други, пак, ги ослободуваат од наплата регистрираните планинари, односно планинарите со планинарска легитимација. Наплата за такса за искачување на врв на која било планина за нас е непозната практика. Ваква наплата не постои за искачување на многу поатрактивни врвови во регионот, како Олимп, Мусала, Вихрен, Триглав... Одлуката за наплата на такса за искачување на врв е злоупотреба или погрешно толкување на Законот за национални паркови. ФПСМ ги ангажира своите правни експерти да подготват претставка на оваа тема која ќе биде доставена до релевантните институции - вели претседателот на ФПСМ, проф. д-р Јовица Угриновски.



Ценовникот е стар и со години непроменет

Од Националниот парк Галичица ни изјавија дека станува збор за стар ценовник, воведен уште во 2014 година. Дека секоја година сезонски наплаќаат качување на Магаро, кампување, влез и сè останато затоа што на тој начин се финансираат и опстојуваат.

- Одлуката на Владата е донесена во 2013 година, а Ценовникот за висината на надоместоците во НП Галичица е од 2014 година. Значи, со наплата е почнато од 2014 година и до денес висината на надоместоците за влез и посета на НП Галичица не е променета. Наплата вршиме сезонски, со сезонски работници, бидејќи тој начин ни е финансиски прифатлив. ЈУНП Галичица е на самофинансирање, не сме дел од Буџетот на РСМ, и главен извор на приходи ни се приходите од туризам (наплата на надоместоци...). Се надеваме дека во иднина ќе ги зголемиме и засилиме нашите активности на ова поле, по примерот на европските и светските национални паркови - ни изјави Сања Рилкоска од НП Галичица.

Таа додава дека се единствен парк во Македонија што наплаќа искачување на врв затоа што во фокусот на работата на ЈУНП Галичица се туризмот и други алтернативни активности, а не сечата на дрвја, од 2020 година комплетно се прекина сечата на дрвја, надевајќи се на зголемени приходи од туризам.

- Но, за жал, пандемијата на коронавирусот негативно се одрази врз вкупната економија, вклучително и врз наплатата на надоместоци и последиците ги чувствуваме сите. Останува да се надеваме на подобри времиња - вели Сања.

Наплатата на Магаро најчесто се врши од мај до октомври. Но годинава поради пандемијата е пролонгирана од средина на јуни.

- Оваа практика ни е со години. Но најчесто имаме странски туристи и не прават проблем, ниту негодуваат. Додека со нашите туристи секогаш има натегање. Годинава мислам дека се крена врева околу ценовникот затоа што оваа година многу луѓе почнаа да одат на планина, а не се запознаени како функционира паркот - додава Рилкоска.



Секој парк со свои правила

Поделени се размислувањата меѓу планинарите. Дејан Доневски, претседател на клубот „Ај лав хајкинг груп Маседониа“, смета дека секој парк си има свои проблеми за кои индивидуално си бара решение.

- Кога станува збор за национален парк, се подразбира дека треба да се наплати влез, како што одиме во Европа и во секој парк ни наплаќаат влез. Национален парк е институција сама по себе, со посебно уредување, независно од државата. Секој парк си има свои проблеми кои си ги решава интерно. Под претпоставка дека при посета на најпосетуваниот врв Магаро, 2.255 метри, имало многу ѓубре, многу луѓе кои ги бркале дивите животни и уште многу други проблеми, одговорните решиле некако да го намалат тој тренд и да придонесат за доброто на Галичица со тоа што ќе го намалат метежот на врвот Магаро и ќе го пренасочат кон другите врвови на планината. Така целото подрачје би било посетувано.
ФПСМ може да се пожали само на високата цена, за која јас верувам дека не носи некој голем приход во касата на Националниот парк Галичица. Не знам точно, ама ова решение за наплата на врвот Магаро е донесено можеби од пред пет и повеќе години. Ова за вистинските планинари значи едно пиво помалку во Охрид и посета на преубав врв со поглед на двете езера. Посета на сите други врвови, Три Мажи, Лакосигној итн. Уживање во нејзините падини, користење на треил-патеките за трчање и едноставно избегнување на врвот Магаро, кој е прелесен за вистински планинари - ни изјави Доневски.



Ценовник пред влез во паркот!

Васко Кичевски, долгогодишен планинар, остро го осудува овој потег на Националниот парк.

- Не знам од каде оваа идеја. Досега многу пати сум бил, не се случило да платам за искачување на Магаро. Разбирам наплата за влез од 50 денари за возило и 30 денари од човек, но Магаро е во истата зона, зошто посебно да се наплаќа. И ако веќе се наплаќа, треба да се објави, јавноста да е запознаена. На влез во паркот нема никакво известување дека по пат можат да те сретнат сезонски работници кои наплаќаат дополнителни 200 денари за искачување на Магаро. А најголем дел од посетителите одат на Магаро. Многу мал е бројот на оние транзит-возила кон Стење. Сум бил на многу планини и врвови, и кај нас и надвор од земјава, сум плаќал за влез во национален парк, ама за качување на врв нигде не сум видел да наплатуваат. Ова на Галичица е лудост. Класичен грабеж - вели Васко Кически.