Почнаа да се делат лозинките за националната платформа за учениците по училиштата

Почнаа да се делат лозинките за националната платформа за учениците по училиштата

Министерската Мила Царовска вели дека оваа училишна година почнува со многу предизвици, но она што е важно е сите заедно да покажеме грижа кон децата и нивниот развој и затоа наставата мора да почне. Заврши обуката на националните тренери. Секој од нив обучи по 40 наставници, односно околу 1.600 наставници во земјава. Царовска и заменик-министерот Арафат Шабани со градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, и претседателот на СОНК, Јаким Неделков, го посетија Основното училиште „Невена Георгиева Дуња“ и разговараа со наставниците за подготовките за почетокот на училишната година.

- Од денеска лозинките за пристапување на учениците ќе се доставуваат до директорите и тие треба да ги спуштат на ниво на одделенија за да може да влеземе во тестирање на платформата и нејзино оптоварување, со цел да ги видиме перформансите. Целиот процес е динамичен, го водиме транспарентно - изјави министерката Царовска.

За да имаме добра учебна година, навистина ни се потребни сите наставници, сите директори, синдикатот, родителите и учениците да може да се приспособуваме согласно настанатите услови.

- Ковид-19 е состојба која мораме со заеднички сили да ја надминеме најдобро што можеме, секако, да се грижиме за здравјето на наставниците и на учениците, но и да се погрижиме образованието да тече со квалитет што ќе може да се обезбеди во една ваква пандемија - укажа Царовска.

Фото: МОН

За синдикатот, важно е што сите чинители на воспитно-образовниот процес да соработуваат зашто само така може, во период на пандемија, навреме и успешно да отпочне новата учебна година.

- Во духот на коректниот социјален дијалог и партнерство денеска сме овде повеќе партнери на повеќе нивоа, кои директно сме инволвирани во подготовка и реализација на образовниот процес. Ние како синдикат, организација која се грижи за обезбедување на правата на нашите членови, на вработените, денес може да констатираме во однос на подготовката на ова основно училиште, се разбира и на другите основни и средни училишта на национално ниво, до каде се подготовките во однос на обезбедување на мерките од протоколите, подготовките за обезбедување техничка поддршка за онлајн-настава, до каде се препораките за обезбедување здрава работна средина на вработените во период на пандемија, како ќе се организира физичката настава, како ќе се делат групи, како ќе функционира онлајн-наставата. Ние сме тука да бидеме коректори, да бидеме гласни, да укажуваме за сѐ што не е направено, а мора да се направи за сите заеднички, безбедно и успешно да ја почнеме и завршиме оваа учебна година - вели Неделков.