Земја во која нема ни картички ни банкомати. Добре дојдовте во една од најрепресивните држави во светот
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Еритреја е држава во источниот дел на Африка, на брегот на Црвеното Море. Се граничи со Судан на северозапад, Етиопија на југ и Џибути на југоисток. Еритреја се опишува како една од најрепресивните држави во Африка, како место каде што на луѓето им недостига слободата. Ова и не е толку изненадувачка информација со оглед на тоа дека се работи за еднопартиска држава во која владее претседателот Исајас Афеверки. Својата независност од Етиопија, Еритреја официјално ја стекнала во 1993 година.
Владата ги укинала опозициската партија и локалните приватни медиуми, ги затворила критичарите (за некои од нив со години не се слушнало), а на младите им наметнала воена обврска.
Токму поради оваа причина, повеќето жители одлучиле да побараат среќа надвор од границите на оваа држава. За жал, голем дел од нив умираат обидувајќи се да ги преминат Сахара и Средоземното Море за да дојдат до Европа.
Фото: Shutterstock
Единствената телефонска мрежа е „Ерител“ и таа е во сопственост на државата. Сервисот што го овозможува е особено лош и строго контролиран. Сите што сакаат да набават картичка, за тоа мора да се обратат директно до владата на државата. Луѓето ретко добиваат, а на оние на кои ќе им се усреќи, немаат добар сигнал и пристап до интернет. Поради тоа, луѓето користат телефонски говорници.
Луѓето ретко користат интернет преку безжична конекција, а тој е многу слаб и бавен. За да користат социјални мрежи, мора да бидат вклучени на приватна виртуелна мрежа (VPN) за да ја заобиколат цензурата поставена од владата.
Владата ја ограничила сумата на пари што луѓето можат да ја подигнат од своите сметки. Дури и ако на сметките имаат милиони, месечно можат да подигнат максимално 330 долари. Сите трансакции со парите се поврзани со банката бидејќи во државата нема ниеден банкомат.
Ако сакате да купите нов автомобил, потребно е во текот на секој месец да подигнувате одредена скромна сума на пари од вашата сметка за да ја соберете сумата што е потребна.
Една ситуација што се смета за вонредна за одобрување на подигнување пари е венчавка. Во тој случај до банката се пишува молба за одобрување за подигнување поголема сума на пари за да се плати венчавката.
Постои само една ТВ-станица, тоа е државната телевизија „Ери-тв“. Но, ако успеете да набавите антена, можно е да фатите сигнал од други ТВ-станици.
Државата има само една пиварница отворена во 1993 година и сè уште нема конкуренција. Може да испиете само едно пиво, а кој сака повеќе, ќе мора да поведе некој пријател.
„Функционален пасош звучи како остварување на сонот“ е мислењето на сите млади луѓе во оваа држава. Тие очајно сакаат да ја напуштат, но тешко е и не им успева на сите. Исправни и валидни пасоши граѓаните добиваат дури кога ќе отслужат воен рок. Потребно им е писмо за препорака, а тој процес може да трае со години.
За излегување од
земјата е потребна виза, која тешко се добива бидејќи државата се плаши дека луѓето нема да се вратат во Еритреја. Затоа стапката на нелегално иселување од државата е висока, а младите постојано бараат начини да ја напуштат својата татковина.