Умереното вежбање го штити мозокот дури и ако имате навика постојано да седите
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Знаете дека седењето по цел ден е лошо за вашето здравје. Но, неодамнешно истражување носи добри вести за оние чија работа бара да останат зад бирото: секојдневното вежбање го штити вашиот мозок дури и ако седите подолг период во денот.
Тоа е така затоа што вежбањето му помага на кортексот на вашиот мозок да биде густ и здрав. Со стареењето кортексот природно се истенчува, процес познат како слабеење на кортексот и е поврзан со когнитивно опаѓање со текот на годините, особено кога се јавува во фронталните и темпоралните лобуси, одговорни за меморијата, вниманието и планирањето.
Истражувањата покажуваат дека можете да го спречите ова слабеење на неколку начини. Едниот е со редовна умерена до енергична физичка активност, како возење велосипед. Другиот е со ограничување на седењето. Она што е помалку јасно е дали вежбањето може да заштити од тоа истенчување, независно дали имате навика повеќе да седите.
За да откријат, група научници од Британска Колумбија ги измериле нивоата на активност, седентарното однесување и дебелината на кортексот кај 30 лица со просечна возраст од 61 година што биле запишани во друго истражување за зголемување на вежбањето и намалување на седентарното време меѓу возрасните со артроза на коленото.
Фото: Freepik
Истражувачите ги следеле вежбите и седентарното време на учесниците со помош на фитнес-следачи седум дена, а користеле и МРИ-скенер за мерење на дебелината на кортексот.
Учесниците имале просечно 70 минути модерна до енергична физичка активност секој ден и поминувале речиси 12 часа дневно не правејќи ништо понапорно од читање книга или сурфање на интернет.
Кога истражувачите ги анализирале податоците и ги споредиле скенирањата на мозокот, откриле дека
физичката активност е поврзана со поголема дебелина на кортексот, особено во фронталните области, без оглед на нивното седентарно време.
Седењето генерално е лошо за вашето здравје и треба да биде ограничено што е можно повеќе, така што ова е добра вест за луѓето што се заглавени со седечка работа.
- Едно потенцијално објаснување е дека поголемите количини на умерена до енергична физичка активност обезбедуваат силен невропротективен одговор, што ги подобрува негативните последици од премногу седење - пишуваат авторите на истражувањето објавено во списанието „Медицина и наука во спортот и вежбањето“.
Одржувањето на задебелениот кортекс со редовно вежбање може да ви помогне во намалување на ризикот од деменција и мозочни заболувања. Според истражувањето, исполнувањето на сегашните упатства за вежбање од најмалку 150 минути неделно - помалку од половина час на ден - со умерено до енергично вежбање, го намалува ризикот од Алцхајмерова болест.
Извор:
Bicycling.com