За парфеми, луксузен накит, но и за продажба на акумулатори. Како се користи сексапилот во рекламите во Македонија?

За парфеми, луксузен накит, но и за продажба на акумулатори. Како се користи сексапилот во рекламите во Македонија?

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Анализирав повеќе од 6.000 реклами. Повеќе од 30% содржат пренагласени сексапилни пораки и доминантно е пренагласено женското тело. Во реклами за козметички производи, парфеми, луксузен накит, префинети парчиња облека, но и во реклами каде што се продаваат акумулатори за автомобили, вели Ивона Михајлова-Михањ

Преку масовно користење на сексапилот до ниво на еротицизам, современиот маркетинг на специфичен начин промовира ниска култура за жените. Тоа не е случај само за рекламите во високоразвиените држави, туку и во Македонија, вели Ивона Михајлова-Михањ, која анализира и истражува за пренагласеноста на женското тело во функција на брза продажба на производи со низок квалитет.

Предизвик ѝ било да продре во област која во Македонија не е доволно истражена и често е заобиколувана, а има сè поголем број реклами чија цел е преку користење на сексапилот да се манипулира со потрошувачката самодоверба.


Ивона Михајлова-Михањ

Својот труд го објавила во книгата „Родовите прашања во маркетинг-теоријата и практиката“.
- Низ вековите многу жени во светот вложиле голема енергија за да се ослободат од стереотипите поради кои им е наметнат инфериорниот општествен статус. Тука спаѓа и борбата за контрола врз сопственото тело и уживање на правото на достоинство. Анализирав повеќе од 6.000 реклами. Повеќе од 30% содржат пренагласени сексапилни пораки и доминантно е пренагласено женското тело. Во реклами за козметички производи, парфеми, луксузен накит, префинети парчиња облека, но и во реклами каде што се продаваат акумулатори за автомобили, што повторно ја нагласува актуелноста на проблемот - вели Михајлова-Михањ.

Нејзините истражувања покажале дека продавачите го користат сексапилот во рекламите во повеќе функции - привлекување на вниманието на потрошувачите, поттикнување идентификација со идеалните модели од рекламите поради кои во нашата психа се создава илузија дека ако го купиме производот, ќе изгледаме попривлечно и нашата самодоверба ќе се зголеми.

- Етички или не, со оваа техника голем дел од бизнисите профитираат, иако често продаваат производи со низок квалитет кој не ги задоволува ниту стандардите за квалитет ниту очекувањата од функционалноста, а кај современиот потрошувач се поттикнуваат несакани, негативни состојби. Детално елаборирав кои бои ги користат маркетарите, каде ги поставуваат рекламите и како ја манипулираат самодовербата на потрошувачите, токму преку примена на сексапилот - вели Михајлова-Михањ.

Според неа, и во рекламните производи за мажи не изостануваат сексапилните пораки. Тоа е најизразено во рекламите на социјалните медиуми во кои се рекламираат бутици за машка облека, козметички препарати за мажи, модерни машки фризури и слично. Сепак, од аспект на родовата еднаквост има нееднаков третман помеѓу мажите и жените во рекламирањето.
- Така, во една иста реклама во која се рекламира нов автомобил мажите често се елегантно облечени и ги презентираат карактеристиките на моторот и каросеријата, додека жените се често облечени во фустани во кои се нагласуваат одредени делови од нивното тело и притоа го промовираат комфорот на автомобилот - објаснува Михајлова-Михањ.

Таа додава дека поради сево ова, многу асоцијации бараат да се спречи појавата на сексизмот и да се спречат негативните влијанија врз општествените вредности. Законот за еднакви можности на жените и на мажите предвидува еднаков третман и забранува директна или индиректна дискриминација врз основа на пол. Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги забранува поттикнување на дискриминацијата врз основа на пол. Во Законот за радиодифузна дејност, пак, се наведува дека рекламирањето и телешопингот не смеaт да се темелат врз нагласување на половите разлики.


Фото: Pixabay

На прашањето колку се работи на едукацијата, особено кај младите, за подигнување на свеста за ова прашање, Михајлова-Михањ вели:
- Иако не е поставено како приоритет, сепак се внимава да се развие свеста кај младите луѓе за да ги разберат современите трендови во рекламирањето. Во овој едукативен процес значајна улога имаат претставници од засегнатите институции, наставниците, родителите и медиумите.