Езерските бисери во централниот дел на Шар Планина
На територијата на оваа планина се регистрирани вкупно 27 глацијални езера, кои се вгнездени во плитки или длабоки циркови
Шар Планина годинава (во јуни) е прогласена за Национален парк, откако со децении граѓани, здруженија, различни асоцијации и невладини организации водеа кампања за заштита на ова ретко природно планинско богатство. Да потсетиме дека таа претставува млада верижна планина лоциранa во северозападниот дел на Македонија, на граница со Косово и Албанија. Шар Планина е богата со вода, изобилува со извори, реки, глацијални езера. Во регионална смисла, оваа планина се издвојува по многу нешта, но впечатливо е тоа што таа има најголем број глацијални езера на Балканскиот Полуостров, веднаш по планината Рила во Бугарија.
На територијата на Шар Планина се регистрирани вкупно 27 глацијални езера, кои се вгнездени во плитки или длабоки циркови. Шарпланинската убавица љубоморно ги крие овие уникатни езера во своите пазуви, само љубопитните планинари и љубители на природата ја имаат привилегијата да ги сретнат овие скриени езерски бисери. Планинските врвови и глацијалните шарпланински езера ги прават единствени по својот пејзаж и бајковита околина. Секое годишно време овие езерски бисери ја прави природата околу езерата убава на свој начин, па без разлика дали во нивниот одраз има снежни врвови или зелени полиња и цвеќиња, тие се секогаш прекрасни.
Шарпланинските езера се издвојуваат по своите природно географски карактеристики, во текстов ги издвојувам Боговинското, Карниколичкото Езеро (Голем Ѓон) и Белото Езеро.
Боговинско Езеро се наоѓа помеѓу Бриставец и Мала Смрека, на 1.960 m надморска висина и спаѓа во групата на валовски акумулациони езера. Езерото е долго 452 m, широко 225 m и длабоко е околу 2,2 m. Должината на бреговата линија му изнесува 1.200 m, зафаќа површината од 66.880 m/2, со што претставува најголемо ледничко езеро на Шар Планина и воопшто во Македонија. Пристигнувањето до ова езеро може да се реализира преку Ново Село, кое се наоѓа над селото Боговиње. Веднаш по пристигнувањето во Ново Село, кое се наоѓа на надморска височина од 1.170 m, се упатуваме пеш по долината на Боговинска Река. Временскиот период потребен за пешачење од Ново Село до Боговинско Езеро изнесува околу три часа.
Белото Езеро е едно од дваесет и седумте езера на Шар Планина и има постојан водостој без разлика на атмосферските врнежи во текот на годината. Надморската височина на која се наоѓа Белото Езеро изнесува 2.280 m. Формата на езерото е елипсовидна и се наоѓа под врвот Трапезница (2610 m). Езерската вода се разликува во однос на другите шарпланински езера, таа има бела боја, што го прави ова езеро мошне атрактивно и уникатно. Околниот пејзаж ви го одзема здивот, во непосредна близина се наоѓаат атрактивните врвови Џинибег, Трапезница Бориславец, Езерски Рид и Целепински Врв.
Овој езерски бисер зафаќа површина од 18.000 м/2, со што е четвртото најголемо езеро на Шар Планина. Максималната длабочина изнесува 1 m. Од езерото се излева Белоезерската Река и се влева во Боговинското Езеро. Пристигнувањето до ова езеро воопшто не е лесно. Можете да пристигнете до Белото Езеро само доколку сте кондиционо спремни. Доколку сѐ уште чувствувате енергија по пристигнувањето, може да продолжите во правец каде што Белоезерската Река се влева во Боговинското Езеро и доколку се следи речното корито, самата река ќе ве донесе до овој езерски бисер. Времето потребно од Боговинското Езеро до Белото Езеро изнесува околу три часа. Доколку се одлучите да ги посетите Боговинското и Белото Езеро, тие ќе ви понудат незаборавни доживувања кои долго ќе ви останат во вашите спомени. Езерата ќе ве обземат со својата волшебна убавина. Несомнено дека овие езера преставуваат голем туристички потенцијал на Шар Планина, затоа сѐ почести се екскурзиите со џипови, планинарски екипи, крос-моторџии кои тука одлучуваат да го поминат викендот.
Шар Планина е дом на две третини од растителниот свет во Македонија и живеалиште на многуброен животински свет. Со нејзиното прогласување за национален парк се очекува да се воспостави екипа од планински ренџери кои треба да се грижат за нејзината убавина и да спречуваат секаков вид уништување. Областа ќе биде поделена на подрачје на строга заштита, зона на активно управување и одржливо користење, како и таканаречена бафер-зона, на која е предвиден развој на скијачкиот центар. Бисерните езера се дел од нејзиното богатство и несомнено е дека тие треба да останат недопрена природна убавина.
Автор на текстот и фото: професор Дарко Оносимоски