Од 700 ученици пред 3 децении, во Пустец сега се само 70, од кои 5 првачиња. „Учениците најубаво читаат на македонски“

Од 700 ученици пред 3 децении, во Пустец сега се само 70, од кои 5 првачиња. „Учениците најубаво читаат на македонски“

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Радост и детски џагор ги исполнија училниците кога учениците добија 40 печатени изданија од „Светот на Биби“ на македонски јазик.

„Најубаво се чувствувам кога читам песнички на македонски јазик“, искрено и со насмевка на лицето ни призна осумгодишната Марија Сотири, ученичка во мешовитото училиште „Митре Колевски и Трајан Ѓорѓиоски“ во Пустец, последниот бастион во изучувањето на македонскиот јазик во Албанија. Таа на чист македонски јазик, со солиден акцент, ни ја прочита песничката за тажното славејче кое солзи лее, ни лета по гранчиња ни песна пее. Сотири е една од седумдесетте ученици во ова школо, каде што 60 проценти од наставата се изведува на македонски јазик. Некогаш броело дури 700 основци и средношколци, а сега за 90 проценти помалку. Намалениот број на ученици стигна до загрижувачки размери - од деветте села што ги опфаќа општината Пустец, има само пет првачиња.


Училиштето „Митре Колевски и Трајан Ѓорѓиоски“

„Лесно ми е да читам на македонски јазик. Читам и дома и на училиште. Дома го читам текстот што сме го обработувале на школо дури десет пати. Лесно е. Од книгите најмногу сакам да читам песни и приказни“, ни рече третоодделенката Сотири.



Сите предмети до петто одделение ги учат на македонски јазик

Екипата на Факултети.мк пријатно ги изненади учениците. Им дониравме 40 книги, сликовници, буквари и други печатени изданија од „Светот на Биби“ на македонски јазик. Дечињата ги примија со голема радост. Училниците се исполнија со возбуда и детски џагор.



„Кој сака книга за фудбалот“, праша директорот Трајан Вангеловски. За миг околу него се создаде цел фудбалски тим од ученици. Но, имаше и такви што одбраа да читаат за вселената и другите доживувања на Биби. Еден од учениците кажа дека неговиот брат е прваче и дека ќе го однесе букварот дома за да го израдува. Убаво беше да се слушаат децата како викаат „јас, јас“ кога директорот и наставниците прашуваа кој сака да чита за одредена тема. Кога се знае дека тој натпревар да се земе книга на македонски јазик в раце се случува во друга држава, чувството е уште поубаво. Задоволство беше да се гледаат учениците како се подаваат да земат книга, а не мобилен телефон.

- Сакаат да учат на македонски јазик. Сите предмети до петто одделение се на македонски јазик, освен албанскиот кој се учи како предмет пет часа неделно. На мајчин јазик учиме македонски, математика, природо, општество, ликовно, физичко, музичко образование. Лесно им е на учениците, се трудат литературно да го зборуваат - рече Анила Вангеловска од Пустец, одделенска наставничка која завршила Педагошки факултет во Корча, Албанија.



Наставници од Мала Преспа дипломирале во Македонија и се вратиле назад за да предаваат на македонски јазик

Меѓу нив е и Анастас Темелко, наставник по македонски јазик во училиштето во Пустец, кој беше еден од четворицата Македонци од Албанија стипендисти на македонската држава во првата генерација на Факултетот за учители и воспитувачи во Битола.

- Студиравме во Македонија со цел да се вратиме назад за да го зачуваме нашиот јазик, да не се заборави. Со таа цел се вративме да работиме тука и мислам дека успеваме во тоа. На учениците им кажуваме „ние сме Македонци“, а тие добро го знаат тоа. Знаат дека треба да се негува нашиот јазик. Наша задача е континуирано да ги поттикнуваме да го учат јазикот бидејќи сме малцинство. Нѐ радува тоа што децата се заинтересирани за македонскиот јазик. Тие убаво го говорат, убаво пишуваат и читаат. Читаат лектири, имаме и библиотека со богат фонд. Се трудиме нашиот јазик да опстане! - рече Темелко.


Директорот Трајан Вангеловски и наставникот Анастас Темелко

Додека разговаравме, директорот на училиштето, Трајан Вангеловски, ни рече: „Учениците најубаво читаат на македонски“, а во училиштето учат и други јазици. Додаде: „Децата премногу си го сакаат мајчиниот јазик, можат да пишуваат, да творат на македонски јазик“. Не е ни чудо зашто во училиштето владее атмосфера како во секое друго македонско училиште. На ѕидовите се поставени паноа со македонски дејци, меѓу кои и Гоце Делчев и испишани се негови мисли, прикачени се творби на македонски јазик од ученици...

Миграцијата ги празни училиштата

Директорот Вангеловски ни раскажа дека училиштето е целосно реновирано во 2019 година. Имаат и наставен кадар и учебници, но сè помалку ученици. Од пред три децении бројот е намален на 10 отсто, биле 700, а останале 70, со пет првачиња. Во училиштето има ученици од 1. до 12. одделение, односно основно и средно.



- Како и секаде на Балканот, и кај нас бројката се намалува. Кога почнав овде како наставник по хемија пред 33 години, имаше околу 700 деца, а денес 70 од прво до 12 одделение. Главната причина е емиграцијата на луѓето, бараат подобар живот. Најчесто заминуваат во скандинавските држави, во Англија, има многу семејства што заминаа во Македонија или во Корча. Нема доволно работа, па младите си заминуваат. Годинава во прво одделение имаме само пет ученици во сите училишта во Преспа што се под општина Пустец. Околу девет села, а пет деца - вели Вангеловски.

Албанската Влада дозволува да опстојуваат паралелки на малцинствата и со помалку ученици

Населението во Пустец е благодарно зашто албанската Влада дозволува и со помалку деца да функционира училиштето. „Тоа е голем плус за нас“, вели Вангеловски и додава албанското Министерство за образование и годинава излезе со предлог за општини каде што не живее албанско население да опстојат паралелки дури и ако во одделението има само еден ученик. Сепак, освен во општина Пустец нема друго училиште на македонски наставен јазик во Албанија.

Од шесто одделение нагоре учениците ги изучуваат природните науки на албански јазик, а потоа во средно цела настава е на албански, освен што како втор јазик, покрај англискиот, го изучуваат и македонскиот.


Наставничката Анила Вангеловска

- Од ова училиште излезе солиден кадар. Речиси сите вработени во Општината, па и градоначалникот учеа тука. Има и добри лекари во Албанија што излегле од овие клупи. Мала Преспа е расадник на учени луѓе, се смета за народ кој е посветен на учење, образован. Од толку мал број на деца имаме личности што просперираат - додава Вангеловски.

77 години без прекин настава на македонски јазик

Ефтим Митревски, лице за односи со јавноста на Општина Пустец, ни кажа дека целта е зачувување на македонската традиција и јазик, а за тоа придонесуваат и приказните, песните, гатанките, лекциите во школото. Во Пустец настава на македонски јазик има непрекинато повеќе од седумдесет години, а имало и ситуации кога наставници од Македонија останале да работат во Пустец за македонската кауза.


Ефтим Митревски

- Изучувањето на македонскиот јазик започна по ослободувањето на Албанија. Од 1944 до 1948 година, за време на Информбирото, имаше голема соработка. Тука немавме кадар подготвен за изучување на македонски јазик, па дојдоа над 50 учители од Битолско, Охридско, Ресенско да предаваат. Во секое село имаше по два-три учители. Откако се расипаа односите меѓу Албанија и Југославија, се скараа Сталин и Тито, сите учители се повлекоа. Остана само битолчанецот Никола Беровски, кој беше главен редактор на учебниците по македонски јазик. Благодарение на Владата во Албанија, од 1945 година во овој дел на Албанија имаме континуирано изучување на македонскиот јазик, а во другите делови, како Голо Брдо и Гора, во 1948 година прекина изучувањето на македонскиот јазик - ни раскажа Митревски.



Си заминавме полни со емоции зашто на едно парче земја надвор од денешните граници на Македонија сѐ уште македонскиот збор жари во срцата на децата, па макар биле и под сто, пламенот македонски уште гори.











Фото: Жанета Здравковска