Мажите и жените различно ја процесираат болката, покажува истражување
Има многу работи кои мажите и жените ги доживуваат поинаку. Новообјавена студија открива дека хроничната болка е една од нив и изгледа дека постојат важни разлики во тоа како мажите и жените ја доживуваат болката.
Мажи, жени и искуство со болка
Според студијата спроведена од истражувачите од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Калифорнија“ во Сан Диего, мажите и жените користат различни биолошки механизми за ублажување на болката. Ова може да помогне да се објасни зошто се чини дека жените имаат поголема веројатност од мажите да искусат хронична болка и имаат тенденција да искусат помало ослободување од болката, од третманот со најпрепишуваните лекови за болка - опиоиди.
Ова истражување било дизајнирано да ја оцени ефикасноста на медитацијата за хроничната болка во долниот дел на грбот. Биле комбинирани податоци од две клинички испитувања, во кои биле вклучени вкупно 98 учесници, каде што учествувале и здрави индивидуи и оние на кои им била дијагностицирана хронична болка во долниот дел на грбот.
Учесниците биле подложени на програма за обука за медитација и вежбале медитација додека примале плацебо или висока доза налоксон - лек што го спречува делувањето и на синтетичките и на ендогените опиоиди (и најчесто се користи за опоравување од предозирањето со опиоиди). На учесниците им бил даден болен, но безопасен стимул за топлина на задниот дел од ногата. Истражувачите потоа измериле и споредиле колкаво ослободување од болката доживуваат учесниците од медитацијата, кога опиоидниот систем бил блокиран, наспроти кога бил целосно функционален.
Студијата го покажала следново:
-Блокирањето на опиоидниот систем со налоксон го инхибира ослободувањето од болка засновано на медитација кај мажите, што сугерира дека мажите се потпираат на ендогени опиоиди за да ја намалат болката;
-Налоксонот го зголемил олеснувањето на болката засновано на медитација кај жените, што сугерира дека жените се потпираат на неопиоидни механизми за намалување на болката;
-И кај мажите и кај жените, оние со хронична болка доживеале поголемо ослободување од болка од медитацијата, отколку здравите учесници;
-Ендогените опиоиди како што се ендорфините, се природни лекови против болки на телото. Овие природни супстанции делуваат слично како опиоидите на рецепт како морфум, оксикодон и хидрокодон, врзувајќи се за опиоидните рецептори во мозокот за да ја намалат перцепцијата на болката. Спротивно на тоа, ублажувањето на болката кај жените се чини дека користи алтернативни, неопиоидни патишта, што сугерира дека жените помалку ги користат внатрешните опиоиди на телото за ублажување на болката.
Импликации за третман на хронична болка
Опиоидите продолжуваат да бидат доминантна класа на лекови кои се препишуваат за управување со болката. Сепак, постојат многу анегдотски докази дека жените се чини оти доживуваат помало олеснување на болката од третманот заснован на опиоиди за разлика од мажите, иако тие имаат поголема преваленца на хронична болка. Новата студија сугерира невробиолошка причина зошто жените можеби не реагираат толку добро како мажите на третманите базирани на опиоиди.
Покрај другите особини за ублажување на болката, опиоидите често предизвикуваат чувство на еуфорија. Ова, заедно со феноменот на толеранција (кој се развива затоа што со текот на времето на луѓето им требаат повисоки дози, за да ги добијат истите резултати), е меѓу ефектите што ги прават опиоидите потенцијални создавачи на зависност. Во согласност со новите истражувања, жените може да се соочат со поголем ризик од зависност од опиоиди, со тоа што тие биолошки помалку реагираат на нив и затоа им требаат поголеми дози за да постигнат ублажување на болката.
Третманот за хронична болка традиционално следи релативно стандардизиран пристап, но ако мажите и жените користат различни биолошки патишта за ублажување на болката, има смисла тие да бараат повеќе пристапи за лекување специфични за полот. Оваа студија дава јасен доказ дека разликите засновани на полот во обработката на болката се реални и треба да се земат предвид кога се развиваат третмани и се препишуваат лекови за болка.
Повеќе модалитети насочени кон пациентот кои вклучуваат пол за индивидуализирање на третманот, може да ги подобрат резултатите на пациентот и да ја намалат зависноста од опиоиди, злоупотребата и зависноста. За жените, ова вклучува поголема употреба на опции, кои се усогласуваат со нивните уникатни патеки на болка, како што се антиинфламаторни лекови и нервни блокатори, како и пристапи за комплементарни и алтернативни лекови како што се свесност, медитација, акупунктура, јога, киропрактика и масажа.
Извор: psychologytoday.com
Фото: Freepik