Што е Кеслеров синдром и колкава закана е за Земјата?

Што е Кеслеров синдром и колкава закана е за Земјата?

Подготвил: Маја Пероска

Милиони луѓе го гледале популарниот филм „Гравитација“, во кој Сандра Булок и Џорџ Клуни глумат астронаути кои се соочуваат со катастрофа во вселената. Сепак, иако заплетот на филмот е крајно драматичен, сценариото во кое сателитски остатоци предизвикуваат домино ефект на уништување - не е далеку од реалноста. Овој концепт, познат како Кеслеровиот синдром, со години ги загрижува научниците, а последиците би можеле да бидат погубни за модерниот начин на живот.

Што е Кеслеров синдром?

Теоријата за Кеслеровиот синдром првпат била претставена од научниците на НАСА, Доналд Кеслер и Бартон Коур-Пале во 1978 година. Нивната теорија предупредува дека зголемениот број на вселенски летала и сателити во орбитата, ќе ги зголеми шансите за судири, што може да предизвика верижна реакција. Секој судир создава уште повеќе вселенски отпад, зголемувајќи го ризикот од понатамошни судири, создавајќи маѓепсан круг, кој би можел да ја претвори вселенската орбита во опасна зона.

Според НАСА, „потрошените ракети, сателити и други вселенски остатоци се акумулираат во орбитата, зголемувајќи ја веројатноста за судири. Овие судири создаваат уште повеќе остатоци, предизвикувајќи верижна реакција позната како Кеслеровиот синдром“. Според многу експерти, ова сценарио не е само теоретско - тие сметаат дека е само прашање на време кога ќе стане реалност.

Во моментов, повеќе од 10.000 сателити се во орбитата на Земјата, додека се проценува дека повеќе од 100 трилиони парчиња стари сателити и други остатоци сè уште кружат околу нашата планета. Кеслер предвидел дека кога количината на отпад во орбитата ќе достигне „критична маса“, судирите би можеле да започнат дури и без понатамошно лансирање нови објекти.

Еден од значајните инциденти кој го потврдува теоретскиот ризик, се случил во 2009 година, кога неактивен руски сателит се судри со американски сателит. Исто така, во 2021 година, руска ракета уништила еден од сопствените сателити, принудувајќи ги астронаутите на Меѓународната вселенска станица да преземат итни мерки на претпазливост.

Доколку Кеслеровиот синдром стане реалност, последиците би биле далекусежни. Имено, би можеле да бидат уништени сателитите кои ни овозможуваат комуникација, навигација и следење на времето. Ова може да значи дека интернетот, мобилниот телефон, ГПС, па дури и сателитската телевизија ќе престанат да работат. Покрај тоа, губењето на временските сателити сериозно би ја загрозило нашата способност да ги предвидуваме временските услови, што би имало огромно влијание врз индустриите како што се земјоделството, рибарството и транспортот.

Како да се спречи катастрофа?

Експертите, како што е професорот Џон Л. Красидис од Универзитетот во Бафало, Њујорк, веруваат дека Кеслеровиот синдром е неизбежен доколку не се преземат итни мерки.

-Ако веројатноста за судир е толку голема што повеќе нема да можеме да ставиме сателит во вселената, тогаш сме во сериозна неволја - предупредил Красидис.

Едно од можните решенија што го предлагаат експертите е рециклирање на вселенскиот отпад. Според Красидис и научникот Амрит Мариапан, „рециклирањето на вселенскиот отпад е остварливо долгорочно решение“. Нивната идеја е старите сателити и други парчиња отпад да ги претворат во корисни материјали за идните мисии во вселената, што би го намалило отпадот и би ја зголемило ефикасноста на ресурсите.

Краткорочно решение кое исто така се истражува - е деорбитирање на отпадот, што значи фрлање на отпадот во атмосферата на Земјата за да изгори. Сепак, ова решение носи одредени еколошки ризици, вклучително и потенцијално оштетување на озонската обвивка.

Европски планови за иднината

Европската вселенска агенција (ЕСА) поставила амбициозни цели за справување со овој проблем. ЕСА планира да стане „неутрална во поглед на отпадот“ до 2030 година, што значи дека не сака да додава нови отпадоци во орбитата. Понатаму, до 2050 година, агенцијата има намера повторно да користи делови од вселенски мисии, со што ќе се намали создавањето отпад и ќе се зголеми одржливоста.

Иако веќе се започнати напорите за спречување на Кеслеровиот синдром, останува прашањето дали овие мерки ќе бидат доволни за да се спречи катастрофа. Сè што можеме да направиме е да се надеваме дека овие иницијативи ќе се покажат успешни и дека можеме да продолжиме да ги користиме предностите на сателитската технологија, без да се соочиме со заканата од вселенски отпад.

Извор: klik.hr

Фото: Freepik