Зеленилото квалитативно и квантитативно се намалува, а тенденциите покажуваат дека не постои никаква идеја или визија за значајна промена во спротивна насока. Ние сме веќе дојдени во состојба на драстично нарушена урбана животна средина и само радикални чекори, на пример, масовно и планско зазеленување и рефорестација со зрели дрвја, можат да имаат ефект, вели Ивана Драгшиќ
Информацијата дека Градот Скопје аплицирал за наградата
„Европска зелена престолнина 2021“ (European Green Capital 2021) голем дел од граѓаните ја прифатија како првоаприлска шега. Дали Скопје воопшто има некој адут да се мери со другите градови? Каква е состојбата со зелените површини, со неконтролираното градење згради и неповратното уништување на зеленилото, прашавме екологисти и универзитетски професори. Сите се согласни дека состојбата со урбаното зеленило во нашиот главен град е депримирачка.
Каде и најоптимистичниот оптимист гледа шанса Скопје да биде прогласен за најзелена престолнина во Европа?
Деканот на Шумарскиот факултет од Скопје, професорот Кирил Сотировски, вели дека со чудење ја примил информацијата дека Скопје ќе се натпреварува за наградата „Европска зелена престолнина“.
- Изненаден, па дури и зачуден сум што во нашиот град постои каква било институција или правен субјект кој не само што помислил дека Скопје би требало да конкурира за најзелена европска престолнина туку и што градот е воопшто кандидиран за ова признание. Со интерес ги погледнав упатствата и критериумите според кои се оценуваат градовите и не можам да разберам каде може и најоптимистичниот оптимист да гледа шанса за Скопје да биде прогласен за најзелена престолнина во Европа. Од 12 аспекти што се оценуваат, веднаш посочувам неколку за кои би доделил најмали можни оцени. Односно градот Скопје би го оценил како многу лош/неквалитетен: квалитет на воздух, одржливост на урбаната мобилност, еко-иновативност, врева, отпад, раст на зеленило, ублажување на климатските промени, одржливост на користењето на земјиштето, природа и биодиверзитет, и адаптација кон климатските промени - вели Сотировски.
Разгледница од некогашното зелено Скопје
Единствена активност во градот Скопје тој посочува дека има во однос на енергетската ефикасност, но потенцира дека и тука веројатно не може да се пофалиме со екстремно вредни и големи реални подобрувања.
- На моменти дури се сомневам дека кандидатурата е поднесена со некакви неразбирливи или затскриени мотиви - вели професорот.
Од друга страна, пак, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, кој вчера садеше садници на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, изјави дека влегувањето на Скопје во втората фаза за најзелена престолнина на Европа е знак дека сме на добар пат.
- Кандидатурата не е од вчера, туку е од поодамна. Таа е прифатена и е во втора фаза - рече Шилегов и посочи дека Европската комисија направила скрининг во повеќе делови од градот и дека активностите што се преземени очигледно во ЕУ наидуваат на позитивно мислење.
- Ни беше овозможено да влеземе меѓу осумте града во Европа што треба да продолжат понатаму со процедурата - изјави Шилегов, кој најави обновување на сите постојни дрвореди во центарот на градот и подигање на нови во Ѓорче Петров и на Бит-пазар.
Од Градот во соопштение објаснија дека апликацијата, која е на 150 страници, содржи вовед и опширни одговори на прашања за постојната состојба со животната средина во градот, минатите активности во оваа област и плановите и чекорите што ќе ги преземе Град Скопје до 2021 година во 12 индикатори.
- Признанието „Европска зелена престолнина“ не се однесува само на зеленилото, тоа е начин на функционирање на градот - алтернативниот превоз, енергетската ефикасност, транспортот и сите други мерки што ги преземаме за подобрување на животот на граѓаните. Во наредниот период ќе бидеме под засилен надзор - пишува во соопштението.
Зеленило во Скопје - ретка глетка
Состојбите со зелените површини во град Скопје нашите соговорници ги оценуваат како катастрофални. Социологот Ивана Драгшиќ од „Плоштад Слобода“ вели дека нашиот град апсолутно нема доволно зелени површини и зеленило.
- Зеленилото квалитативно и квантитативно се намалува, а тенденциите покажуваат дека не постои никаква идеја или визија за значајна промена во спротивна насока. Ние сме веќе дојдени во состојба на драстично нарушена урбана животна средина и само радикални чекори, на пример масовно и планско зазеленување и рефорестација со зрели дрвја, можат да имаат ефект - вели Драгшиќ.
Според неа, наводното одговорно однесување на локалните власти (политика на несечење или надоместување на исеченото) едноставно математички не ја задоволува потребата од зеленило која се наметна низ годините, особено во услови на константна урбанистичка експанзија.
- Дури и ветувањата на некој инвеститор дека ќе обезбеди вертикално зеленило и паркче (Аеродром), или на Анѓушев за секое 1 дрво нови 10 (Водно), засега би ги зела само како манипулации и фикс идеички на моќници кои не ја разбираат големата слика - објаснува таа.
Минатата година само 3,4% од површината на најцентралното градско подрачје отпаѓала на зеленило
Дека зеленилото во Скопје станува ретка глетка, потврдуваат и анализите на „Плоштад Слобода“, но и поради комплетната реализација на урбанистичките планови со кои најмногу се регулираше изградбата на „Скопје 2014“, во периодот од 2002 до 2017 година.
- Количината на зелени површини во Мал ринг (ниско зеленило и површина на крошни) е намалена за 75%. Минатата година само 3,4% од површината на најцентралното градско подрачје отпаѓала на зеленило, додека во 2002 тоа биле 13,9%. Состојбата со површина на крошни исто не е сјајна, во споменатиот период од 15 години таа се намалила за 25%, што претставува големо намалување во волуменот на крошните. За жал, тоа е параметар кој може да се измери само со понапреден попис на зеленило, но кажува многу за можностите за ублажување на ефектите на загадувањето на воздухот, зголемувањето на температурата и бучавата во градот. Таков попис Градот Скопје веќе одамна најави дека спроведува, досега требаше да биде и завршен, но немаме информации дека е - објаснува Драгшиќ.
Истите тенденции ги покажуваат и населби како Аеродром, Карпош, Водно и други.
Секој новоподигнат градежен објект е на зелена површина
Професорот Сотировски, пак, вели дека состојбите со урбаното зеленило во Скопје се депримирачки, како од краткорочен така и од долгорочен аспект. За оваа констатација, според него, не треба некоја посебна експертиза, ниту пак треба да се анализираат официјални податоци.
- Секој новоподигнат градежен објект (административна/бизнис-зграда; станбена куќа/зграда; катна гаража; плоштад) во градот во изминатите 20-ина години, а особено изразено со т.н. „Проект Скопје 2014“ во последните 12 години беше поставен на некаква веќе етаблирана зелена површина или, пак, на површина која требаше да биде зелена, односно со вегетација. Дури и дел од, веќе по лошо прочуените, уметнички дела (најчесто скулптури) со нивните постаменти беа поставувани врз зеленило. Освен сомнителните мотиви за таквата насилна, бескрупулозна градежна офанзива, многу ми пречи и што не се почитуваа никакви експертски или, пак, мислењата на пошироката јавност, за тоа дека неповратно ќе се изгуби јавниот зелен простор. А урбаното зеленило е и бели дробови на градот, и место за социјализирање и релаксација, и температурен регулатор и звучен изолатор - вели Сотировски.
Сите се согласни дека штетите што му се нанесени на главниот град со неконтролираното сечење на дрвјата и уништувањето на зелените површини се неповратни.
- Зеленилото уништено само со изградбата на „Скопје 2014“ во подрачјето Мал ринг и околу МОБ и Универзитетска библиотека е неповратно уништено. Нема таква мерка со која некоја локална или централна власт може да го надомести зеленилото што сме го имале само во 2002 година, а да не споменувам во 1997 година. И тогаш состојбата не била сјајна, но била многу подобра отколку сега - вели Драгшиќ.
Но штетите се многу пошироки и долгорочни.
- Највисоката просечна температура што можеме да ја постигнеме сега веројатно е на максимумот, иако можело да се влијае врз неа со обезбедување големи и здрави лисни површини, односно крошни на дрвја. Дрвјата, освен што влијаат врз квалитетот на воздухот, нѐ штитат и од звучно загадување. Само пред две години бевме сведоци на огромни, фатални штети како последица на поројни дождови во Скопскиот Регион (Стајковци, Ченто и останатите), за кои, освен очигледно криминалната изградба на обиколницата и неодржувањето на постојната инфраструктура, причина била и дивата сеча на дрвја, кои инаку служат како дренажен систем токму во такви абнормални природни непогоди.
Ниту едно младо новозаседно дрво не може да замени возрасно
Професорот Сотировски додава дека поголемиот број активности за обновување или формирање нови зелени површини од страна на надлежните се претставуваат како достојна замена, па дури и подобрување во однос на уништеното или отстрането зеленило. Но, според него, мора јасно и гласно да се каже дека тоа никако не се, ниту според квалитет ниту според волумен, односно обем.
- Колку млади новозасадени дрвја (дури и од најголемите засадени) може да заменат едно возрасно големо дрво, високо над 10-ина метри, со широка разгранета крошна и површина на лисната маса стократно поголема? Одговорот е сосема јасен. Новозасадените стебла ќе имаат вредност колку возрасните во оној момент кога ќе бидат барем исто толку големи, доколку воопшто преживеат толкав временски период (најчесто неколку десетици години). Едноставно, постои огромен диспаритет меѓу веќе етаблирана урбана вегетација во однос на вегетација која се засадува од ново - вели Сотировски.
Бидејќи пасијата кон дрвјата му станала манија, вели дека само во централното градско подрачје лоцирал огромен број новозасадени дрвја кои се исушиле по само 1-5 години. Причини има многу, лош избор на садниот материјал, лошо засадување во несоодветни услови, негрижа и слабо одржување или вандализам.
Скопје некогаш и сега
Ни требаат радикални чекори, ни треба пошумување
Дали има надеж за Скопје? Што треба најитно да преземат институциите? Драгшиќ вели дека има многу светски примери кои тргнале со радикални чекори и значително ја подобриле состојбата.
- На луѓето ќе им звучи нереално кога ќе прочитаат дека за пример ги давам државата Кина и градот Њујорк. Токму ваквите примери треба да ги следиме поради амбициозноста и радикалноста во пристапот. На пример, во 2007 година во Њујорк на градско ниво се донесе одлука за засадување на 1 милион дрвја на урбаната и јавна површина на градот до 2017 година. Целта беше постигната уште во 2015 г. Иницијативата „милион дрвја“ ја има започнато Лос Анџелес, на кој подоцна му се придружуваат и градови како Шангај, Лондон, Онтарио. Во случајот на Кина, пак, се работи за распоредување на 60.000 војници да садат дрвја на 6,66 милиони хектари површина за заедно со претходно создадените 33,8 хектари шума во изминатите 5 години да постигнат 21,7% од површината на земјата да им биде шума до 2020 година. И сето тоа само заради борба со загадениот воздух - вели Драгшиќ.
Не треба да се измисли топла вода, пошумувањето е една од ретките „стари“, а ефикасни методи за борба против целокупното загадување кое влијае врз климатските промени.
- Не може ниедна власт да ви каже дека е скап зафат, потребна е само добра мобилизација. Пошумувањето беше препорака во втората половина на 20 век, кога понапредните општества се справуваа со последиците на рапидната индустријализација - вели таа.