Платете за да дишете чист воздух - во Индија се појавија првите барови со кислород
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Продавањето кислород на оние на кои им е потребен свеж воздух првин беше дел од филмот „Вселенски топчиња“ од 1987 година, но сега е реалност во форма на барови за кислород што се појавуваат во Индија, која се соочува со прилично загаден воздух.
Баровите како „Окси пјур“ во Њу Делхи на клиентите им нудат 15 минути чист кислород, а ако сакате и миризлив, преку апарати за дишење слични на оние во болниците. И додека самите барови профитираат од потребата на луѓето за чист воздух, фактот дека воопшто постои пазар за него е вознемирувачки знак за луѓето што се заглавени меѓу опасните услови и економската експлоатација.
На почетокот од месецот индиската влада прогласи вонредна состојба поради лошиот квалитет на воздухот. Во Њу Делхи комбинацијата од загадувањето, остатоците од конструкциите и другите гасови го загадија воздухот до толку опасно ниво, што се поврзува со оштетување на мозокот кај децата.
Сопственикот на „Окси пјур“, Арјавир Кумар, истакнува дека луѓето се навикнаа да купуваат вода во шишиња. Тогаш зошто да не се навикнат да купуваат и свеж воздух?
За жал, со бавното дејствување на индиската влада, приватизираните решенија како
барови за кислород може да се единственото решение на луѓето во блиска иднина.