Матурантите бараат да не полагаат матура, надлежните велат – ќе се полага во јуни

Матурантите бараат да не полагаат матура, надлежните велат – ќе се полага во јуни

Подготвил: Антонија Поповска

Лектор: Ивана Кузманоска

Средношколците ја поздравуваат одлуката на МОН за реформа на проектната задача и според нив, ангажманот за неа ќе го ослободи целиот нивен потенцијал и ќе ја поттикне креативноста, па затоа прифаќаат да сработат проект, но не и да ги полагаат другите предмети

За државната матура, поради ситуацијата со Ковид-19 годинава, нема да биде ефективно тестирањето и затоа бараме да не се полагаат испитите, туку да има само проектна задача, велат претставници на Сојузот на средношколци. Тие доставиле т.н. декларација до надлежните во Министерството за образование и наука со која бараат во секоја донесена одлука да бидат вклучени и средношколците.

- Земајќи ги предвид состојбите со менталното здравје на средношколците и стресот предизвикан од несигурноста поради пандемијата, нема да биде ефективно тестирањето за државната матура. Лошата состојба на наставата од далечина и скратените наставни програми само ја отежнуваат можноста средношколците соодветно да се подготват за полагањето. Дополнително, овие испити му припаѓаат на едно застарено образовно решение. Препишувањето на испитите е широка појава и само ја намалува кредибилноста на државната матура. Секоја одлука поврзана со средношколците мора да биде донесена со нивно вклучување. Ние сметаме дека државната матура не треба да биде одржана во учебната 2020/2021 година - се наведува во документот.

Средношколците ја поздравуваат одлуката на МОН за реформа на проектната задача и според нив, ангажманот за неа ќе го ослободи целиот нивен потенцијал и ќе ја поттикне креативноста.



- Предлагаме таа да остане како дел од државната матура во оваа учебна година. Средношколците треба да ја изработат својата проектна задача, а испитите не треба да бидат полагани - стои во декларацијата.

Не сме подготвени, отсуствува посебен педагошки пристап кон секое дете

Истовремено на социјалните мрежи кружи петиција во која се собираат потписи против полагање на испитот на зрелоста. Во образложението стои дека овие услови на учење се нетипични и дека матурантите се неподготвени за полагање на овој важен испит. Петицијата досега ја потпишале над 3.500 лица.

„Денешница во која послаб интернет-сигнал значи отсуство од час, пропуштена наставна единица, неоправдано отсуство и каде што недоволната обученост на еден професор значи пропаст на цела генерација, не е нормална и не може да се третира како таква. Во отсуство на потребен педагошки пристап кон секое дете со посебен тип на карактер, интелект и темперамент, и однесувањето на ученикот не може да се очекува да биде исто. Дополнителниот притисок и стрес во овие повеќе од само стресни околности со сигурност не би вродиле со плод. Во една средина која ни ги диктира горенаведените нетипични за нас услови и генерално, неподготвеноста која ја чувствуваме, не може да се надеваме на успешни остварувања и низа постигнати цели како што тоа би се очекувало пред една година“, се наведува во онлајн-петицијата.

МОН: Матура ќе се полага

Факултети.мк побара став од Министерството за образование и наука (МОН), од каде што не отстапуваат од планот за полагање, како што тоа го направи во април поранешниот министер Арбер Адеми. Оттаму информираа дека годинава државната матура ќе се одржи во предвидениот законски рок, односно во јуни 2021 година.

- Полагањето на државната матура е обврска утврдена со Законот за средно образование и се спроведува според Правилникот за полагање испити од државната матура. Учебната 2020/2021 година се одвива успешно согласно планот и програмата, а МОН во континуирана комуникација со учениците и училиштата ќе обезбеди заеднички решенија за непречено и безбедно полагање на матурските испити. МОН ги извести учениците од четврта година дека пријавувањето на матурските испити се одвива во соодветниот законски рок и затоа ги повикуваме матурантите до крајот на месецот да ги пријават темите за проектната задача, а до крајот на декември да ги пријават и испитите од листата за полагање, која е проширена со уште два нови предмета - информираат во МОН.

Оттаму потсетија дека оваа учебна година матурантите првпат ќе имаат можност за реализација на матурска проектна задача во согласност со условите во кои се одвива наставата и глобалните трендови на културата и младите.



- Во насока на ефективно и организирано полагање на испитите од државната матура, испитните програми по сите наставни предмети ќе бидат со скратени содржини. Полагањето завршни испити од државна матура е дел од образовните системи на сите европски земји и земјите од регионот, како што се Словенија, Хрватска, Црна Гора, Косово, Албанија. Во овие земји матурските испити се реализираат непречено и со почитување на сите здравствени и безбедносни протоколи, а пандемијата не беше пречка матурските испити да се организираат непречено и во континуитет - додаваат оттаму.

На крајот од април годинава, Владата, поради ситуацијата со Ковид-19 кога на дневно ниво имаше 23 нови ковид-случаи, донесе одлука да се укинат државната матура, училишната матура и завршниот испит. На матурантите што се запишуваа на факултет им беше овозможено да го сторат тоа без положена матура.