Зошто Африка успеа да одговори на пандемијата подобро од другите континенти?
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Глобалниот индекс на здравствена безбедност во 2019 година ги рангира земјите според нивната подготвеност за пандемијата. САД беа прогласени за најподготвена земја, додека за поголемиот дел од африканските земји се сметаше дека се најмалку способни да се справат со каква било закана врз здравјето.
Затоа се претпоставуваше дека Африка како континент ќе има 10 милиони смртни случаи поврзани со коронавирусот. Ова предвидување може да се покаже како погрешно бидејќи во африканските земји имаше само 3,6% заразени со коронавирус и 3,6% смртни случаи поради вирусот од целиот број во светот до 13 ноември.
Регионална соработка
Научниците се обидуваат да објаснат како Африка успева да се справи со пандемијата. Африканските земји ја искористиле континенталната и регионална соработка за соодветно да одговорат на глобалната пандемија. На почетокот од февруари, десетина дена пред откривањето на првиот случај во Африка, африканските центри за превенција и контрола на болести основаа африканска работна група за новиот коронавирус за да се координираат при реакцијата на пандемијата низ континентот.
На крајот од истиот месец, сите 55 министри за здравство свикале итен состанок за да разговараат за пандемијата и да договорат стратегија за целиот континент. Стратегијата се засновала на спречување на пренесувањето и намалување на ширењето на вирусот во општеството за да се спречи преоптоварување на здравствените установи. Таквото унифицирано раководство им дало насока на земјите како да одговорат на пандемијата.
Фото: Pexels
Континенталниот пристап е поврзан со соработката на регионално ниво. На пример, земјите во Источноафриканската заедница создале регионален електронски систем за следење на случаите на Ковид-19 меѓу границите. Со овој систем се следеле возачите во земјите преку нивните телефони. Така се создал канал за транспарентна размена на информации и максимална употреба на скудните ресурси потребни за тестирање на работниците што можеби го имаат вирусот.
Навремено затворање
Раното затворање на границите по пријавувањето на првите случаи, исто така, имало голема улога. Биле откажани летовите и биле воведени строги мерки за ограничено движење за да се спречи ширењето. Јужноафриканската Република имаше строги мерки за ограничено движење со кои процентот на позитивни тестови се намалил од 42% на 4%.
Повеќето африкански земји вовеле и други мерки, како миење раце, носење маски и физичко дистанцирање. На јавните места во некои земји има станици за миење раце, а поради затворањето на универзитетите, студентите волонтерски ги поттикнувале луѓето да ги почитуваат мерките. Комуникацијата и вклученоста на заедницата дополнително ја зголемиле довербата на луѓето во јавниот здравствен систем.
Фото: Pexels
Финансиска помош
Владите обезбедиле финансиска помош за најранливите категории, а владините претставници се откажале од платите за април. Тестирањето, барањето контакти, изолацијата, карантините и лекувањето се бесплатни во многу африкански земји. Во некои земји користењето на водата и на електричната енергија било бесплатно и биле укинати даноците.
Технологија
Освен тоа, многу африкански земји усвоиле иновативни технолошки алатки. Владата на Руанда со роботи им мерела температура на луѓето на јавните места и во болниците. Користени се дронови за надзор и достава на лекови и сите плаќања се вршеле безготовински, а надоместоците за таквото плаќање биле пониски.
Се чини дека сепак успехот на Африка во справувањето со кризата не може да се припише само на чиста случајност.
Автор: Ева Бенедик
Извор:
telegram.hr