До 3 години затвор или парична казна за користење лажен ковид-сертификат

До 3 години затвор или парична казна за користење лажен ковид-сертификат

Подготвил: Елица Бочваровска

Лектор: Ивана Кузманоска

МВР апелира да се почитуваат мерките и потсетува на казните. Граничната полиција за само една недела открила 4 лажни ковид-сертификати, а Државниот пазарен инспекторат од август досега има извршено 1.280 инспекциски надзори и затворени се вкупно 20 угостителски објекти.

На граничните премини Долно Блаце и Блато полицијата открила четири лажни ковид-сертификати при влез и излез од државата, а во засилените контроли на Државниот пазарен инспекторат, направени од 8 до 14 овој месец заедно со Министерството за внатрешни работи, во два објекти се затекнати четири лица без ковид-сертификат и едно со лажен. Во текот на изминатите четири месеци Државниот пазарен инспекторат има извршено 1.280 инспекциски надзори и вкупно се затворени 20 угостителски објекти, изјави деновиве директорката на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска-Димоска.

Затворањето, посочи таа, е врз основа на тоа дека дел од гостите не поседувале сертификати, поради констатирано поголемо присуство на лица во објектот од дозволеното или за непочитување на протоколите за одржување дистанца. Таа додаде дека досега се контролирани 173 субјекти и затворени се девет угостителски објекти, од кои еден во Гостивар, два во Скопје, четири во Кичево и еден во Тетово.

Припадниците на МВР работат на асистенција на Државниот пазарен инспекторат и поради утврдените неправилности и непочитување на мерките донесени по Законот за заштита на населението од заразни болести, Инспекторатот ги затвори наведените објекти и издадени се прекршочни платни налози за глоба согласно големината на објектите, велат од МВР.

Државниот пазарен инспекторат соопшти дека досега имаат изречено глоба кон правни лица во износ од шест милиони денари и над 1,5 милион денари глоба кон одговорните лица во правните субјекти.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека два од лажните ковид-сертификати се откриени од полицијата од Регионалниот центар за гранични работи Север на граничниот премин Долно Блаце и тие се откриени кај македонски државјани.

- Другите два се откриени од полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Запад, на граничен премин Блато, кај двајца државјани на Република Албанија. Вакви случаи не се откриени од Регионалниот центар за гранични работи Исток и од Регионалниот центар за гранични работи Југ - велат од МВР.

Оттаму појаснуваат дека при влез во објектите на територијата на Македонија, редарската служба прави контрола на потврдата за вакцинација или на потврдата за прележан ковид-19 и доколку се посомневаат за можна злоупотреба на сертификатите, може да повикаат инспектори и заедно со полицијата да извршат проверка.




Од МВР велат дека ваквите контроли во следниот период ќе бидат уште позасилени и апелираат да се почитуваат мерките донесени од Владата. Додаваат дека ако при контролите се утврди дека лицето приложува туѓ сертификат, ќе следува поднесок за сторено кривично дело.

- Потсетуваме дека користењето фалсификуван сертификат претставува кривично дело, а казната може да е парична или затвор до 3 години, согласно Кривичниот законик - велат од МВР.

Од септември годинава за влез и излез од земјата се бара ковид-сертификат со примени две дози вакцини, сертификат за прележан ковид-19 до 45 дена од прележувањето или негативен ПЦР-тест. Ковид-потврди се бараат и за влез во угостителски објекти, трговски центри и при организација на настани каде што се собираат повеќе луѓе.

Уште при воведувањето на овие мерки луѓето коментираа дека сертификати не се бараат или, пак, дека во угостителските објекти дел од гостите користат лажни сертификати. На социјалните мрежи се објавуваа разни тврдења дека многу лесно може да се пробие кодот на дигиталниот ковид-сертификат и дека на тој начин се изигруваат здравствените протоколи и мерки.



Коментарите дека лесно може да се извади лажен ковид-сертификат повторно се појавија по владината одлука со која од средината на овој месец се олабавуваат мерките и во затворениот дел на угостителските објекти се дозволи поголема исполнетост, како и при организација на разни настани, семинари, обуки, а се бара сертификат за прележан ковид-19 или сертификат за примени две дози вакцини, наместо една како што беше досега.

Од Министерството за здравство велат дека соработуваат со сите институции во државата и дека ги почитуваат и спроведуваат сите безбедносни протоколи за да се спречи користење лажни сертификати, со лажни имиња и лажни податоци.

- Одлуката на Европската комисија да имаме ЕУ-сертификат е признание за Република Северна Македонија за преземените активни чекори од наша страна со правилата на ЕУ во оваа насока и потврда за автентичноста и валидноста на чекорите што се преземаат со цел заштита на здравјето на нашите граѓани - велат од Министерството за здравство.