Само три првачиња запишани во Злетово годинава - наставничката Бранкица Стефановска-Бошкова вели дека имаат време и за учење, и за прошетка, и за игра

Само три првачиња запишани во Злетово годинава - наставничката Бранкица Стефановска-Бошкова вели дека имаат време и за учење, и за прошетка, и за игра

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Часовите ни се флексибилни. Работиме по програма, меѓутоа, држиме часови во зависност од потребите на децата. Понекогаш завршуваме за 15 минути, а понекогаш знаеме и да се заборавиме, зависи од активноста, ни споделува наставничката Бранкица

Јована, Сара и Моника се единствените првачиња во Злетово годинава. Се смета дека оваа година е исклучок и се очекува вгодина да има поголем број запишани деца во училиштето „Св. Кирил и Методиј“. Нема кавги кој во кој ред да седи, сите се во прва клупа. Сите го добиваат потребното внимание од наставничката. Се слушаат, си помагаат и другаруваат. Наставничката Бранкица Стефановска-Бошкова се обидува секој ден да им е интересен и има можност да им посвети соодветно внимание на секоја од нив. Вели дека и годинава, иако се само тројца ученици, е вообичаена како и секоја година.

- Јас предавам само во прво одделение. Првите три месеци се период на адаптација и социјализација на децата. Бидејќи се работи за деца од 5 и 6 години, многу е важна близината, односно односот наставник (родител)-дете, различните потреби и сфаќања. Без разлика дали се 3 или 33 ученици, мора да му се посветите на секое дете индивидуално. А овде се дава максимумот - ни сподели наставничката Бранкица.



По учењето имаме време и за игра и прошетка

Според најновата концепција, во училиште поминуваме пет работни часа, односно од 7:30 до 12:30 часот.

- Значи во тие 5 часа си родител, психолог, судија, доктор, другар, социјален работник, аниматор... а дури на крајот наставник. Особено оваа година со три дечиња имаме време за сѐ. Наставните активности ги работиме и повеќе од доволно и ни останува време за прошетка, за истражување, за игра, за во парк, па дури и за гледање некој анимиран филм. Часовите ни се флексибилни. Работиме по програма, меѓутоа, држиме часови во зависност од потребите на децата. Понекогаш завршуваме за 15 минути, а понекогаш знаеме и да се заборавиме, зависи од активноста - ни го доближува своето секојдневие Бранкица.

Со оглед на тоа дека со текот на времето во целата држава се намалува бројот на населението, а со тоа и континуитетот на децата што треба бидат вклучени во воспитно-образовниот процес, ваквата информација не беше толку непозната и изненадувачка, ни сподели наставничката.



- Со зголемувањето на миграцијата јасно е и дека се зголеми падот на бројот на деца запишани во прво одделение. Но, имајќи предвид дека Злетово е помало населено место, во последниве 10 години (колку што работам во училиштето) сѐ уште држи некој континуитет. Просекот на ученици запишани во прво одделение се движи околу 20 годишно (зборувам за среден просек) со исклучок на 2023 година. Меѓутоа, благодарение на добриот однос наставник-родител, имаме неофицијални информации дека наредните години бројот на деца што треба да се запишат во прво одделение е далеку поголем од 3 - посочи наставничката Бранкица.

Отстапувам простор на слобода на изразување


Како што вели таа, наставата е најорганизиран облик на воспитно-образовната дејност преку која се остваруваат целите и задачите на воспитанието. Активности на наставникот се планирање и следењето на воспитно-образовната работа во училиштето и вреднувањето на остварените резултати, советодавни активности, следење на развојот и напредокот на ученикот.



- Јас користам методи кои најмногу соодветствуваат со наставната единица. Посредни (индиректни) облици на настава се оние облици во кои наставникот води, насочува и го контролира образовниот процес со посредни средства - со општа организација на работата, со подготвување посебни задачи, работни и наставни листови, упатства. Најчесто користам групна или тимска работа, зависно од потребите на активноста, односно наставната единица што ја работиме тој ден/час. Секако, кога се работи за единица која бара читање, користиме и фронтален облик на работа бидејќи учениците сѐ уште немаат научено да читаат. Во текот на денот/часот може да користиме повеќе активности бидејќи ни дозволува времето, така што имаме целосна слобода на изразување, каде што секое дете ќе се пронајде во она што најмногу му одговара - дополнува Стефановска-Бошкова.

Паралелка со три деца значи дека секое дете може да го добие потребното внимание од наставникот, па дури и повеќе од доволно.

- Како што напоменав, и кога се повеќе деца секогаш се дава сѐ од себе, односно му се посветува внимание на секое дете индивидуално. Секогаш се обидувам секое дете да го доведам до неговиот максимум, се разбира, според неговите способности. Време имаме за сѐ, а и децата имаат голем капацитет, па се надевам дека ќе бидеме најдобри - вели Бранкица.



Социјализацијата не ни претставува проблем


Негативните страни во паралелка со три деца се неминовни, но не многу значајни, посочува нашата соговорничка.

- Секогаш се трудиме добро да го организираме слободното време, многу често и заедно со погорните одделенија. Организираме заеднички работилници, заеднички активности, игри, натпревари, а и на одморите редовно имаме посета од поголемите браќа, сестри, братучеди. Социјализацијата не ни претставува проблем... Конкуренцијата или натпреварот помеѓу децата, верувајте секогаш постои, најважно е што овде секогаш сите сме победници, а оној што завршил прв несебично го дели своето знаење со другите, помагајќи им полесно да ги завршат работните обврски, односно да се насочат на правилниот начин на решавање на проблемите. Морам овде да ги пофалам дека сите три се навистина одлични и несебично си помагаат и соработуваат и со мене и меѓусебно - раскажува Бранкица.



Таа како наставничка на оваа мала, но силна паралелна вели дека има амбиции да им помогне да пораснат во добри и успешни граѓани.

- Сакам да им помогнам да го пронајдат и да го усовршат својот став работејќи на развивање на своите вештини и доверба во изразувањето. Да ги инспирирам да ја зголемат вербата во нивните способности и да им обезбедам поддршка што им е потребна за да успеат во нивните понатамошни предизвици. Кога наставниците ги поттикнуваат учениците да истражуваат и да прифатат нови, креативни идеи, тоа резултира со подобар успех на секое поле. Врз основа на ова, на учениците им се овозможува да ги истражат своите идеи и интереси. Да ги подобрат мотивацијата, ангажираноста и своите постигнувања. Јас како наставник се трудам да размислувам и надвор од рамката, да побарам нови и иновативни начини за интегрирање на дневните планови за часовите - ни сподели наставничката Бранкица.

Фото: приватна архива