Новата влада на Исланд планира да го стави на референдум прашањето за влез во ЕУ
Новата влада на Исланд ги разоткри плановите да го постави прашањето за членството во Европската Унија на референдум до 2027 година. Новата администрација на премиерот Криструн Фростадотир соопшти дека ќе формира експертска комисија која ќе ги разгледа предностите и недостатоците од одржувањето на исландската круна или усвојувањето на еврото.
- Се согласивме да се договори предлогот во парламентот, во кој се наведува дека ќе имаме референдум за продолжување на преговорите за пристапување на Исланд во Европската Унија и овој референдум да се одржи најдоцна до 2027 година - истакна министерката за надворешни работи Торгедур Катрин Гунарсдотир.
Се очекува министерката да ги преземе пристапните преговори, според извештајот на „Еуро њуз“.
Исланд аплицира за пристапување во ЕУ на 17 јули 2009 година, додека на 24 февруари 2010 година Комисијата даде позитивно мислење и препорача отворање на пристапните преговори. На 17 јуни 2010 година Советот рече дека Исланд ги исполнил сите потребни услови и дека треба да се отворат пристапните преговори. Сепак, во 2013 година владата на Исланд одлучи да ги прекине пристапните преговори, но ЕУ нагласи дека ќе биде подготвена да го продолжи преговарачкиот процес доколку Исланд одлучи да ги продолжи.
Финансиската криза од 2008 година, како и Брегзит и други домашни прашања, ги наведе властите во Исланд да го преиспитаат потенцијалниот пристап во ЕУ. Покрај тоа, анкетата на истражувачката компанија „Маскина“ покажа дека значително мнозинство од нацијата поддржува референдум за членство во ЕУ на следните избори.
Анкетата на „Маскина“ беше спроведена помеѓу 12 и 20 јуни. Врз основа на ова истражување, вкупно 54,3 отсто од испитаниците гласале за приклучување кон ЕУ. Дополнително, вкупно 74,2 отсто од испитаниците сметаат дека е важно да се одржи референдум за понатамошни преговори за членство во Европската Унија.
Во овој поглед, поранешниот премиер Торстеин Палсон резултатите ги нарече одлучувачки, но не и изненадувачки.
- Резултатите покажуваат дека ова прашање повеќе не може да се држи надвор од политичката агенда - истакнал поранешниот премиер.
Анкетата, исто така, покажала дека вкупно 66,8 отсто од испитаниците веруваат оти домаќинствата ќе бидат подобри под Европската Унија.
Ако Исланд влезе во ЕУ, тоа значи дека и оваа земја ќе го прифати еврото.
Извор: schengen.news
Фото: Freepik