Објавени фотографии од мистериозно племе кое со децении живее во изолација
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Фотографии од мистериозното племе кое живее длабоко во бразилската прашума го обиколија светот. Тие биле снимени со автоматски камери, оставени на локации каде што вообичаено ја обележуваат својата територија, користејќи разни метални предмети.
Она што особено ги интригира научниците е фактот што навистина не се знае како племето се нарекува себеси, како комуницира, како го организира животот или во што верува.
Далеку од современиот свет
И покрај притисокот на земјоделците, дрвосечачите, рударите и дилерите на дрога кои шетаат низ прашумите, малото племе успеа да се дистанцира од современиот свет и да го зголеми својот број.
Научниците го нарекуваат племето Масако, по реката што тече во близина, додека нивните обичаи, култура и потекло засега остануваат мистерија.
Ова племе користи камуфлирани шилци што пробиваат гуми за одбрана од непознати личности
Фото: Funai
Според Националната фондација за домородни народи (Фунаи), која со децении ги штити бразилските територии, племето е најмалку двојно зголемено од раните 90-ти, на околу 200 до 250 члена.
Слични на народот Сирионо
Научниците успеале да направат снимки од живеалиштето на племето, за време на различни експедиции, па било забележано дека племето работи со алати и има оружје. Низ годините пасивно набљудување научниците утврдиле дека ловат со лакови долги три метри и ги преместуваат селата од сезона во сезона.
- Врз основа на фотографиите, можеме да заклучиме дека ова племе е слично со племето Сирионо, кое живее на спротивниот брег на реката Гуапора, Боливија. Но, не можеме да кажеме нешто плус за племето, така што останува мистерија - вели Алтаир Алгајер, претставник од Фунаи.
Процената дека нивниот број се зголемува е добра вест бидејќи тоа се случува во време на демографска катастрофа со која се соочува домородното население, предизвикана од уништување на животната средина и неавтохтона окупација.
Извор:
The Guardian
Фото: Funai