Тетовец живее во музеј!

Тетовец живее во музеј!

Подготвил: Александар Самарџиев, наш дописник од Тетово

Лектор: Ивана Кузманоска

Зоран Јанкуловски е особено горд на најновиот набавен предмет, клавир-хармониум изработен во 1890 година од пронаоѓачот Теодор Манборг


Влегувате во стан и гледате советска и нацистичка униформа од Втората светска војна. Тука има и старо пијано, книги од пред неколку века, камера од времето кога биле измислени, пушка од османлискиот период. Вака изгледа домот на Зоран Јанкуловски во Тетово, долгогодишен колекционер на старини. Својот стан го уредил како мини-музеј. Инаку, тој е забен техничар и работи во Тетовската болница.

Вели дека чувањето антиквитети е можност да се почувствува како се живеело во минатото и дека така предметите ги гледа како сведоци на тогашниот начин на живот. Јанкуловски објаснува дека чувствува восхит, но и возбуда што работи на зачувувањето на старите предмети. Веќе две децении интензивно собира и има колекција од над сто старини кои се обидува да ги оспособи со цел да бидат подолговечни, да го зачуваат автентичниот изглед, а дел од нив и да бидат во функционална состојба.



- Откако ќе го набавам предметот, задоволство ми е да работам на него, да го заштитам од уништување. Ме фасцинираат предметите зашто се сведоци на едно минато време, друг систем на естетика, на вредности и на значење. Чувствувам голема возбуда при секој нов откриен предмет. Ми се полни душата затоа што пред себе имам нов предизвик за реставрирање, оживување на еден стар предмет. Во денешно време луѓето даваат по неколку стотици евра за мобилен телефон што претежно има ограничен рок на траење. Имаме хиперпродукција на безлични направи, без никаква вредност, додека кај старите предмети, покрај рустикалната форма, некои од нив сѐ уште се функционални - вели Зоран.



Клавир на Манборг, германски речник од 1778...

Тој е особено горд на најновиот набавен предмет клавир-хармониум, изработен во 1890 година од пронаоѓачот Теодор Манборг. Смета дека е меѓу ретките на Балканот што имаат ваков инструмент со оглед дека во минатото се користел само во католичките цркви.
- Мој пријател го нашол во Грција и знаејќи ја мојата пасија за антиквитети, ми препорача да го купам од колекционер. Никој досега не работел на негова реставрација. Сега планирам рачно да го правам тоа. Прво ќе го поминам со средство за отстранување и чистење од инсекти што го нагризуваат дрвото. Потоа следува мачкање со ленено масло и безбојни лакови со цел да се зачуваат автентичноста и оригиналната боја - вели Зоран.


Зоран Јанкуловски

Веќе извршил вакви постапки и на други предмети, а го издвојува реткиот примерок на пијаното Густав-Рошлер од 1900 година, претходник на ваквите инструменти кои денес се познати и се произведуваат под името Петроф. Откако го реставрирал, стои во дневната соба и на него може да се свири.




- Немам евиденција, но голем број од предметите што ги имам се постари од 100 години и се сметаат за антиквитети. Се разбира, дел од нив се многу ретки, дел имаат уметничка и естетска вредност. Некои од предметите за некоја година ќе бидат стари над еден век. Најстари се две книги - француска комедија од 1671 година и германски речник од 1778 година. Имам француска енциклопедија Ларош од 1914 година. Потоа троножец салонска камера од 1887 година марка „воитлендер“ од Австрија, два инструменти – цитри од 1900, фотоапарат „кодак“ од 1910 и слично - гордо раскажува Јанкуловски.



Восхитот од антиквитетите и воопшто од старите предмети се јавил кај него уште кога бил дете, кога нашол пегла од 1907 година во куќата во Љубојно, од каде што потекнуваат неговите дедо и баба. Таа пегла, како и голем број носии, се дел од македонското културно наследство, кое зазема значаен дел од неговата колекција.

- Имам и разни предмети што во минатото се користеле во македонските семејства и домаќинства. Набавив неколку носии кои се во застаклениот дел, а мариовската носија е ставена на кукла. Таа постојано ја обновувам со цел да ја комплетирам целата носија сосе накитот. Имам најдено накит од османлискиот период што го носеле македонските жени. Особено сум горд на ретката пушка „каранфилка“ од 19 век - вели тетовецот.




Експонатите може да се видат во секое време

Дел од антиквитетите и предметите се ставени во специјално изградени и застаклени простори во дневната соба од станот.

- Благодарение на тоа што мојата сопруга е архитект, успеавме некако во еден модернистички концепт на ентериерно дизајнирање на станот овој рустикален дел да го вметнеме во дневната соба. Експонатите може да се видат во секое време. Кога сум сам, на некој начин комуницирам со сите предмети и тоа ме исполнува. Горд сум со тоа што го имам, па затоа се надевам дека мојата ќерка, со иста љубов, како наследство од својот татко ќе ги негува и ќе ги чува овие предмети, за и понатаму да бидат потсетници на едно одминато време.



Повеќе од сто експонати се набавени во комуникација со луѓе на интернет или на места каде што се продаваат. За некои од нив морал да отпатува до одредени дестинации.
Секој што сака да го посети домот на Јанкуловски е добредојден. Впрочем, на влезот од неговиот дом, покрај бројот на станот и името на семејството, пишува дека има и музеј.