Ремче што го преведува лаењето на кучето со помош на вештачка интелигенција
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Јужнокорејска компанија создаде ремче за кучиња користејќи вештачка интелигенција, со која сопствениците ќе можат да откријат пет емоции кај кучињата - преку начинот на кој нивните домашни миленичиња лаат со помош на технологијата на препознавање глас.
Компанијата „Петпулс“ го претстави генијалното ремче на Саемот за потрошувачка електроника (CES) 2021 година. Креаторите објаснуваат дека покрај следењето и физичката активност и одморот на кучињата, ова ремче може да открие пет кучешки емоции со помош на вклучување микрофони и технологија за препознавање глас, за да се следи лаењето.
По анализата, „Петпулс“ го информира сопственикот преку мобилна апликација дали неговиот
крзнен пријател е среќен, опуштен, вознемирен, лут или тажен.
- Овој уред му дава глас на кучето за да го разберат луѓето - вели Ендру Гил, глобален директор за маркетинг на „Петпулс“:
Како функционира ремчето?
Во 2017 година лабораторијата на „Петпулс“ почнала да гради база на податоци со повеќе од 10.000 лаежи од 50 раси кучиња. Три години подоцна научниците успеале да развијат сопствен алгоритам кој ги анализира емоциите на кучињата.
Според Националниот универзитет во Сеул, кој го тестирал уредот, ремчето има просечна стапка на точност од 90 отсто од емоционалното препознавање.
Компанијата почна да го продава својот уред во октомври 2020 година преку својата онлајн-продавница. Можете да изберете помеѓу пет бои, а цената е 80 евра.
Извор:
Entrepreneur.com
Фото: Petpuls.net