Колумна: Кога од ученичето ќе направиш прав ученик, тогаш си вистински наставник

Колумна: Кога од ученичето ќе направиш прав ученик, тогаш си вистински наставник

На почеток сме од второто наставно полугодие. Период кога продолжуваме со наставните обврски, задолженија и предизвици. Ретко кои од учениците за време на распустот прочитале нешто, на пример, ние македонистите секогаш даваме лектира за распустот. Арно ама, зависноста од технологијата и од социјалните мрежи не дава простор да се земе и прелиста некоја книжна страничка. Тоа повеќе не е приоритет и не е интересно. „Кој ќе ти чита сега“ – традиционален израз. Тоа е веќе толку многу зачестено последниве години, што на прсти се бројат одговорните ученици. Треба да си писмен за да знаеш да читаш, а ние се соочуваме со катастрофална неписменост, односно имаме ученици кои не знаат ниту да читаат ниту да пишуваат, или во краен случај, напишаното не си го разбираат и не можат да го прочитаат. Значи недоволно ја научиле и совладале азбуката. Не е чудно, реално е!

И порано, во мои претходни колумни сум пишувал, а сега само ќе повторам дека писменоста на ученичето започнува во прво одделение кога ќе се соочи со неговиот прв учител, па тој процес продолжува понатаму низ годините, за кога ќе дојде во предметна настава, ученичето да биде подготвено со квалитетна стекната писмена основа, да се соочи со поголем број предмети и наставници. Описменувањето дете е најтежок образовен процес, оти сака посветена работа со секое дете, а не дигитална зависност (што се случува во виртуелниот свет), тоа настрана, затоа што на работа се знае кои се обврските и задолженијата. Деца се во прашање, кои треба да пораснат во добри личности. Ние, наставниците, сме најодговорни за описменувањето и надградувањето на знаењата и вештините на учениците. Секако, родителите мора да имаат континуирано влијание затоа што во подоцните години ќе биде доцна. Наставникот мора да биде креативен и занимлив за да може да ги привлече желбите кај детето, а на тој начин да го открие и дарот, односно талентот што го поседува и да го негува. Не постои дете кое не може да се описмени. Јасен е фактот дека денешните генерации не се многу заинтересирани ниту за учење, ниту за стекнување културни навики, ниту почитуваат, но мораме да наоѓаме начини да ги држиме во училишните клупи.

Мислам дека главен фактор што го одвлекува вниманието кај сите (млади, стари) се мобилните телефони и интернетот, а секако и вештачката интелигенција за која ќе пишувам во следен текст. Проблемите ќе се надминат ако се најде заеднички јазик со детето и со неговите родители. Затоа, потребен е разговор со детето, потребно е внимание, па дури потоа приспособување, барем денес би требало тоа да помогне, што не беше случај пред 20-ина години. Ама тоа беше друго време, а сосема различно е денес. Ученичето во шесто одделение не треба да пишува печатни и ракописни букви во тетратка за почетно пишување, ами треба цели состави, песни да пишува, задачи да решава итн. Работата на предметниот наставник е да го напредува ученичето во повисок степен на наставни интереси, а не да учи азбука во шесто одделение. Тука мислам дека сме јасни. Тоа ни се случува, за жал. Процесот на оформување: учениче – ученик е макотрпен (сака многу, многу волја и труд), а можеби и ќе остане нецелосен затоа што сите завршуваат образование, мора да завршат, па дури ќе завршат и средно и факултет. Сега веќе се отвора друга дискусија. 

Каде со тој недоволно образован кадар? Од друга страна, на телевизија и по медиумите се зборува за недостиг на кадар. И сега, што правиме? Кога веќе нема доволно соодветен кадар, или пак воопшто нема (веќе времето си го прави своето), ќе се случи и се случува несоодветни лица да бидат на работни позиции, а дел, претходно, кои биле најмногу соодветни, заминале во странство да си ја бараат егзистенцијата, но тие не се виновни. Државниот систем е виновен што дозволил квалитетните кадри да си одат од државата и на нивно место да настапат незаинтересирани за работа или во крајна мера, недоволно стручни и несоодветни, односно неписмени. Оттука, јасно е зошто не постои интерес за наставничките факултети, бројот се намалува од година на година. Наставничката професија од најблагородна станува најодбивна, но велам дека постои надеж, не е сѐ загубено. Така стојат работите со таа писмена основа за која пишувам, а која несомнено дека тргнува од основното образование. Којзнае, можеби треба да се тестираат или да донаучат факултет неискусните и вчера вработените. Можеби треба да постои некоја проверка на нивните способности за работа. Не може и не треба секој да работи со деца. За тоа треба: љубов, желба, знаење и искуство. Еден ден можеби работите ќе тргнат на подобро, оти во децата е иднината, а тие се огледало на образовниот процес.

Титулата учител, наставник, професор, гордо се носи, само кога ќе успееме од ученичето да направиме и да извадиме од школската клупа – прав ученик, одговорен, паметен, чесен и најважно – со стекнати знаења и со самостојно мислење. Таквата слика денес е исклучителна реткост, но постои. На тој начин, ако успееме да ја оствариме мисијата, значи сме ги подготвиле успешно да чекорат во зрелоста и на патот од нивниот иден професионален развој. Чест е, еден ден, кога вашиот поранешен ученик ќе ве сретне, а можеби ќе ви биде и колега, и ќе ви каже дека е успешен, односно дека тоа се должи на вас: „Вие ме научивте и благодарен сум ви што ми го покажавте правиот пат.“ Толку! Доволно е!

Автор: Александар Адамовски - професор по македонски јазик и литература и француски јазик