Нови фотографии од Антарктикот го откриваат шокантното ниво на топење на мразот

Нови фотографии од Антарктикот го откриваат шокантното ниво на топење на мразот

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Антарктикот треба да е екстремно студено место. Годишната средна температура во централниот регион на овој континент прекриен со снег е -57 Целзиусови степени, а просекот на бреговите е околу -10 Целзиусови степени.

Но на 6 февруари станицата во базата Есперанза на Антарктичкиот Полуостров - најсеверниот крај на континентот - беше евидентирана највисоката температура што некогаш била забележана на континентот, 18,3 степени.

Тоа е нов рекорд, а претходниот беше од 24 март 2015 година и изнесуваше 17,5 степени.

Последниот топлотен бран траеше околу една недела и фотографиите од Игл Ајленд, направени од сателитот „Ландсат 8“, покажуваат прилично депресивна слика од неговото влијание.

Фото: Science Alert

Малиот остров е лоциран во близина на брегот на Греамовата Земја (крај на Антарктичкиот Полуостров). Рекордно високите температури резултираа во големо топење на мразот на Игл Ајленд во морето, додека во области од централниот дел на островот е забележано екстремно брзо формирање на базени со растопен мраз.

- Не сум видел толку брзо формирање на базени од растопен снег на Антарктикот. Ваквите настани на топење се случуваат во Алјаска и Гренланд, но обично не се случуваат на Антарктикот - истакнува Маури Пелто, глациолог на колеџот „Николс“.

Тој забележува и дека изворот на овој настан на топење - истрајно високите температури кои се значително над температурата на замрзнување - не е типичен за антарктичките временски шеми. Сепак, во последно време се сè почести.

Снегот на Игл Ајленд бил стопен за повеќе од 10 сантиметри за само неколку дена - од 6 до 11 февруари.

Ова не е првиот топлотен бран оваа сезона, но е третото големо топење во летото 2019-2020 на јужната хемисфера, при што во ноември и во јануари имаше исклучително топло време.

- Aко мислите за овој настан во февруари, тој не е толку значителен. Позначително е што овие настани се сè почести - вели Пелто.

Извор: Science Alert